Папата до патријархот Кирил: Да бидеме миротворци за Украина

Папата до патријархот Кирил: Да бидеме миротворци за Украина

Папата Фрањо упати велигденска честитка до рускиот православен патријарх Кирил и се помоли за украинскиот народ кој копнее за „нова зора која ќе стави крај на темнината на војната“.

„Драги брате! Нека Светиот Дух ги преобрази нашите срцата и нека нè направи вистински миротворци, посебно за Украина разурната од војна, за да стане реалност за украинскиот народ големиот воскресен премин од смрт во нов живот во Христа, кој копнее по нова зора што ќе ја заврши темнината на војната.

Овие зборови ги упати папата Фрањо во честитката до патријархот московски и на цела Русија Кирил, по повод празникот Воскресение Христово според јулијанскиот календар (24 април).

Кратката честитка на Папата беше испратена и до другите патријарси на Источните цркви, а беше објавена на веб-страницата на Руската православна црква.

Тежината на човечкото страдање

Во својата порака Светиот Отец истакна дека човештвото во моментов ја доживува „полната тежина на страдањата на нашето човечко семејство, скршено од насилство, војна и толку многу неправди“. И покрај овие страдања, напиша тој, „сè уште гледаме со благодарни срца на Господ, Кој врз себе го зеде сето зло и болка на нашиот свет“.

„Христовата смрт беше почеток на нов живот и ослободување од оковите на гревот и можност за нашата воскресна радост, отворајќи го патот за сите од сенката на темнината до светлината на царството Божјо. Папата ги повика исто така и источните патријарси да се молат еден за друг и „автентично да сведочат за евангелската порака на Воскреснатиот Христос и Црквата како универзална тајна на спасението“. На тој начин, рече тој, „сите можат да влезат во царството на правдата, мирот и радоста во Светиот Дух“.

Видео повик

Папата Фрањо последен пат директно разговараше со патријархот Кирил на 16 март преку видео повик, фокусирајќи се на војната во Украина и улогата на христијаните во промовирањето на мирот. Според директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, папата Фрањо го повикал рускиот православен патријарх да помогне во „гаснењето на пожарите“ на војната во Украина, бидејќи оние кои ја плаќаат „највисоката цена“ се војниците и цивилите кои умираат од бомбите. „Црквата не смее да го користи јазикот на политиката, туку јазикот на Исус“, истакнато е во таа прилика.

Отакажана средба

Во интервју за аргентинскиот весник La Nacion, објавено на 22 април, папата Фрањо рече дека треба да се сретне со патријархот Кирил во Ерусалим во јуни, но додаде дека средбата мора да биде откажана. „Жал ми е што Ватикан мораше да ја откаже втората средба со патријархот Кирил, што ја закажавме за јуни во Ерусалим“, рече тој. „Но, нашата дипломатија тврди дека нашата средба во овој момент може да доведе до голема забуна“.

Папата и патријархот се сретнаа лично во Хавана, Куба, во 2016 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот