Папата ги прими во аудиенција учесниците на светската средба на комерцијалисти

Папата Фрањо во петок 14 ноември се сретна со учесниците на светската средба на комерцијалисти. Таков собир, на кој во фокусот е заедничкото гледање на иднината, обликувано со различни искуства, важен е и поради соочувањето со проблемите на денешнината кои се однесуваат на посланието на комерцијалистите, но и да се обнови свеста бидејќи се работи за служење на заедницата – рече Папата.

Светиот Отец потсети на прашањето за работа како и на тешката состојба на оние без вработување и бројните – особено мигрантите – кои се присилени да работат на црно и се лишени од основната правна и економска заштита. „Во тој контекст, постои силно искушение да се бранат сопствените интереси, без оглед на заедничкото добро, без премногу грижи околу правдата и законитоста“. Поради тоа е важно – особено за оние кои имаат улога во економскиот живот на земјата – да се игра позитивна и конструктивна улога, свесни дека зад документот стојат човечки приказни.

Христијанинот кој е комерцијалист ја црпи силата од молитвата и Божјото Слово – рече Папата – за исправно и способно да ги извршува своите должности, а потоа „да оди понатаму“, т.е. да оди во пресрет на лицата во тешкотии со креативноста која овозможува да се пронајдат решенија во тешки ситуации, одржувајќи го човековото достоинство пред „ригидноста на бирократијата“.

Потребно е во средиштето секогаш да се стави човекот и неговото достоинство, нагласи папата Фрањо, спротивно на тежнеењата кои ги ставаат парите на врховно место. Кога преовладува утилитаристичкото гледиште и здивената логика на профитот, последиците се сеопшт пад на вредноста на солидарност и почитување на човечката личност – предупреди Папата.

„Ве поттикнувам секогаш одговорно да работите“ – порача Светиот Отец на економистите – „храбро соочувајќи се со проблемите на најслабите и најсиромашните. Не е доволно да се дадат конкретни одговори на економските и материјалните прашања; потребно е да се поттикнува и одржува етиката на економијата, финансиите и работењето; потребно е да се држи жива вредноста на солидарноста“.

Ако сакаме на идните генерации да им предадеме во наследство повеќе отколку што сме примиле, „повикани сме да преземеме одговорност за работата на глобализацијата на солидарност“, а „социјалната наука на Црквата нè учи како начелото на солидарност се остварува во склад со начелото на субсидијарност“. По тие две начела, економското делување се врши во служба на човекот и растењето на правдата, без која не може да има вистински и траен мир – порача Папата.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот