Папата до младите: Потребни сте на Црквата

Папата до младите: Потребни сте на Црквата

Апостолскиот поттик „Christus vivit“ – „Христос живее”, упатен до младите и целиот Божји народ, кој папата Фрањо го потпиша на 25 март 2019 година во италијанското национално светилиште во Лорето, е презентиран во вторник 2 април во Ватикан.

Документот, кој е плод на XV. редовна Епископска синода за млади одржана од 2 до 28 октомври 2018 година во Ватикан, на тема: Млади, вера и распознавање на звањето“ е поделен во девет глави и 299 статии. Документот има 60 страници и ја анализира реалноста на младите и ги повикува својата младост да ја доживуваат со помош на Христовото пријателство.

„Бог ве љуби, потребни сте на Црквата“, истакнува Папата и признава дека документот го напиша со богатството на размислувањата и дијалогот на синодата за млади и дека насловот на поттикот „Christus vivit“ – „Христос живее” е синтеза на тие размислувања и позитивната порака со која апостолскиот поттик сака да ги поттикне и охрабри младите да станат свесни дека Христос е нашата надеж и најубавата младост на овој свет.

„Првите зборови од поттикот сакам да ги упатам до сите млади христијани дека Христос живее“, истакнува Папата. Во првото поглавје објаснува што им зборува Словото Божјо на младите, а во второто истакнува дека Христос постојано е млад, а Црквата е млада додека се однесува според Христовата замисла и ги анализира чувствата на младите кон Црквата. Во третото поглавје од поттикот Папата потенцира дека младите не ја претставуваат само Божјата иднина, туку и сегашноста. Заради тоа треба и да се слушаат и да се избегнуваат вообичаените одговори и рецепти, гледајќи во нив позитивна страна, затоа што се способни да најдат патишта, каде што другите само гледаат пречки.

Осврнувајќи се на идеолошката колонизација за сексуалноста, Папата наведува дека на тој начин на сиромашните земји сака да се наметне западниот начин на живот во замена за економска помош, нанесувајќи на тој начин големи штети на младите и предупредува на опасноста од дигиталните мрежи.

Со посебно внимание треба да се гледа на младите доселеници. Папата во поттикот се соочува со злоупотребите и потребата за обнова на Цкрвата. Во четвртото поглавје изнесува три големи вистини: Бог те љуби, Христос те спасува и Христос живее. Во петтото поглавје ги повикува младите да не попуштат пред немирите и копнежите, затоа што најубавите соништа се остваруваат со надеж, трпение и настојување без брзање. Потребно е секогаш да се биде поврзан со Христос и да се биде отворен кон другите. Во шестото поглавје истакнува дека младите мора да останат поврзани со претходните генерации, а во седмото се осврнува на потребата од соодветно душегрижништво, кое мора да се биде проследено со почит на нивната слобода. На крајот се поглавјата за звањата и потребата од распознавање на истите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот