Папата: „Да биде волјата Твоја“ е храбра молитва

Папата: „Да биде волјата Твоја“ е храбра молитва

Божјата волја е спасние на човекот, на сите луѓе, секој од нас

Да биде волјата Твоја е храбра молитва на оние кои веруваат дека Бог е Отец – рече папата Фрањо во среда 20 март 2019 година за време на катехезата на Генералната аудиенција, која се одржа на плоштадот Свети Петар. Продолжувајќи со серијата катехези за молитвата Оче наш, Папата го толкуваше третиот повик од таа молитва: „Да биде волјата Твоја“. Тој нагласи дека треба да се гледа во единство со првите две: „Да се свети името Твое“ и „да дојде царството Твое“, така што целината прави триптих: „Да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја.

Уште пред да започне човекот да се грижи за создадениот свет, постоела неуморната Божја грижа за човекот и светот – рече папата Фрањо и потсети: Целото евангелие го одржува тој пресврт на перспективата. Грешникот Закхеј се искачува на едно дрво, затоа што сака да го види Исус, но не знае дека Бог веќе многу порано го беше барал. Кога пристигна Исус, му вели: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом”. На крајот Исус вели: „Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното” (Лука 19,5.10).

Тоа е Божјата волја за која се молиме да се исполни – рече папата Фрањо и праша: Што е Божјата волја овоплотена во Исус? Да се бара и да се спаси она што е загубено. Во молитвата бараме Бог да ни даде плод, да се исполни Неговиот универзален план за спасение најпрво на сите нас, а потоа и на целиот свет. Дали сте размислувале што тоа значи дека Бог нас нѐ бара? Секој од нас може да се праша: Дали ме бара Бог? Да! Бог нѐ бара, Бог ве бара. Секој лично. Бог е голем! Има многу љубов во тоа.

Бог не е двосмислен, не се крие зад некои загатки, не ја планирал иднината на светот на неодгатлив начин – рече Папата и напомена: Не, Тој е јасен. Ако тоа не го сфаќаме би можеле да не го разбереме значењето на третиот повик од „Оче наш“. Имено, Библијата е полна со изрази кои ни зборуваат за позитивната Божја волја кон светот. Во Катехизмот на Католичката Црква наидуваме на група цитати кои сведочат за таа вера и трпеливата Божја волја (ККЦ бр. 2821-2827). Свети Павле во Првото послание до Тимотеј пишува: Бог сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината (1Тимотеј 2,4).

Без сомнеж, тоа е Божјата волја: спасение на човекот, на сите луѓе, на секој од нас – рече Светиот Отец и продолжи: Бог со својата љубов чука на вратата од нашето срце. Зошто? Па за да нѐ привлече кон себе и да нѐ води напред кон патот на спасението. Со својата љубов Бог е близок до секој од нас, како би не земал за рака и би не водел до спасението. Во сето тоа има многу љубов! Значи, молејќи „да биде волјата Твоја“, не сме повикани да ја наведнуваме главата како да сме робови. Не! Бог сака да бидеме слободни; Неговата љубов нѐ ослободува. Имено „Оче наш“ е молитва на деца, а не на робови, деца кои го познаваат срцето на својот Отец и сигурни дека се во Неговиот план на љубов.

Тешко на нас, ако слегнуваме со рамења кога ќе ги изговараме тие зборови предавајќи се на судбината која ни се противи и која не можеме да ја менуваме –рече папата Фрањо и додаде: Напротив, тоа е молитва со полна и горлива доверба во Бог, кој ни посакува добро, живот и спасение. Тоа е храбра и борбена молитва, затоа што во светот има многу, па и премногу реалности, кои не се во склад со Божјиот план. Сите ги познаваме. Парафразирајќи го пророкот Исаија, би можеле да кажеме: Оче, тука има војна, злоупотреба и искористување; но знаеме дека ни посакуваш добро, затоа те молиме нека биде волјата Твоја. Господи, сврти ги плановите на светот, мечевите претвори ги во плугови и копјата во српови; никој повеќе да не се занимава со уметноста на војната (сп. Исаија 2,4). Бог посакува мир.

„Оче наш“ е молитва која во нас ја разгорува истата љубов, која Исус ја има кон волјата на Отецот; тоа е пламен кој нѐ тера со љубов да го преобразиме светот – рече Папата и истакна: Христијанинот не верува во неизбежна „судбина“. Во верата на христијанинот не постои ништо случајно; наместо тоа постои спасение кое чека да се покаже во животот на секој маж и жена и да се оствари во вечноста. Ако се молиме, тоа е затоа што веруваме дека Бог може и сака да ја преобрази реалноста, победувајќи го злото со добро. Има смисла да се слуша и да се препушта на таквиот Бог, па и во време на тешки искушенија.

Така било и со Исус во Гетсиманската градина кога ги искуси маките и кога молеше: „„Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата“ (Лука 22,42) – рече Светиот Отец и додаде: Исус е притиснат од злото во светот, но со доверба се препушта на океанот на љубов на Очевата волја. Па и мачениците во своите искушенија не барале смрт, туку воскресение. Бог со таа љубов, може да нѐ води по тешки патишта како би искусиле болни рани и трње, но никогаш нема да нѐ напушти. Секогаш ќе биде со нас, покрај нас и во нас.

За верниците тоа е повеќе од надеж, тоа е сигурност –рече Папата и истакна: Бог е со нас. Истото го наоѓаме и во параболата во евангелието според Лука во која се зборува за постојаната потреба од молитва. Исус вели: Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? (Лука 18,7). Таков е Господ, така нѐ љуби и ни посакува добро.

По завршувањето на катехезата Папата ги повика сите заедно со него да измолат „Оче наш“ и на крајот ги поздрави присутните, поттикнувајќи ги во Великиот пост во кој се наоѓаме за сите да биде можност за вистинско преобраќање како би добиле потполна зрелост на верата во Христос, со желба да го шириме Неговото евангелие во секоја животна ситуација во која се наоѓаме.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот