Папата: „Да не се љуби“ е првиот чекор кон убиство

Папата: „Да не се љуби“ е првиот чекор кон убиство

Никој не може да мисли дека е добар затоа што на никој не му прави ништо лошо.

Ако убиеш значи да уништиш, укинеш, отстраниш, тогаш да не убиеш значи да негуваш, вреднуваш, вклучуваш и простуваш – рече папата Фрањо во текот на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикан, на 17 ноември 2018 година во една од серијата катехези, осврнувајќи се на делот од Евангелието според Матеј од денешната Литургија во која Исус ни ја открива подлабоката смила на Божјата заповед: Не убивај!

Благодарение на Исус кој умре и воскресна за нас можеме да ја прифатиме заповедта на Отецот „Не убивај“ како најважен и битен апел односно повик на љубов – истакна Папата и нагласи: Во Божјите очи човечкиот живот е скапоцен, свет и неповредлив, никој не може да го презира животот на другиот, па ниту сопствениот, затоа што човекот во себе ја носи сликата Божја и е предмет на Неговата бескрајна љубов без оглед на состојбата во која бил повикан на живот.

Христос го проширува значењето на заповедта „Не убивај“ со „лутината против братот“ која ја споредува со облик на убиство, како и навредата и презирот – рече Светиот Отец и продолжи: Навикнати сме да навредуваме, навредата ни е како дишење. Но Исус вели: Престанете затоа што навредата боли и убива како и презирот. Но, сепак презираме, а тоа е облик на убивање на достоинството на човекот. Убаво би било кога таа Исусова поука би влегла во умот и срцето и кога секој од нас би кажал: Нема повеќе никого да навредувам. Тоа би било успех затоа што Исус ни вели: Гледајте, ако презирате, навредувате и мразите, тоа е убиство.

Ниту еден човечки закон не ги изедначува така различните дела, еднакво осудувајќи ги – рече папата Фрањо и напомена: Ако сме го навредиле братот, Исус поттикнува да го побараме и да се помириме со него. Кога одиме на света Литургија, треба исто така да се помириме со луѓето со кои сме имале проблеми. Ако лошо сме мислиле за нив, ако сме ги навредиле. Често додека чекаме свештеникот да ја започне светата Литургија, мрмориме и зборуваме лошо за другите. Тоа не смее да се прави. Навредата, презирот и омразата Исус ги става на ниво на убиство.

Човечкиот живот е благороден, многу чувствителен и го поседува сокриеното јас, не помалку важно од физичкото ЈАС – рече Папата и протолкува: Имено, за да навредиме невино дете, доволна е несоодветна реченица. За да навредиме некоја жена, доволен е студен гест. За да го скршиме срцето на млад човек доволно е да не му ја дадеме довербата. За да го уништиме човекот доволно е да се биде рамнодушен кон него затоа што рамнодушноста убива. Тоа е како да му кажете на човекот „ти си мртов за мене“ затоа што сте го убиле во своето срце. „Да не љубите први“ е првиот чекор кон убиството, а „да не се убие“ е првиот чекор кон љубовта.

Како Каин кого Господ го прашал каде е брат му Авел, убијците обично велат: „не се однесува на мене, тоа не е моја работа“ – рече Светиот Отец и потсети: Сите ние сме чувари на своите браќа. Чувари сме едни на други! Тој е нашиот животен пат на „не убивање“. На човечкиот живот му треба љубов. Вистинска љубов е она која Христос ни ја покажал, односно милосрдието. Љубов која не смееме да му ја скратиме на другиот е онаа која значи да се простува и прифаќа оној кој направил зло. Никој од нас не може да преживее без милосрдие, на сите ни треба простувањето. Па, ако „да се убие“ значи да се уништи, укине, отстрани некој, тогаш „да не се убие“ значи да се негува, вреднува, вклучи и прости.“

Никој не може да мисли дека е добар затоа што на никој не му прави ништо лошо – рече папата Фрањо и додаде: Минералите и билките не прават ништо лошо, тој е нивниот облик на постоење, меѓутоа од човекот се бара повеќе. Постои добро кое треба да го направиме, кое чека на секој од нас, секој мора да го одработи својот дел, а тоа ни помага во својата длабочина да бидеме она што сме. „Не убивај“ е апел за љубов и милосрдие, повик да живееме во согласност со Исус кој умре и воскресна за нас.

Поттикнувајќи секогаш и сѐ повеќе да правиме добро, Папата на крајот ги поздрави посебно семејствата и потсети дека денес е празникот на свети Игнациј Антиохиски, римски епископ и маченик, и повика од тој свет епископ од некогашна Сирија да научиме храбро да ја сведочиме својата вера. Преку неговото застапништво нека Господ на секој од нас ни ја подари силата на истрајноста, и покрај неволјите и прогонствата – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот