Папата: Грешникот може да стане светец, но расипаниот не

Папата: Грешникот може да стане светец, но расипаниот не

Грешник може да стане светец, но корумпираниот не. Разликата се состои во тоа да се признаеш за грешник пред Бог – тоа го кажа папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во параклисот на домот „Света Марта, на 8 февруари 2018 година.

Грешник може да стане светец, но корумпираниот не. Разликата се состои во тоа да се признаеш за грешник пред Бог. До корупцијата се стигнува преку патот кој го ослабува срцето, кој одалечува од Господ. Тоа го кажа папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во параклисот на домот „Света Марта“, црпејќи вдахновение од првото литургиско читање, кое зборува за царот Соломон и неговата непослушност (2 Царства 11, 4-13).

„Слушнавме нешто многу чудно“, коментираше папата Фрањо, „срцето на Соломон не беше целосно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на неговиот татко Давид.“ Тоа – истакна Папата – „е чудно затоа што не знаеме дека сторил големи гревови, секогаш бил избалансиран, додека за Давид знаеме дека имал тежок живот, дека бил грешник. И покрај тоа, Давид е светец, а за Соломон се вели дека „го отстрани срцето свое од Господа,“ Тој кој беше фален од Господ, затоа што посака мудрост, а не богатства за да управува. Како можеме да го објасниме тоа? – праша Папата. „Тоа е така – објасни тој – затоа што Давид секој пат кога знаеше дека згрешил, бараше прошка, додека Соломон, за кој цел свет говореше добро и дури Савската царица сакаше да го сретне, се одалечи од Господ, за да следи други богови, но не ја признаваше својата вина.“

Имено, овде според Папата е проблемот со „слабоста на срцето. Кога срцето започнува да слабее, не е како во ситуација на грев: грешиш, осознаваш и кажуваш: „го направив тој грев.“ Додека слабеењето на срцето е еден бавен пат, едно многу бавно подлизнување. И Соломон заслепен од својата слава, од популарноста, тргнува по тој пат.“

Може да изгледа парадоксално, но „подобро е јасно сознание за еден грев, отколку ослабнување на срцето. Големиот цар Соломон се расипува затоа што срцето му беше ослабнато. Човек со слабо срце, со ослабено срце е победен, потчинет човек. Тоа е процес кај голем број христијани, кај многумина од нас. „Не, јас не правам големи гревови,“ велат. Но какво ти е срцето? Дали е силно, дали е верно на Господ, или се отстранило, полека се подлизнало?“, рече Папата.

На секој од нас може да му се случи да му ослабне срцето, да се отстрани. Но, што да правиме во такви случаи? – праша Папата. „Одговорот е: бидете будни. Бдеј над своето срце. Секој ден и во сите денови, внимавај што се случува во твоето срце. Давид – заврши Папата – е светец. Бил грешник. Еден грешник може да стане светец. Соломон беше отфрлен затоа што бил корумпиран. Корумпираниот не може да стане светец. До корупцијата се стигнува преку патот кој го ослабува срцето. Будност. Во сите денови да бдееме над нашето срце. Какво е моето срце, каква ми е врската со Господ? И да ја вкусуваме убавината и радоста од верноста.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот