Папата до министрантите од целиот свет: Бидете мисионери

Цвеќиња, музика, сведоштва и молитви на многу јазици: во таква атмосфера, дванаесет илјади министранти, учесници на единаесетото меѓународно поклонение, го очекуваа со нетрпение папата Фрањо на аудиенцијата одржана во доцните попладневни часови на 4 август на плоштадот Свети Петар.

Мотото на средбата беше: „Еве ме, испрати ме мене“ (Исаија 6,8), инспирирано од зборовите на пророкот Исаија. Папата им го посочи на министрантите пророкот Исаија како нивен модел на служење и доверба во Божјите раце и близината до олтарот на Евхаристијата како „обука и воспитување во верата и љубовта кон ближниот.“

Младите министранти, со шарени знамиња и шалови од три континенти и дваесет земји дојдоа во срцето на универзалната Црква, за да станат посилни во нивното служење. Бело шалче, симбол на мирот, беше подарено од украинско момче на Папата, кој веднаш уште со пристигнувањето си го стави на рамењата. Заедно пееја за радоста од служењето на Црквата и за време на Вечерната молитва. И заедно со Папата се помолија на различни јазици, Бог да ги испрати како амбасадори на Неговото милосрдие, како Исаија во Библијата кој го инспирираше ова поклонение.

Министрантите, како и пророкот, рече Папата Фрањо, „мали и слаби, но со помош на Исус, облечени со сила, подготвени да појдат на големото патување на животот“: „И пророкот Исаија ја открива таа вистина, кога Бог ги очистува неговите намери, му ги простува гревовите, му го лекува срцето и го подготвува за извршување на важната мисија, да го донесе до луѓето словото Божјо, претворајќи го во средство на присуството на Бог и на Божјата милост. Исаија открива дека, доверувајќи се со вера во Божјите раце, целото негово постоење се трансформира.“

„Исто како Исаија, така и вие, го откривате бескрајното величие на Бог, кој нè создал, но и тоа дека Тој секогаш го прави првиот чекор поблиску до нас, трпелив, во очекување на одговор. „Вие сте посреќни од пророкот,“ забележа Папата.

„Во Евхаристијата, како и во другите свети тајни, испитувајте ја интимната блискост на Исус, нежноста и користа од Неговото присуство. Не чекајте го Исус на недостижен, висок престол, туку во евхаристискиот леб и вино.

„Министранти мисионери – такви ве сака Исус!“, извика Папата. „И колку сте поблиску до олтарот, толку почесто ќе се сеќавате да разговарате со Исус во својата молитва, ќе се храните од Словото и Телото Господово и ќе бидете уште повеќе во можност да отидете кај ближниот, носејќи му го, оној дар кој сте го добиле“.

„Ви благодарам за вашата посветеност да служите на олтарот на Господ, претворајќи го Вашето служење воспитување во верата и љубовта кон ближниот. Ви благодарам за тоа што вие сте почнале да Му одговорате на Бог, како пророкот Исаија: „Еве ме, испрати мене“(Исаија 6,8).

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот