Папата до Каритас: Бидете прегратка на Црквата

„Не уморувајте се да бидете милосрдната прегратка на Господ, преку раката на неговата Црква“. Тоа е повикот на папата Фрањо упатен до учесниците на состанокот на италијанските бискупски Каритас организации,одржан во Рим.

Папата ги охрабри присутните да се стремат да ги избришат причините за сиромаштијата, за да се избегне социјалната исклученост.„Сиромашните се силен предизвик на Бог за Црквата, за да може таа да расте во љубовта и посветеноста“, истакна Папата, сумирајќи го секојдневното служење на „Каритас“ во италијанските епархии. Пред сè, Папата потсети дека во сиромашниот можеме да го согледаме присуството на Христос. Затоа, „секогаш треба да се одговара на најдобар можен начин на Господ, кој ни доаѓа во пресрет преку лицата и приказните на повеќето сиромашни наши браќа и сестри“:

„Тој стои на вратата на нашето срце, нашите заедници, и очекува некој да одговори на неговото дискретно и упорно „чукање“: го очекува милосрдието, односно милосрдната прегратка на Господ, преку раката на неговата Црква. Прегратка, која се покажува во нежноста и близината на Отецот“.

Нека вашето милосрдие биде конкретно и компетентно, лично, но исто така и колективно; веродостојно со евангелското сведоштво, но исто така и отворено за сите, загрижено да ги повикува малите и сиромашните да земат активно учество во заедницата“, повика Папата.

Светиот Отец потсети дека семејството е лулка на милосрдието и охрабри да се надмине секое искушение за кратка и спорадична солидарност, преку секојдневното присуство во корист на сиромашните. Оттука Папата го насочи вниманието над главната цел на активностите на Каритас:

„Пред предизвиците и спротивностите на нашето време, Каритас има тешка, но главна задача за да направи милосрдното служење да стане обврска на секој од нас, односно целата христијанска заедница да стане субјект на милосрдието. Затоа основна цел на вашето постоење и делување е да бидете поттик и душа, за да може целата заедница да зајакнува во милосрдието и да успее да најде секогаш нови патишта, за да биде поблиску до сиромашните, способна да одговори и да се справи со ситуациите кои угнетуваат милиони браќа во Италија, Европа и во светот“, истакна папата Фрањо.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот