Папата го прими претседателот на Република Габон

Папата го прими претседателот на Република Габон

Обновената соработка помеѓу Република Габон и Светиот Престол беше истакната за време на аудиенција на која Папата го прими претседателот Али Бонг Ондимба

Разговорот меѓу папата Фрањо и претседателот на Република Габон, Али Бонг Ондимба, кој Светиот Отец го прими во аудиенција во четврток 28 април 2022 година, траеше повеќе од дваесет минути. Во срдечниот разговор – како што се наведува во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол – со задоволство беше спомнато потпишувањето на Рамковниот договор меѓу страните, пред 25 години.

Двете страни ја потврдија својата намера да продолжат да ја развиваат билатералната соработка, а претседателот го истакна ценетиот придонес на Католичката црква во различни сектори на габонското општество, особено во областа на образованието. Во продолжение на разговорот, соговорниците се осврнаа на некои аспекти од економско-социјалната состојба во државата, како и на меѓународни и регионални прашања.

На крајот од средбата, Папата му подари бронзен медал кој потсетува на зборовите на пророкот Исаија во поглавјето 32: „Пустината ќе стане градина“, потоа неколку книги, меѓу кои и онаа на Ватиканската издавачка куќа за Statio orbis на 27 март 2020 година, овогодинешната порака за Светскиот ден на мирот и документот за човечко братство. Претседателот на Габон, од друга страна, на Папата му подари слика на која е прикажано влегувањето на Исус во Ерусалим и билка висока четири метри (Celtis australis). По разговорите со папата Фрањо, претседателот на Габон се сретна со државниот секретар Пиетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, државен секретар за односи со државите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот