Папата до сестрите салезијанки: Чувајте се од духовната световност

Папата до сестрите салезијанки: Чувајте се од духовната световност

Папата Фрањо ја посети генералната куќа на сестрите Ќерки на Марија Помошничка, кои се собраа на својот генерален капитул. Папата ги поттикна да бидат заедница која создава жени на надежта, во ова кревко и неизвесно време на пандемија која предизвика толку помор и зголемување на сиромаштвото. Ги советуваше да бидат блиску до сиромашните и младите и да бидат секогаш верни на оригиналната харизма.

Папата Фрањо ја посети генералната куќа на Ќерките на Марија Помошничка во Рим, попознати како салезијанки на дон Боско, каде го пречекаа 200 сестри кои се собраа овие денови на својот генерален капитул. Папата сакаше лично да отиде во куќата на тие монахињи кои со децении се посветуваат на апостолат помеѓу сиромашните и формацијата на младите, за да ги поздрави и да им посака успешна работа на новоизбраната поглаварка, мајка Кјара Казуоли и да се заблагодари на досегашната поглаварка сеста Ивоне Рингоат.

Папата ги охрабри сестрите, во целиот свет, во нивната служба посебно во сегашниот мултикултурен општествен контекст, обележан со тензии и предизвици кои понекогаш се драматични, како оние предизвикани со пандемијата. Ова време е кревко и неизвесно, рането од голем број облици на сиромаштво кои ги предизвика и умножи сегашната криза – напомена Папата и истакна дека е страшно што сиромаштвото се умножи; исто така сокриените сиромаштва.

Притоа посебно ги спомна големиот број добростоечки семејства или кои барем припаѓаа на средната класа, кои сега го немаат ниту најосновното за живот. Пандемијата предизивика толку помор – напомена и ги поттикна монахињите да се нурнат во таа слоевита реалност, секогаш вкоренети во Христос и најмногу никогаш да не попуштат на искушението на световноста во нејзините различни облици и модификации.

„Духовната световност“ е имено најлошото зло кое може да се случи во Црквата – истакна Папата и додаде, речиси можам да кажам дека изгледа полоша од гревот, затоа што духовната световност е оној толку генијален дух кој го одзема местото на навестувањето, го зазема местото на верата и Духот Свети. Ве молам бегајте од духовната световност. И од статусот: „Јас сум монах, јас сум монахиња.“

Тоа е најлошото што може да се случи – предупреди Папата и објасни, затоа што полека ти ја одземаат силата и наместо да бидете жени посветени на Бог, станувате „пристојни госпоѓи“. Каде има мисионерски служби, каде има служење, каде има страдање, треба да се поднесува, да се поднесувате една со друга. Свети Иван Берчманс зборувал: „Мојата најголема покора е животот во заедница.“ Потребно е многу покори за меѓусебно да се толерирате.

Лек за Богопосветените жени е креативната верност на харизмата која – како што рече папата Фрањо – е жива реалност, а не балсамирана реликвија. Тоа е живот кој создава и оди напред, а не дел од музеј. Затоа е голема одговорност монахињата да соработува во креативноста на Духот Свети за да размислува за харизмата и да направи да се покажува својата виталност во денешно време.

Светиот Отец потоа ја истакна потребата за раст на заедницата исполнета со меѓугенерациски, меѓукултурни, братски и срдечни односи затоа што – објасни, „различноста“ е пригода за прифаќање и слушање, вреднувајќи ги разликите како богаство. Во таа смисла треба да се работи во однос со другите конгрегации, настојувајќи да се живеат односи на взаемност и соодговорност.

Папата на крајот се осврна на темата на генералниот капитул која гласи: „Заедници кои создаваат животот во срцето на денешното време.“ Да се биде заедници кои создаваат, обврска е која Ќерките на Марија Помошничка треба да продолжат да ја остваруваат најмногу во служењето на сиромашните и младите. Мисионерските заедници кои излегуваат, кои се стремат кон навестување на Евангелието на перифериите со ентузијазмот на првите Ќерки на Марија помошничка. Оној впечатлив занес на првите салезијанки кои ги воодушевувале младите.

Барајте го тој мисионерски дух меѓу младите – поттикна Папата и напомена, не е лесно да се следат момчињата и девојките, а ниту адолесцентите. Тоа добро го знаат родителите, како и вие. Токму затоа во 2018 година посакав синода за младите и со младите од кои произлезе Апостолскиот поттик „Christus vivit“. Знам дека ја користите – рече, продолжете тоа да го правите; сигурен сум дека таму можете да пронајдете разни идеи во согласност со вашата харизма и вашата воспитна служба.

Спомнувајќи ја 150 годишнина од основањето на Конгрегацијата која наскоро ќе ја прославиме, Папата рече дека и таа прилика е за обнова и оживување на звањата и мисијата. Не ја заборавајте милоста на корените, понизноста и маленкоста на почетокот кои Божјото делување го направија траспарентно во животот и пораката на оние кои полни со чудење тргнаа по тој пат. Марија Помошничка ќе ви помогне; нејзини ќерки сте! – истакна Папата и ги поттикна монахињите да го донесат Христос, но не само со зборови, туку со служењето, преку близината, сочувствувањето и нежноста. Најмногу преку нежноста, затоа што е многу лоша работа лута чесна сестра, монахиња која изгледа како да не доручкувала млеко, туку оцет. Бидете мајки, и најмногу жени на надежта, секогаш во салезијански стил: со слушање, активно присуство и љубов кон младите – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот