Папата: Да се запрашаме дали Бог плаче заради мене

Папата: Да се запрашаме дали Бог плаче заради мене

Да се чуваме од трчање за фантазии и лажни идоли, единствено Бог нѐ љуби како татко и секогаш нѐ чека – истакна Папата на светата Литургија на 30 март 2017 година во капелата на домот Света Марта.

Коментирајќи го првото читање од Книгата Исход, Папата ја истакна Божјата љубов кон својот народ. И денес би било добро да се запрашаме, дали се оддалечуваме од Бог, трчајќи по идоли и световност.

Бог го сонувал својот народ, а народот го изневерил. Поаѓајќи од првото читање, Папата зборуваше за „Божјите соништа и разочарувања.“ Народот е „Божји сон. Бог сонувал затоа што љубел.“ Народот пак ги издава соништата на вечниот Отец и затоа Бог „започнува да чувствува разочарување,“ на Мојсеј пак му вели да слегне од гората, каде што бил за да ги прими Заповедите. Народот немал трепение да го чека Бог 40 дена. Направиле златно теле за да можат да се веселат, а го заборавиле Бог кој ги спаси – рече Папата.

Пророк Варух „има една реченица која добро го отсликува овој народ: „Вие го заборавивте вечниот Бог, Кој ве храни.“ Заборавање на Бог кој нѐ создал, подигнал и нѐ следи во животот, тоа е Божјо разочарување. А во Евангелието, Исус во параболите често зборува за човекот кој насадил лозје и не успева, затоа што работниците сакат да го присвојат. Секогаш тој немир во човечкото срце. Не е задоволен со Бог, со верната љубов. Човечкото срце секогаш се потпира на неверност. А тоа е вистинско искушение – рече Папата.

Бог преку пророкот го укорува народот, кој не е упорен, не знае да чека, кој се изопачил, се оддалечил од вистинскиот Бог и бара друг. Бог е разочаран од неверството на народот… И ние сме Божји народ, добро знаеме какво ни е срцето и затоа секогаш треба да го обновуваме одот за полека да не се одвлечеме кон идолите, фантазиите, световноста, кон неверноста. Уверен сум дека денес би ни користело размислувањето за разочараниот Бог: Кажи ми, Господи дали си разочаран од мене? Заради нешто, сигурно не си. Треба да размислиме и да си го поставиме тоа прашање – поттикна Папата.

Бог има меко срце, татковско срце – рече Папата и потсети како Исус плачеше над Ерусалим. Да се запрашаме дали Бог плаче заради мене, дали од мене е разочаран, и дали сум се оддалечил од Него? Колку идоли имам од кои не можат да се одречам, чиј роб сум? Денес да размислуваме за ова разочарување на Бог ,Кој нѐ создаде од љубов, а ние одиме да бараме љубов, благосостојба, одиме на други страни, а не во неговата љубов – рече Папата додавајќи:

Се оддалечуваме од својот Бог, Кој нѐ подигнал. Во Великиот пост да размислуваме за тоа. Тоа ќе ни користи. Секој ден треба да ја испитуваме совеста: Господи многу си ме сонувал, а јас се оддалечив; кажи ми како и каде би можел да се вратам. Ќе се изненадиме кога ќе видиме дека Бог секогаш нѐ чека, како таткото што го чека блудниот син. Бидејќи го чекал го видел од далеку како доаѓа – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот