Папата: Грев е да не се молиме за луѓето кои се на власт

Папата: Грев е да не се молиме за луѓето кои се на власт

Христијаните мора со молитва да ги придружуваат лидерите, па и кога грешат – е силниот поттик на папата Фрањо кој го упати на 18 септември 2017 година, во проповедта на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта.

И од лидерите бара да се молат затоа што во спротивно би можеле да се затворат во мала група во сопствената партија. Напротив, оној кој е на власт и кој е свесен за својата потчинетост на народот и пред Бог, моли.

Папата во своето размислување тргна од првото читање и Евангелието од денешната Литургија. Во првото читање, свети Павле го советува Тимотеј да се моли за сите што се на власт, а во Евангелието се зборува за човек од власта кој моли. Станува збор за стотникот чиј слуга бил болен. Го сакал народот, иако бил странец, и го сакал својот слуга, затоа се загрижил.

Тој човек почувствувал потреба за молитва – рече Папата. И тоа не само затоа што го сакал својот слуга, туку и затоа што бил свесен дека не е господар на сè, дека не е последната инстанца. Знаел дека над него стои друг кој наредува. Имал потчинети, но и самиот бил потчинет. Тоа го поттикнало на молитва. Лидерот кој е свесен за тоа, моли – истакна папата Фрањо и додаде: Ако не моли се затвора во сопствената самореференцијалност или во она на својата партија, во круг од кој повеќе не може да се излезе; станува човек затворен во себе.

Но, кога ги гледа реалните проблеми, и кога е свесен за таа потчинетост, дека постои некој кој има поголема власт од него… кој има поголема власт од владетелот? – праша Папата и истакна: Народот кој му ја дал власта, и Бог од кој, преку народот, доѓа до таа власт. Кога човекот од власта ја има таа свест за потчинетост, тој моли – повтори папата Фрањо.

Истакнувајќи ја важноста на молитвата за човекот на власт, Светиот Отец рече дека неговата молитва е за општото добро на народот кој му е доверен. Треба да моли милост од Бог за да може добро да владее, како Соломон, кој од Бог не барал злато и богатство, туку мудрост за да може да управува со народот. Сите кои владеат треба да го молат Господ за таа мудрост – рече Папата. Многу е важно да молат, барајќи од Господ да не им ја одземе совеста за подреденост на Бог и на народот; мојата сила да биде таму, а не во малата група или само во мене – рече Папата.

А оној кој вели дека е агностик или атеист, Папата вели дека, ако не може да моли, да се соочи со својата совест и со мудрите луѓе од својот народ, но да не остане сам со мала група луѓе од својата партија, затоа што тоа тогаш е самореференцијалност – истакна Папата и потсети дека во првото читање Павле повикува на молитва за царевите за да можеме да водиме мирен и достоинствен живот, посветен на Бог.

Меѓутоа – рече Светиот Отец – кога некој лидер ќе направи нешто што на нас не ни се допаѓа, му се упатуваат критики, или во спротивно пофалби. Се остава сам со својата партија, со парламентот. Меѓутоа, не смееме да ги оставиме оние кои владеат, мораме да ги придружуваме со молитвата. Христијаните мора да се молат за лидерите. Некој би можел да каже: Оче, како да се молам за тој кој прави толку лоши работи? – рече Папата и истакна: На него молитвата му е многу повеќе потребна. Моли, прави покора за тој лидер.

Молитва за застапништво – толку е убаво она што го вели Павле – за сите цареви, за сите кои се на власт. И поради тоа можеме да живееме мирно и спокојно. Кога човекот е на власт е слободен и може да владее во мир, целиот народ има корист од тоа – рече Папата и ги поттикна сите да направат испит на совеста за молитвата за лидерите. Направете ми една услуга – рече Папата. Нека секој од вас денес си земе пет минути, не треба повеќе. Ако е на власт нека се запраша: Се молам ли на оној кој преку народот ми даде власт? А ако не е на власт нека се праша: Се молам ли за оние кои се на власт? Се молам ли за сите кои се на власт, не само за оние кои ми се допаѓаат? И кога ќе направите испит на совеста пред исповедта, ако воочите дека не сте се молеле за лидерите, кажете го тоа во исповедилницата. Бидејќи е грев да не се моли за оние кои се на власт – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот