Папата до ватиканските вработени: Вашата работа нека биде придонес за мирот

Папата до ватиканските вработени: Вашата работа нека биде придонес за мирот

Папата, по повод Божиќ, во салата Павле VI. се сретна со вработените во службата на Ватикан и им се заблагодари за нивната работа, посакувајќи им на нивните семејства мир по пандемијата. Посебни размислувања упати на младите за да сфатат дека кризите се чекори за растење

Смиреност и подготвеност да бидат сведоци и творци на мирот – ова е двојната желба што папата Фрањо им ја посака на вработените во Ватикан кои во четврток 22 декември 2022 година ги прими во салата Павле VI, во традиционалната аудиенција пред Божиќ.

Пандемијата остави белег, треба да се опоравиме

Првото чувство кое Папата го изрази беше благодарност до нив за нивното присуство и благодарност кон Господа. Имено, потребно е да потсетиме дека со негова помош ја надминавме критичната фаза на пандемијата – истакна Светиот Отец. Во деновите на затворање, нетрпеливо чекавме повторно да можеме слободно да се движиме, а потоа, кога тоа се случи, заборавивме на сè и можеби не му благодаревме на Бога што успеавме да надминеме одредени повеќе или помалку големи проблеми што се појавија во најтешкото време – истакна папата Фрањо и напомена дека пандемијата оставила свој белег на сите нас, во животот на луѓето, во односите, во мирот на семејствата.

Затоа денес пред се ви посакувам смиреност; на секој од вас и на вашите семејства. Смиреноста не значи дека сè оди добро, дека нема проблеми и тешкотии. Не, не значи тоа. Ова ни го покажува Светото семејство на Исус, Јосиф и Марија.

Смиреноста не значи дека нема проблеми

На Марија и Јосиф секако не им недостасувале неволји и тешкотии – додаде Петровиот наследник – но имаа смиреност што доаѓаше од Бога и од свеста дека се во неговата волја, дека заедно ја бараат, во молитвата и взаемната љубов.

Тоа е она што ви го посакувам: секој од вас да има вера во Бога и во семејствата да владее едноставност во довербата во неговата помош, да се молиме да му благодариме. Посакувам мир посебно за вашите деца, момчиња и девојчиња, затоа што затворањето силно ги погоди, насобра многу напнатост. Ова е нормално и неизбежно. Но, не смееме да го игнорираме; потребно е да се размислува, да се обидеме да разбермее, бидејќи не е можно подобро да се излезе од кризата преку магија; мораме да работиме на себе, мирно и трпеливо.

Кризите се чекори за растење; затоа, добро е тоа да го сфатат и младите – забележа Папата.

Градењето мир бара посветеност на сите

По смиреноста, втората желба на Папата беше тие да бидат конкретни сведоци и творци на мирот. Имено, денес сме посебно повикани да го дадеме нашиот придонес за мир.

Ова има посебно значење за нас кои живееме и работиме во Ватикан. Не затоа што оваа мала земја, најмалата на светот, има посебна специфична тежина, не поради тоа; туку затоа што Го имаме Господ Исус Христос за Глава и Учител, кој нѐ повикува да го обединиме нашето скромно секојдневно посветување со неговото дело на помирување и мир.

Да избегнуваме озборувања

Ангажирањето треба да започне од средината во која живееме, од односот со колегите или дома, со пријателите или во нашите парохии.

На пример, избегнувајте да зборувате лошо за другите зад нивниот грб. Кога само тоа би го правеле би биле миротворци насекаде… Ако нешто не е во ред, да разговараме директно со конкретниот човек, со почит и искрено. Да не се правиме дека се е во ред, а потоа да го озборуваме пред другите. Да настојуваме да бидеме искрени и чесни.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот