Папата до младите: Останете поврзани со Исус

Папата до младите: Останете поврзани со Исус

Бидете протагонисти на промените во земјата и Црквата така што ќе останете „поврзани“ со Христос правејќи го она што Тој би го правел да е на ваше место – ги охрабри папата Фрањо младите Чилеанци со кои се сретна на 17 јануари 2018 година во националното светилиште „Маипу.“

Бидете протагонисти на промените во земјата и Црквата така што ќе останете „поврзани“ со Христос правејќи го она што Тој би го правел да е на ваше место – ги охрабри папата Фрањо младите Чилеанци со кои се сретна на 17 јануари 2018 година во националното светилиште „Маипу“ во Сантијаго посветено на Пресвета Богородица Кармелска. Папата на младите им рече дека сака да ѝ помогнат на Црквата така што ќе бидат верни на Евангелието и приближувајќи се до Исус.

Користејќи ја сликата за мобилен телефон на кој му откажува батеријата и ја губи врската со интернетот, Светиот Отец на младите сакаше да им објасни како да останат поврзани со Христос кога верата започнува да слабее. Без врската со Исус – рече Папата – завршуваме со давење во своите мисли и идеи, во своите соништа и својата вера, станувајќи така фрустрирани и уништени, а нашите срца ќе започнат да се колебаат. Но, никогаш не помислувајте дека немате што да понудите или дека на никој не му е дојдено до вас – истакна папата Фрањо наведувајќи ги зборовите на свети Алберт Хуртада кој рекол дека ѓаволот е тој кој прави да се чувствуваме безвредни.

Папата рече дека учениците на свети Иван Крстител го следат Исус затоа што сакале „врската“ да им помогне да го одржат жив пламенот во нивните срца. Сакале да дознаат како да ја наполнат батеријата на своето срце. Тие ја барале лозинката за да се поврзат со Оној Кој е Вистината, Патот и Животот – рече Светиот Отец нудејќи им ги како лозинка зборовите на свети Алберт Хуртада: „Што би направил Исус да е на моето место?“

Тоа прашање младите можат да си го постават во училиштето, на универзитетите, кога се надвор, дома, меѓу пријателите, на работа, кога ги исмеваат и потсмеваат. Исус е лозинката, изворот на енергијата кој го напојува нашето срце, ја запалува нашата вера и прави нашите очи да блескаат – рече папата Фрањо и продолжи: А единствениот начин да не ја заборавиме лозинката е да ја користиме секогаш одново, ден по ден. Ќе дојде време кога, а да не забележиме, нашите срца ќе чукаат како Исусовото и ќе живееме како што Исус живеел.

Папата потоа на младите Чилеанци им понуди неколку евангелски примери за наследување. Тој ги поттикна да бидат млади Самарјанци кои никогаш нема да поминат покрај некој кој лежи покрај патот. Тој им рече да бидат како Симеон Киринеецот помагајќи му на Христос да го носи неговиот крст и ублажувајќи го страдањето на браќата и сестрите. Бидете како Закхеј кој се свртува од материјализмот кон солидарноста; бидете како Марија Магдалена, ревносно барајќи ја љубовта која единствено во Исус ги наоѓа потребните одговори; имајте срце како Петар за да можете да ги оставите своите мрежи покрај езерото; имајте ја љубовта на Иван насочувајќи ги сите свои чувства кон Исус; имајте ја отвореноста на Марија за да можете да пеете од радост и да ја вршите Божјата волја – рече на крајот Светиот Отец на младите поттикнувајќи ги уште еднаш да не ја заборават својата лозинка.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот