Папата: Да не се плашиме да ги извалкаме рацете

Папата: Да не се плашиме да ги извалкаме рацете

На утринската литургија во домот Света Марта во понеделник 8 октомври 2018 година, папата Фрањо ги поттикна лаиците и пастирите да бидат отворени за Божјите изненадувања и да не се плашат да ги извалкаат рацете помагајќи им на оние во потреба.

Да бидеме христијани на сериозен начин, христијани кои не се плашат да ги извалкаат рацете и облеката кога ќе му се посветат на ближниот, христијани „отворени за изненадување“ и христијани кои како Исус „плаќаат за другите“ – поттикна папата Фрањо во проповедта во текот на светата Литургија служена во домот Света Марта. Осврнувајќи се на делот од Евангелието според Лука, од денешната Литургија, Папата ги коментираше шестте ликови од параболата која Исус им ја раскажа на закониците кои за да го стават на искушение го прашуваат: Кој е мојот ближен?

Треба да се застане, да се биде милсорден

Тие биле разбојници кои човекот го раниле оставајќи го полумртов; свештеникот кој го видел си заминал, не водејќи сметка за своето послание и мислејќи да не задоцни да ја служи Литургијата. Така направил и левитот, човек на културата на законот. Затоа Папата поттикна на размислување токму за „заминувањето“, тој поим кој – како што рече – денес треба да влезе во нашето срце. Станува збор за двајца „чиновници“ кои кажале: не е моја должност да му помагам на ранетиот. Напротив, оној кој не го поминува е Самаријанинот, кој бил грешник, кој Израелскиот народ го исклучил.

Оној кој е најмногу грешник имал сочувство – истакна Папата и рече: Можеби бил некој трговец кој бил на пат, но не гледал на часовникот, и не се плаши од крвта. Му се приближува, слегнува од магарето, му ги преврзува раните, поливајќи ги со елеј и вино. Ги извалкал рацете… од крвта… И се погрижил за него. Не кажал: Го оставам овде, повикајте лекар. Јас отидов, го направив својот дел. Не – истакна Папата – се погрижил за него, како да кажал: Сега си мој, но не за да те поседувам, туку за да ти служам. Тој не бил некој чиновник, бил човек со срце, човек со отворено срце.

Отворени за Божјите изненадувања

Светиот Отец потоа се осврна на гостилничарот кој целиот бил вчудоневиден кога го видел странецот, можеме да кажеме поганинот, затоа што не бил од Израелскиот народ кој застанал за да му помогне на човекот, плаќајќи два динарија и ветувајќи дека другите можни трошоци ќе ги плати кога ќе се врати. Сомнежот дека би можел да остане без тие пари се пробудил кај гостилничарот – додаде Папата – сомнежот на оној кој го доживева сведоштвото, на оној кој е отворен за Божјите изненадувања, токму како Самарјанинот.

Ниту еден од тие двајца не бил чиновник – рече Папата и продолжи: Ти си христијанин? Ти си христијанка? Да, во недела одам на света Литургија и настојувам сѐ да правам добро… помалку да озборувам, но другото го правам добро. А дали си отворена? Дали си отворен за Божјите изненадувања или си затворен христијански чиновник? – праша Папата и го додаде примерот на христијанинот кој оди во недела на света Литургија, на света Причест, (…) на Исповед и друго и вели: Направив сѐ што морав. Тие се христијански чиновници, оние кои не се отворени за Божјите изненадувања, оние кои за Бог знаат многу, но не Го среќаваат. Тие кои никогаш не се чудат на сведоштво. Уште повеќе неспособни се да дадат сведоштво – рече Папата.

Исус и Неговата Црква

Светиот Отец затоа ги поттикна сите, лаици и пастири да се запрашаат дали сме христијани отворени за она што Господ ни го дава секој ден, за Божјите изненадувања, кои често како на Самарјанинот нѐ ставаат во тешкотии, или сме христијани чиновници, правејќи го она што мораме чувствувајќи се толку мирни. Некои стари теолози зборувале – потсети Папата – дека во тој дел е содржано целото Евангелие. Секој од нас е оној ранетиот човек, а Самарјанинот е Исус кој ги излекува нашите рани. Се приближи. Се погрижи за нас. Плати за нас. И ѝ рече на својата Црква: „Ако е потребно повеќе ти плати затоа што јас ќе се вратам и ќе платам.“ Добро да размислиме во тој дел е целото Евангелие – поттикна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот