Папата до кинеските католици: Верата ја менува историјата

Папата до кинеските католици: Верата ја менува историјата

Во пораката до кинеските католици и општата Црква папата Фрањо ги толкува причините кои доведуваат до потпишувањето на Привремениот договор со Народна Република Кина, а тие се промовирање на навестувањето на Евангелието и постигнување на единство на католичките заедници.

Пораката Папата ја започнува со охрабрување до кинеските католици кои – како што истакнува – секојдневно се присутни во неговите молитви и потсетува на Исусовите зборови, како што веќе направи Бенедикт XVI во писмото од 27 мај 2007 година: „Не бој се, мало стадо!“ (Лк 12, 32)

Вртологот од мислења кој создаде збунетост и двоумења

Забележувајќи веднаш на почетокот дека во последно време кружат бројни спротивставени гласови за сегашната состојба на католичките заедници во Кина, посебно за нивната иднина, Папата напомена дека е свесен дека таквиот вртолог на мислења и проценки создал не мала збунетост, пробудувајќи во голем број срца спротивставени чувства.

Кај некои се појавило двоумење и збунетост; некои пак имаат чувство дека Светиот Престол ги напуштил, и истовремено си поставуваат прашање за вредноста на нивното страдање кои го поминале живеејќи во верност на Петровиот наследник. Кај многумина напротив преовладуваат позитивни очекувања и размислување поттикнато од надежта за помирна иднина за плодно сведочење на верата на кинеската земја. Таквата сосотојба – според зборовите на Папата – уште повеќе ја засили Привремениот договор помеѓу Светиот Престол и Народна Република Кина за именувањето на епископите, која минатите денови е потпишан во Пекинг.

Кинеските католици, сведоци на Евангелието сѐ до жртвувањето на животот

Папата Фрањо потоа го изрази своето искрено восхитување кое – како што напомена – ја восхитува целата католичка Црква, за дарот на верноста на кинеските католици, истрајноста во искушенијата и вкоренетата доверба во Божјата Провидност, па и тогаш кога одредени настани биле посебно неповолни и тешки. Таквите болни искуства припаѓаат на духовното наследство на Црквата во Кина и на целиот Божји ходочаснички народ на земјата – рече Папата и додава дека Господ токму преку искушенијата нѐ исполнува со својата утеха и нѐ подготвува за поголема радост. Освен тоа, ги повика сите луѓе да го свртат погледот на примерот на бројните верници и пастири кои не се двоумеле да го следочат Евангелието сѐ до дарувањето на сопствениот живот.

Дијалог кој го започнал свети Иван Павле II, а кој Бенедикт XVI го продолжил

Папата потоа објаснува дека Привремениот договор е резултат на долг и слоевит институционален дијалот на Светиот Престол со кинеските власти, кој го започнал свети Иван Павле II, а кој Бенедикт XVI го продолжил. На тој пат Светиот Престол сакал и сака да ги оствари духовните и пасторалните цели на сопствената Црква односно да го поддржи и промовира навестувањето на Евангелието, и да постигне и да го сочува полното и видливо единство на католичките заедници во Кина.

Прашањето за именувањето на епископите

Најпрво беше важно соочувањето со прашањето за епископските именувања – објаснува Папата. Имено сите знаат дека недамнешната историја на Католичката Црква во Кина беше за жал обележана со големи тензии, рани и поделби кои се однесуваа главно на ликот на епископот како чувар на автентичноста на верата и гарант на црковното заедништво. Кога во минатото сакало да се одредува и животот внатре во Католичките заедници се наметнува директен надзор надвор од легитимните надлежности на државата, во Црквата во Кина се појавува потајност.

Ги молам „помирените“ епископи повторно пронајденото единство да го изразат со видливи гестови

Папата Фрањо потоа напоменува дека го утешила искрената желба на кинеските католици својата вера да ја живеат во полното заедништво со општата Црква и со Петровиот наследник, вклучувајќи ги и епископите кои го раниле заедништвото со Црквата заради слабост и грешки, но често и заради силниот и незаслужен притисок од надвор.

Заради тоа откако внимателно го разгледал секој случај посебно, слушнал повеќе мислења и после долго размислување и молитва, барајќи го вистинското добро на Црквата во Кина, одлучува да го одобри помирувањето на преостанатите „службени“ епископи кои се ракоположени без папски мандат и повторно ги прима во полно црковно заедништво. Истовремено ги молам преку конкретни и видливи гестови да го покажат повторно пронајденото единство со Апостолскиот Престол и со Црквите ширум светот и да им останат верни и покрај тешкотиите – истакна Папата.

Прегрни го оној кој признал дека згрешил

Затоа повикот до сите кинески католици е да бидат „создатели на помирувањето“, свесни дека нема ниту закон, ниту заповеди кои на Бог можат да Му пречат за да го прегрне детето кое Му се враќа признавајќи дека згрешил, но и одлучно да започне од почеток. Во тој дух – рече Папата – може да се отвори нов пат кој се надевам ќе помогне за да се зацелат раните од минатото и да се воспостави полното заедништво меѓу сите кинески католици.

Изборот на епископите

Привремениот договор иако се ограничува на некои аспекти од животот на Црквата – објасни потоа Папата – и иако неопходно може да се усоврши може од своја страна да исполни нова страница на Католичката Црква во Кина. Тој прв пат воведува постојани компоненти за соработка помеѓу државните власти и Апостолскиот Престол со надеж дека на католичката заедница ќе им загарантира добри пастири.

Во таа смисла Светиот Престол има намера во целост да го оствари делот за кој е надлежен, но и вие епископите, свештениците, богопосветените лица и верниците лаици имате важна улога: заедно да го барате доброто на кадидатите кои се во состојба да ја преземат во Црквата чувствителната и важна епископска служба – рече папата Фрањо и додаде дека не станува збор за именување на службеници за управување на религиски прашања, туку за вистински пастири ангажирани во великодушното служење на Божјиот народ, а посебно на сиромашните и најслабите.

Апел до младите кинески католици

Светиот Отец се обраќа и до младите кинески католици и ги поттикнува на соработка во градењето на иднината на земјата и на сите со ентузијазам да ја носат радоста на Евангелието, надминувајќи ги личните предрасуди и спротивставености меѓу групите и заедниците за да започнат храбро и братско одење во светлината на вистинската култура на средба.

Верниците од целиот свет нека ги придружуваат со молитва католиците во Кина

Католиците во целиот свет папата Фрањо пак ги повика со силна молитва и со братско пријателство да ги придружуваат нашите браќа и сестри во Кина. Тие имено треба да почувствуваат дека на патот кој во овој момент се отвора пред нив не се сами.

Да се продолжи со доверба дијалогот со кинеските власти

Папата со почит се обрати до оние кои ја водат Народна Република Кина и повторно упати повик со доверба, храброст и долгорочно да го продолжат дијалогот кој одамна е започнат за да се надминат спротивставеностите од минатото, па и неодамнешните за да се напише страница на мирна и конкретна соработка со заедничко уверување дека „неразбирањето не користи, ниту на кинеските власти ниту на Католичката Црква во Кина“ (Бенедикт XVI, Писмо до кинеските католици, 27 мај 2007, 4) – рече папата Фрањо наведувајќи ги зборовите од писмото на Бенедикт XVI до кинеските католици од 2007 година.

На тој начин Кина и Апостолскиот Престол ќе можат да промовираат интегрален развој на општеството, гарантирајќи поголемо почитување на луѓето и на религиското подрачје – истакна Папата и напомена исто така дека треба да се научи нов стил на едноставна и секојдневна соработка помеѓу локалните и црковните власти – епископите, свештениците и старите луѓе во заедниците за да се загарантира уредно вршење на пасторалните активности, во согласност со оправданите очекувања на верниците и одлуките во надлежност на властите. Црквата во Кина не е одвоена од кинеската историја, ниту бара некакви привилегии – вели во пораката папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот