Папата до новите свештеници: Бидете пастири, а не претприемачи

Папата до новите свештеници: Бидете пастири, а не претприемачи

На 58. Светски ден на молитва за звања кој се слави на Четвртата светлосна недела 25 април 2021 година, папата Фрањо го предводеше во базиликата Свети Петар литургиското славење при што ракоположи девет ѓакони за свештеници.

На новите свештеници им препорача во својот свештенички живот да ја сведочат Божјата близина, сочувствува и нежноста потсетувајќи дека „свештенството не е кариера, туку служење“.

На свеченоста на ракополагањето на кое се почитуваа епидемиолошките мерки поврзани со спречувањето на ширењето на Ковид-19, учествуваа стотина верници. Сослужуваа генералниот викар за Римската бискупија кардиналот Анџело Де Донатис, помошниот римски епископ монс. Џанпиеро Палмиери, неколку кардинали, помошни епископи, поглавари на семинаријата од кои доаѓаа ѓаконите и нивите пароси.

Папата во хомилијата им порача на кандидати за свештенство дека она што Господ го сака од нив е да бидат пастири на светиот Божји народ. Повика да се надмине речникот од поранешните времиња кога се зборувало за „црковна кариера“ додавајќи: „Тоа не е кариера, тоа е служење, исто она служење со кое Бог му служел на својот народ.“ „Свештениците мора да бидат блиски до светиот Божји народ, но пред сѐ блиски до Бог со молитвата“, порача Папата.

Вие сте соработници на епископот, рече Папата истакнувајќи ја духовната близина до епископот на кој со понизност треба да се доверуваат. На новите свештеници топло им препорача никогаш да не ги озборуваат собраќата свештеници. „Ако имаш нешто против некого, биди машко оди до него и кажи му го тоа во лице“, рече Папата преку шега додавајќи: „Не бидете озборувачи. Не озборувајте ги другите.“

Светиот Отец понатаму препорача единство: во бискупскиот совет, комисиите, во работата. „Никој од вас не студирал за тоа да стане свештеник. Сте студирале црковна наука. Вие сте избрани, земени од Божјиот народ,“ рече Папата повикувајќи ги ракоположените да не заборават од каде дошле: „од своите семејства, од својот народ. Не губете го чувството за Божјиот народ.“ Го цитираше апостол Павле кој му рекол на Тимотеј да си спомнува на својата мајка, своите баби, своите корени, накратко. „Авторот на Посланието до Евреите вели: Спомнувајте си на оние кои ви претходиле во верата,“ рече Папата упатувајќи силен повик до новоракоположените свештеници: бидете свештеници од народот, а не клерици на државата.“

Папата Фрањо ги повика новите свештеници да го „губат времето“ на слушање и утешување на другите, да бидат „делители на Божјото простување кое никогаш не се изморува да простува.“ Свештеникот мора да користи нежна, блиска семејна сочувствителност, рече Папата препорачувајќи им на свештениците да не бидат „подбуцнувачи“ и да не се впуштаат во горделива трка за пари. Повикани сте да бидете „свештеници, а не претприемачи,“ повтори Папата повикувајќи ги свештениците да не се плашат: „ако ве краси Божјиот стил, сѐ ќе биде добро.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот