Папата: Да му дозволиме на Исус да ги прочисти нашите срца

Да му изградиме храм на Бог во својот живот и да овозможиме многу луѓе да го сретнат, порача Папата пред молитвата Ангел Господов.

Исусовиот камшик за нас е Неговото милосрдие. Да му отвориме врата – рече папата Фрањо во говорот пред молитвата Ангел Господов на 8 март. Денешното читање од Евангелието ни го преставува извештајот на Иван за Исусовото протерување на трговците од храмот. Кога од Исус побарале знак Он им одговорил: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам.“ – мислејќи притоа на храмот на Своето Тело.

Овде според евангелистот Иван го имаме првото навестување на Христовата смрт и воскресение: „Неговото Тело уништено со насилството на гревот на крстот ќе стане во воскресението општо место на средба на Бог и луѓето.“ Заради тоа „Неговата човечност е вистински храм, каде што Бог се објавува, зборува и дава да се сретнеш; вистинските Божји поклонувачи не се чувари на материјалниот храм, носители на моќ и верско знаење, туку тие му се поклонуваат на Бог „во дух и вистина“ – рече Папата.

Како и Исус, од целото наше постоење да направиме знак на Божјата љубов кон браќата; да му изградиме на Бог храм во својот живот и така да овозможиме да го сретнат многу луѓе на кои наидуваме на својот пат. Ако бидеме сведоци на живиот Бог многу луѓе ќе го сретнат Исус во нас, во нашето сведочење – продолжи Папата и поттикна да се запрашаме:

Дали Господ се чувствува како дома во мојот живот? Му дозволувам ли да го прочисти моето срце и да ги исфрли идолите кои можеби во него настанале – идолите на алчноста, световноста, навики спротивни на Бог, на ближниот и на мене самиот? Според зборовите на папата Фрањо, „Исус никогаш не удира“ туку „прочистува со нежност“. „Милосрдието е негов начин на чистење.“ „Исусовиот камшик за нас е неговото милосрдие. Да му отвориме врата“ – поттикна Папата – „за да го очисти нашето срце.“

Секоја Евхаристија која што со вера ја славиме – продолжи Светиот Отец – прави да растеме како Господови живи храмови, заради заедништвото со Неговото распнато и воскреснато Тело. Исус ја познава нашата најдлабока желба: Он – само Он – да се всели во нас.

По пладневната молитва и поздравот на поклониците, Светиот Отец на сите верници собрани на плоштадот Свети Петар како и на жените во целиот свет им го честита меѓународниот Ден на жената, заблагодарувајќи им се на нивното сведочење на Евангелието и работата во Црквата. „Свет во кој жените се маргинализирани е стерилен свет, бидејќи не само што жените носат живот, туку и ја пренесуваат способноста да гледаме повеќе… да го сфаќаме светот на поинаков начин; да ги чувствуваме работите покреативни, со трпеливо и нежно срце – рече Папата отпуштајќи ги на крајот верниците со својот редовен поздрав.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот