Папата: Господи дади ни срам, каење и надеж

Папата: Господи дади ни срам, каење и надеж

Господи Исусе Ти се обраќаме исполнети со срам, каење и надеж. Со тие зборови папата Фрањо ја започна завршната молитва на Крстниот пат кој се одржа во римскиот Колосеум, на Велики Петок.

Традицијата на молењето Крстен пат на Велики Петок во Колосеумот датира од XVIII век за време на понтификатот на папата Бенедикт XIV, а традицијата ја оживеа папата Павле VI во 1964 година. Овогодинешните медитации за 14 постојки од Крстниот пат ги составија група млади во склоп на подготовката за Епископската синода за млади која ќе се одржи во октомври оваа година. Пригодните текстови меѓу останатото опфаќаа размислувања за миграцијата и како на интернет да комуницираме со Исус.

Светиот Отец во својата молитва се фокусираше на три клучни зборови: срам, каење и надеж барајќи од Господ Исус секогаш да ни ја даде соодветната благодат на светиот срам, светото каење и светата надеж. Имаме голем број причини за да чувствуваме срам – нагласи Папата и продолжи: Ја избираме моќта и парите наместо Бог, даваме предност на световноста наместо на вечноста, на младите луѓе им оставаме свет кој е скршен од поделби и војни, свет кој го исполнува себичноста и во кој младите се ранливи, болни а старите маргинализирани. Папата Фрањо се молеше срам да ги обземе сите оние кои дозволуваат да се заведени од амбицијата и испразноста вклучувајќи и некои црковни службеници. Чувствуваме срам затоа што сме го загубиле чувството за срам – рече.

Нашето каење – продолжи Светиот Отец – е поврзано со сигурноста дека единствено Бог може да нè спаси од злото, од нашата омраза, себичноста, горделивоста, алчноста, осветата, од нашето идолопоклонство. Само Тој може да нè прегрне и да го обнови нашето достоинство како Негови деца. Каењето се раѓа од нашиот срам – истакна папата Фрањо – од сигурноста дека нашите срца секогаш ќе бидат немирни додека во Тебе не го пронајдат единствениот извор за исполнување и мир. Каењето доаѓа од свеста на нашата маленкост, ништожност, испразност и дозволата да бидеме повикани на преобраќање.

Пред Твоето врховно величество се запалува во темнината на нашиот очај искра на надежта затоа што знаеме дека Твојата единствена мерка за љубовта кон нас е неизмерно да нè љубиш – рече Светиот Отец и се молеше евангелската порака да продолжи да вдахнува многу луѓе затоа што само доброто може да го порази злото и расипаноста, само прошка може да ја надмине огорченоста и осветата, само братската прегратка може да го распрсне непријателството и стравот од другиот.

Се запалува надежта – продолжи папата Фрањо – затоа што твојата жртва продолжува и денес да го шири мирисот на божествената љубов која го милува срцето на многу млади кои продолжуваат да ти ги посветуваат своите животи станувајќи живи примери на делотворната љубов и на бесплатноста во нашиот свет кој го исполнува логиката на профитот и лесната заработка. Се запалува надежта затоа што многу мисионери и мисионерки и денес продолжуваат да бидат предизвик за заспаната свест на човештвото ризикувајќи ги своите животи за да Ти служат во сиромашните, отфрлените, мигрантите, невидливите, искорисутваните, гладните и затворениците – рече Папата.

Се запалува надежта – истакна Светиот Отец – затоа што од твојот крст, плодот на алчноста и кукавичностат на многу учители на законот и лицемери помина воскресението претворајќи ја темнината на гробницата во сјајот на зората на неделата без заоѓање, поучувајќи нè дека твојата љубов е нашата надеж. Напомена дека таа надеж се протега на Црквата, света и составена од грешници, која денес и покрај сите обиди да се дискредитира продолжува да биде светло кое расветлува, охрабрува, подигнува и ја сведочи Божјата неограничена љубов кон човештвото; Црквата продолжува да биде модел за алтруизам, ковчег на спасението и извор на сигурноста и вистината.

Помогни ни Сине Човечки од себе да ја соблечеме дрскоста на разбојникот од десната страна и кратковидните и расипаните кои во Тебе гледале прилика која треба да ја искористат, осуден кој треба да се критикува, поразен кој треба да се исмева, уште една прилика за да ја соборат на другите па дури и на Бог сопствената вина – рече папата Фрањо и молитвата ја заврши со следните зборови: Те молиме Сине Божји наместо тоа да бидеме како добрио разбојник кој те гледал со очи полни со срам, каење и надеж; кој со очите на верата ја видел божествената победа во твојот привиден пораз и така ги свиткал колената пред твоето милосрдие и со искреноста го осовил рајот.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот