Папата донира за плажа за лица со посебни потреби

Папата донира за плажа за лица со посебни потреби

Папскиот делител на милостина, монс. Конрад Крајевски, од името на Светиот Отец дарува парична сума на асоцијацијата „Свети Луиџи Гонзага – Дело на Љубовта”, со која ќе се плати годишната претплата за плажата за лица со посебни потреби, која се наоѓа во Фочене, во близина на Рим. Донацијата беше прифатена со ентузијазам и огромна радост од вработените и волонтерите на организацијата која се грижи за одржување на плажата, која пак е на располагање на сите луѓе со посебни потреби.

Донацијата ќе ги покрие трошоците за годишната претплата на плажата, која го носи името „Богородица”, која е отворена за сите, бидејќи има услови за соодветен прием на лицата со посебни потреби, како поради својата инфраструктура, така и поради специјализираниот кадар.

Плажата на асоцијацијата „Свети Луиџи Гозага” е отворена пред шест години и за неа се грижат пред сè волонтери, но исто така и медицински и стручен персонал од Италијанската федерација за Параолимписко пливање, која според потребите на секој човек, обезбедува соодветни алатки за да се обезбеди пријатен и безбеден престој на плажата. Целата инфраструктура е опремена со патеки кои овозможуваат на посетителите самостојно да стигнат до секоја од понудените услуги (бар, соблекувална, тоалети, тушеви…), но исто така и со платформи кои овозможуваат самостоен пристап до чадори и специјалните салони, со можност да се дојде дури до брегот или морето. Плажата е отворена во текот на целата летна сезона од 9 до 19 часот во сите денови од неделата, а сите приходи од посетителите се реинвестираат во проектот, чија цел е градење на „плажа без архитектонски или психолошки бариери, каде сите ќе можат да уживаат во морето“.

Покрај паричната сума за трошоците за годишната претплата, папата Фрањо испрати и порака во која го дава својот апостолски благослов на волонтерите и на посебен начин на луѓето со посебни потреби, како и до нивните семејства.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот