Папата: Да ги довериме на Марија оние кои немаат мир

Папата: Да ги довериме на Марија оние кои немаат мир

На светата Литургија на празникот Пресвета Богородица, Папата се помоли за оние кои веќе немаат сила да се молат, за погодените од војната во многу делови од светот, кои овие празници ги живеат во темнина и студ, во беда и страв, потонати во насилство и рамнодушност. Папата Фрањо го довери на Марија, саканиот почесен папа Бенедикт XVI, да го придружува во неговиот премин од овој свет кон Бога.

Служејќи ja светата Миса на празникот Света Богородица во базиликата Свети Петар, каде на првиот ден од новата година присуствуваа 5.000 верници, папата Фрањо во својата проповед размислуваше за значењето на Божјото воплотување и го спомна Бенедикт XVI, кој почина вчера.

Денес и го доверуваме нашиот сакан почесен папа Бенедикт XVI на Светата Мајка да го придружува во неговиот премин од овој свет кон Бога.

Папата потоа изрази загриженост за оние кои се соочуваат со тешки искушенија во конфликтните области, во услови на оскудица и насилство и не можат да ги прослават божиќните празници. Затоа поттикна, за сите оние кои немаат мир, да ја молиме Марија, жената која на светот го донесе Кнезот на мирот.

„Да ја молиме Марија на посебен начин за децата кои страдаат и немаат повеќе сила да се молат, за бројните браќа и сестри погодени од војната во многу делови од светот, кои живеат во темнина и студ, во беда и страв, кои овие празнични денови ги живеат потопени во насилство и рамнодушност“.

Марија секогаш ги слуша нашите барања

Спомнувајќи го повикот кон Богородица во молитвата Радувај се Маријо „Богородице, моли се за нас грешните“, Папата истакна дека нашата небесна Мајка секогаш одговара на овој призив, ги слуша нашите молитви, давајќи ни ја потребната надеж, како што на земјата и треба дожд.

Божјата љубов кон луѓето

Зборувајќи за Бога кој стана човек и кој во Марија засекогаш се поврза со нашата човечност како син со својата мајка, Папата ја спомна пасторалната конституција Gaudium et spes и истакна дека преку воплотувањето Христос на некој начин се соедини со секое човечко суштество. Роден од Дева Марија, тој стана во сѐ сличен на нас, освен во гревот.

Тоа е она што Бог го направи, раѓајќи се од Марија: ја покажа својата конкретна љубов кон нашата човечност, прифаќајќи ја вистински и потполно. Браќа, сестри, Бог не нè љуби со зборови, туку со дела; не „одозгора“, оддалеку, туку „одблиску“, од внатрешноста на нашето тело, затоа што во Марија Словото стана тело, затоа што во градите Христови продолжува да чука срце од месо, кое чука за секој од нас!

Како пастирите: одете и видете

Преку Марија мирот Божји сака да влезе во нашиот дом, во нашето срце, во нашиот свет – објасни Папата и напомена дека треба да се однесуваме како витлеемските пастири кои први го препознале Бог кој е близу, Бог кој дојде сиромашен, кој сака да биде со сиромашните, кој отидоа и први ги видоа Мајката и Детето. Одете и видете – поттикна Папата.

Да ги извалкаме рацете, правејќи добро

Треба да се оди без двоумење, имитирајќи ги пастирите кои, откако од ангелот ја примиле објавата за Христовото раѓање, не се двоумеле да појдат и да го видат како лежи во јасли. Затоа што – објасни Папата – со важните работи треба веднаш да се постапува, а не да се одложува; зашто благодатта на Духот не поднесува спорост.

За да го прифатиме Бог и неговиот мир, не можеме мирно и удобно да чекаме работите да се подобрат. Треба да се стане, да се искористат можностите на благодатта, да се оди и да се ризикува.

Папата Фрањо затоа поттикна на ангажирање, а не само да се надеваме дека работите ќе се променат, бидејќи во Црквата многумина го чекаат доброто што секој може да го даде.

Наспроти мрзеливоста која умртвува и рамнодушноста која парализира, пред опасноста да се ограничиме да седиме пред екранот со рацете на тастатурата, денешните пастири нè поттикнуваат да одиме, да се движиме поради она што се случува во светот, да си ги извалкаме рацете, правејќи добро, да се откажеме од многу навики и удобности за да се отвориме за Божјата новост која се наоѓа во понизното служење, во храброста да се грижиме. Браќа и сестри, да ги имитираме пастирите: да одиме!

Обрнете внимание на она што е важно

Освен тоа, траба да се гледа. Важно е да се погледне наоколу, да се застане како пастирите пред Детето во прегратките на мајката. Не зборувајќи, едноставно молчејќи, поклонувајќи се и прифаќајќи ја со очи утешителната нежност на Бога кој стана човек – рече римскиот епископ и поттикна во новата година да посветиме време, да ги отвориме очите и да внимаваме на она што е важно, на Бога и на другите.

Најдете време да бидете со Бог и да ги слушате другите

Често, понесени од брзањата, не наоѓаме време да застанеме ниту една минута во друштво на Господ за да го слушнеме неговото Слово, да се помолиме, да се поклониме, да се заблагодариме или дури – истакна папата Фрањо – за да ја слушнеме, нашата сопруга, сопруг, да разговараме со нашите сопствени деца или да им дадеме простор на постарите луѓе или бабите и дедовците, да можеме да погледнеме во длабочината на животот и повторно да ги откриеме нашите корени. Затоа е потребно да научиме да гледаме, да ги имитираме пастирите и затоа да се запрашаме дали сме способни да ги видиме оние што живеат до нас, кои живеат во нашата зграда, кои секојдневно ги среќаваме на улица. Треба да научиме да разбираме со срце, да научиме да гледаме.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот