Папата: Да престанеме да бидеме лицемерни христијани

Папата: Да престанеме да бидеме лицемерни христијани

За време на Генералната аудиенција во салата Павле VI, папата Фрањо продолжи со катехезите за Делата на светите апостоли, осврнувајќи се на темата за потполно заедништво во заедницата на верниците.

Да престанеме да бидеме лицемерни верници и да дозволиме преобраќањето да ги зафати нашите џебови – рече Папата во катехезата на Генералната аудиенција во среда 21 август 2019 година во салата Павле VI во Ватикан. Христијанската заедница е родена по вдахновение на Светиот Дух и расте благодарејќи на квасецот на меѓусебното делење меѓу браќата и сестрите во Христос – рече папата Фрањо и истакна: Постои динамизам на солидарност кој ја гради Црквата како Божјо семејство во која центар е искуството на коинонијата. Тоа е грчки збор кој значи заедништво, сѐ да се стави на располагање, да се биде како заедница, а не изолирани.

Тоа е искуството на првата христијанска заедница која настојува работите да бидат заеднички, да се делат заедно, да се комуницира, а не да се изолира – рече Светиот Отец и потсети: Во првата Црква таа коинонија, таа заедница се однесува пред сѐ на учество во Христовото тело и крв. Заради тоа кога се причестуваме велиме дека меѓусебно комуницираме, влегуваме во заедништво со Исус и од тоа заедништво со Исус, доаѓаме во заедништво со браќата и сестрите. Тоа заедништво преку телото и крвта Христови, кои се остваруваат во светата Литургија, се претвора во братско заедништво, а потоа и во она што е за нас најтешко: да се стават на заедничко располагање своите добра и да се соберат пари за мајката Црква во Ерусалим и другите Цркви (Римјаните 12,13; 2 Коринтјаните 8-9).

Ако сакате да знаете дали сте добри христијани морате да молите, да се обидете да се исповедите и причестите; но знак дека вашето срце е преобратено е кога преобраќањето доаѓа до вашиот џеб, односно таму каде се гледа дали некој е великодушен кон другите, им помага на најслабите и најсиромашните, колку всушност го интересираат само неговите интереси – рече Папата и нагласи: Кога преобраќањето ќе дојде до таму, бидете сигурни дека тоа е вистинско преобраќање. Ако останува само на зборови и гестови, тоа не е добро преобраќање.

Евхаристискиот живот, молитвата, проповедувањето на апостолите и искуството на заедништво од верникот прават повеќето луѓе да имаат, велат Делата на светите апостоли, едно срце и една душа и не го сметаат за своја сопственост она што го поседуваат, туку сѐ држат во заедништво (Дела 4,32) – рече Папата и продолжи: Таквиот великодушен модел ни помага да бидат великодушни, а не скржави. Поради таа причина меѓу нив никој не бил во потреба, затоа што оние кои поседувале полиња и куќи, ги продавале, приходите од она што го продавале ги донесувале и ставале пред нозете на апостолите, а потоа се делело на секој според неговите потреби (Дела 4,34-35).

Црквата секогаш го имала тој христијански гест на откажување од работи со кои изобилувале и кои не биле толку неопходни, како би ги делела со оние кои се во потреба – рече Светиот Отец и додаде: Тоа не биле само пари, туку и сопственото време. Колку христијани денес во Италија волонтираат. Тоа е заедништво, да се подели своето време со другите, да се помогне на другите на кои им е потребно. Тоа е доброволно ангажирање за добро на другите, дела на милосрдна љубов, да се посетат болни. Тоа значи секогаш да се дели со другите и да не се бара само својата корист.

Заедница или заедништво, коинонија, тој грчки збор станува сосема нов начин на однос меѓу Господовите ученици – рече папата Фрањо и истакна: Христијаните отвораат нови начини до таа мера што паганите гледајќи ги зборувале: Гледајте како се љубат! Љубовата била начин на постоење. Но тоа не била лажна љубов со зборови, туку љубов со дела; помагање еден на друг и конкретна љубов. Врската со Христос воспоставува врска меѓу браќата кои одат заедно и се искажува и преку заедништвото на материјалните добра. Преку љубезноста, заедништвото и меѓусебната љубов доаѓа знакот до џебовите, ја ослободува зависноста од парите како би ги даделе на другите.

Тој знак оди против сопствените интереси – рече Папата и напомена. Да се биде член на телото Христово ги прави верниците да бидат соодговорни едни за други. Тоа е нешто, за кое не мислиме секогаш. Тоа што веруваме во Исус, сите нѐ прави да бидеме одговорни за другите. Можеби некоја личност има проблем и ги доживува во своето семејство, но ние не можеме да кажеме дека тоа е само негов проблем, туку мораме да молиме, да мислиме на тоа и да не бидеме рамнодушни. Тоа значи да се биде христијанин. Затоа силните ги помагаат слабите и никој не доживува огорченост која го понижува и омаловажува човечкото достоинство, затоа што тие го живеат тоа заедништво. Тоа значи да се има заедничко срце и да се љуби еден со друг. Тоа е конкретен знак на љубов.

Јаков, Петар и Иван, тројцата апостоли, столбови на Црквата во Ерусалим, заедно одлучиле Павле и Варнава да ги евангелизираат паганите, додека тие ќе го навестуваат Евангелието на Евреите, а од Павле и Варнава барале само да не ги заборават сиромашните (Галатјаните 2,9-10) – рече Светиот Отец и додаде: Но не само материјално сиромашните, туку и духовно; луѓето кои имаат проблеми и на кои им е потребна нашата близина. Христијанинот секогаш поаѓа од себе, од своето срце и се приближува кон другиот како што Исус се приближи на нас. Тоа е првата христијанска заедница.

За конкретен пример за заедничко делење и заедништво на добрата ни сведочи Варнава – рече папата Фрањо и продолжи: имаше нива, која ја продаде парите ги предаде на апостолите (Дела 4,36-37). Но покрај неговиот позитивен пример се појави и друг, негативен. Ананија и неговата жена Сапфира, продавајќи некоја земја, одлучиле на апостолите да им предадат само еден дел, а другиот да го задржат за себе (Дела 5,1-2). Таа лага го прекинува ланецот на бесплатно меѓусебно делење, меѓусебно мирно и делење без корист, чиј што последици биле кобни (Дела 5,5.10).

Свети Петар ја разоткри некоректноста на Ананија и неговата жена и рече: „Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да утаиш дел од земените пари за нивата? Ти не излага луѓе, туку Бога!” (Дела 5,3.5) – цитира Папата и објасни: Можеме да кажеме дека Ананија го лажеше Бог поради изолираната и лицемерна совест, односно преговорачка, делумна и опуртунистичка припадност кон Црквата. Лицемерието е најголемиот непријател на на христијанската заедница и христијанската љубов. Тоа значи да се преправаме дека се љубиме едни со други, а всушност ја бараме само својата корист.

Имено, да не се биде искрен во меѓусебното делење, или да не се биде искрен во љубовта, значи да се негува лицемерие, оддалечување од вистината, да се стане себичен, да се угаси огнот на заедништво и да се претвори во лед на внатрешна смрт – рече Светиот Отец и објасни: Оние кои така се однесуваат минуваат низ Црквата како туристи. Има многу туристи во Црквата кои секогаш поминуваат, но никогаш не влегуваат во Црквата. Тоа е духовен туризам, кој ги залажува да веруваат дека се христијани, а всушност се само туристи кои поминуваат низ катакомбите. Во Црквата не смееме да бидеме туристи, туку едни на други бараќа.

Животот кој се темели само на заработка и корист е на штета на другите, неминовно предизвикува внатрешна смрт. Колку луѓе се сметаат блиски на Црквата, пријатели на свештеници и епископи, а всушност го бараат само својот интерес. Колку ли само има лицемерие кое ја уништува Црквата. Да го молиме Господ врз сите нас да го излие Светиот Дух на нежност, да го победи секое лицемерие и да го направи делотворно за вистината, која поттикнува христијанска солидарност која не е само социјална помош, туку израз на неотуѓивата природа на Црквата, нежна мајка на сите, посебно на најсиромашните – рече на крајот папата Фрањо.

Денешната аудиенција ја анимираше една болна девојка, која привлече внимание играјќи на бината и шетајќи просторот пред папскиот престол во салата Павле VI. Папата Фрањо ѝ посвети неколку мисли на италијански јазик, при поздравувањето на поклониците

Сите ја видовме оваа девојка која е убава, но е погодена од една болест. Ќе прашам нешто, но секој нека си одговори во своето срце: Дали, гледајќи ја, се помолив на Господ да ја оздрави и да ја чува? Дали се молев за нејзините родители и за нејзиното семејство? Секогаш кога ќе видиме некој кога страда, мораме да молиме. Оваа ситауција нека ни помогне секогаш да си го поставуваме тоа прашање: Дали молев за тој човек кога го видов дека страда? – рече Папата и на крајот, потсетувајќи на споменденот на свети Пио X, ги поттикна присутните да одат во пресрет на Исус Христос, слушајќи го неговото Евангелие и правејќи добри дела. При тоа на сите им посака на тој пат да ги помага Светиот Дух.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот