Папата го промени начинот на предавање на палиумот на новите митрополити

Во писмото од 12 јануари пратено до сите апостолски нунцијатури, управникот на папските литургиски славења монсињор Гвидо Марини ја објави одлуката на папата Фрањо да го промени начинот на предавање на палиумот на новите надбискупи митрополити. Таа врвка од бела волна што ја означува овцата на рамињата на Исус Добриот Пастир, на рамењата на новите митрополити им ја ставаше Светиот Отец, традиционално на 29 јуни, на празникот на првоапостолите Петар и Павле. Отсега тој чин ќе биде одржан во епархиите од кои потекнуваат новите митрополити, а палиумот на рамењата ќе им го става тамошниот апостолски нунциј.

Толкувајќи ја таа промена во разговор за Радио Ватикан, монсињор Марини рече дека од следниот празник на светите Петар и Павле, 29 јуни, надбискупите-митрополити, како што е обичај, ќе бидат присутни во Рим, ќе служат со Светиот Отец и ќе учествуваат во обредот на благослов на палиумот, но тој нема да им биде ставен на рамењата, туку ќе го примат од Светиот Отец на едноставен и приватен начин. Чинот на ставање на палиумот на рамењата ќе биде одржан во некој друг момент во нивните епархии, во присуство на месната Црква и посебно на епископите од суфраганските епископи заедно со нивните верници.

Значењето на оваа промена е во тоа да се истакне подобро врската на новите надбискупи-митрополити со нивната месна Црква, спомна монсињор Марини и додаде дека со тоа се дава можност на поголем број верници да бидат присутни на тој чин, за нив толку важен обред, а посебно за епископите суфрагани кои на тој начин ќе можат да земат учество на настанот. Во таа смисла се задржува целокупното значење на славењето кое се одржува на 29 јуни, а кое го истакнува односот на заедништво, како и хиерархиското заедништво меѓу Светиот Отец и новите митрополити; но истовремено, на тоа се додава преку видлив гест и врската со локалната Црква, објасни управителот на папските литургиски славења монсињор Гвидо Марини.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот