Папата до уметници: Убавината е потребна денес

Папата до уметници: Убавината е потребна денес

Светиот Отец во четврток 17 февруари 2022 година во аудиенција го прими движењето Ѓаконија на убавината (Diaconie de la Beauté), кое се обидува да го олесни плодниот дијалог меѓу уметниците и Црквата, а по повод нивната 10. годишнина при што истакна дека во светот во кој неретко преовладува загриженост и тага е потребна радоста на убавината.

Светото Писмо често зборува за убавината на вселената и сѐ што е во неа, што по аналогија се однесува на убавината на Создателот, забележа папата Фрањо. Нѐ потсетува и дека секој од нас по природа е повикан да биде занаетчија и чувар на таа убавина. Уметничкото дело ја комплетира, во извесна смисла, убавината на созданието, рече Папата, додавајќи дека кога е вдахновено од верата, појасно им ја открива на луѓето божествената љубов што е во нејзиниот извор.

Убавината кај секој може да го допре универзалното

Благодарение на уметниците, кои талентите дадени од Бога ги направија достапни на браќата и сестрите, изразувајќи ги на тој начин пораките на вера и евангелизација, Папата истакна дека убавината е способна да создаде заедништво.

Една од карактеристиките на уметникот е тоа што не е временски ограничен, бидејќи неговата уметност зборува на сите епохи, истакна Папата. Ниту е ограничен со просторот, бидејќи убавината може да допре до она што е универзално во секого – особено копнежот по Бог – надминувајќи ги границите на јазикот и културата. Ако е автентичен, додаде Светиот Отец, уметникот е способен да зборува за Бога подобро од кој било друг и да направи неговата убавина и добрина „да допрат до човечкото срце и во него да заблескаат вистината и добрината на Воскреснатиот“ (Evangelii gaudium, 167).

На црквата и е потребна уметноста

Светиот Отец ги поттикна уметниците внимателно да го прочитаат Писмото до уметниците на свети Иван Павле II. Во него, претходникот на папата Фрањо пишува дека за да ја пренесе пораката што и ја доверил Христос, на Црквата и е потребна уметноста. Таа мора да го направи видлив светот на невидливото, Божјиот свет и колку што тоа е можно повеќе да го преточи во разбирливи формули она што само по себе е неискажливо.

Разбирање на луѓето

Папата Фрањо ги повика присутните да ја негуваат својата уметност, да разговараат со мажите и жените на нашето време, секогаш внимавајќи да има одредено разбирање од нивна страна, бидејќи, како што истакна, неразбирливата и херметичка уметност не ја исполнува својата цел. Обидете се да го допрете она што е најдобро во нив, рече Папата и додаде: Црквата денес смета на вас дека ќе им помогнете на вашите браќа и сестри да имаат осетливо и сочувствително срце, обновен поглед на љубовта кон светот и кон другите.

Убавината е извор на радост

Во тешкиот контекст во кој се наоѓа светот, во кој понекогаш изгледа дека предност имаат конфузијата и тагата, вашето послание е понеопходно од кога било порано, истакна папата Фрањо – затоа што убавината е секогаш извор на радост, ставајќи нè во допир со божествената добрина. Ако постои убавина, тоа е затоа што Бог е добар и Тој ни ја дава, истакна Папата. Ни дава радост, не смирува, добро е за нас. Патото до Господ е да се разбудува и одржува верата. Светиот Отец ја заврши аудиенцијата со тоа што ги охрабри уметниците да продолжат со својата служба со љубов и компетентност, доверувајќи ги на застапништво на Пресвета Богородица и охрабрувајќи ги да не заборават да го повикуваат Светиот Дух за да ги вдахни.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот