Папата го поттикна Путин да ја прекине војната, а Зеленски да биде отворен за сериозни мировни понуди

Папата го поттикна Путин да ја прекине војната, а Зеленски да биде отворен за сериозни мировни понуди

Загрижен поради нуклеарната закана и воената ескалација на конфликтот во Украина, папата Фрањо за време на пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, во недела 2 октомври 2022 година, кога вообичаено зборува за литургиските читања од тој ден, го посвети за да упати силен апел за прекин на огнот. Покрај тоа, Папата повика на почитување на територијалниот интегритет на секоја земја, како и правата на малцинствата. Тој изрази длабока тага за илјадниците жртви, посебно за децата.

Текот на војната во Украина стана многу сериозен, разорен и заканувачки што предизвикува голема загриженост. Затоа денес сакам на тоа да го посветам целото размислување пред молитвата Ангел Господов. Имено, таа страшна и несфатлива рана на човештвото, наместо да зараснува, продолжува сѐ повеќе да крвари, ризикувајќи да се прошири – рече Светиот Отец.

Тага за жртвите

Тажен сум поради реките крв и солзи пролеани последниве месеци. Тажен сум поради илјадниците жртви, особено за децата и големото уништување кое остави без покрив над главата бројни поединци и семејства, а големи области се загрозени од студ и глад. Некои постапки воопшто не можат да се оправдаат!

Вознемирувачки е фактот што светот ја учи географијата на Украина преку имиња како Буча, Ирпин, Мариупол, Ижиум, Запорожје и други места, кои станаа места на неописливо страдање и страв. Што да се каже за фактот дека човештвото повторно се соочува со нуклеарна закана? Тоа е апсурдно.

Нека замолчи оружјето

Што друго треба да се случи?– праша папата Фрањо. Уште колку крв мора да се пролее за да сфатиме дека војната никогаш не е решение, туку само уништување?

Во име на Бога и во име на човечките чувства кои живеат во секое срце, го повторувам мојот апел за итен прекин на огнот. Нека замолчи оружјето и нека се бараат услови за започнување на преговори способни да доведат до решенија кои не се наметнуваат на сила, туку се договорени, праведни и стабилни. Така ќе биде ако тие се засноваат на почитување на светата вредност на човечкиот живот, на суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја, како и на правата на малцинствата и оправданите интереси.

Опасноста од нуклеарна ескалација

Длабоко жалам – додаде Папата – за сериозната ситуација што се создаде во последните денови, со натамошни дејствија спротивни на принципите на меѓународното право. Имено, ја зголемува опасноста од нуклеарна ескалација, така што предизвикува страв од неконтролирани и катастрофални последици на светско ниво.

Апели упатени до претседателите Путин и Зеленски

Папата Фрањо потоа испрати апел директно до претседателот Путин, но и до Зеленски. Мојот апел пред сѐ е упатен до претседателот на Руската Федерација, барајќи од него да ја прекине, и за доброто на својот народ, оваа спирала на насилство и смрт – рече Папата. Од друга страна, тажен од огромните страдања на украинското население поради претрпената агресија, со еднаква доверба апелирам до украинскиот претседател на Украина да биде отворен за сериозни предлози за мир. Упорно ги замолувам сите протагонисти на меѓународниот живот и политичките лидери на државите да направат се што е во нивна моќ за да се стави крај на војната која е во тек, не дозволувајќи опасни ескалации и да се промовираат и поддржат иницијативите за дијалог.

„Ве молам, оставете ги младите генерации да дишат здрав воздух на мирот, а не загаден воздух на војната, што е лудило!

Да се искористат дипломатските средства

По седуммесечни борбени дејствија, нека се искористат сите дипломатски средства, дури и оние кои досега не биле употребени, за да се стави крај на оваа страшна трагедија. Војната сама по себе е грешка и ужас! – истакна Светиот Отец. Имаме доверба во милоста Божја, кој може да ги промени срцата, и во мајчинското застапништво на царицата на мирот, во моментот кога молитвата се воздигнува до Пресвета Богородица од Светата Бројаница во Помпеја, духовно соединета со верниците собрани во нејзиното светилиште и во многу делови од светот – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот