Папата ги повика дипломатите да промовираат култура на дијалог

Затворањето во себе и изолирањето создаваат тешка и задушувачка атмосфера која порано или подоцна води до овенување и задушување” , затоа е потребно да се промовира „културата на дијалог”. Овој повик го упати Папата Фрањо во говорот кон дипломатите акредитирани во Светата Столица, кои ги прими на аудиенција во понеделник 13 јануари по повод почетокот на новата година. Во својот говор Папата се задржа на сите региони во светот кои се погодени од насилство и ја истакна потребата за борба против „културата на отфрлање”, помош на најсиромашните и посебно за емигрантите. Тој упати апел „децата да бидат поштедени од ужасот на абортусот, војната и трговијата со луѓе”. На аудиенцијата присутвуваше и македонскиот амбасадор при Светата Столица Ѓоко Ѓорѓевски. Во сегашниот момент, Светата Столица има склучено дипломатски односи со 180 држави.

Отвореност, зближување, братство. Тоа се трите клучни зборови, на кои се темелеше говорот на папата Фрањо пред дипломатскиот кор, еден вид глобален „патоказ” за мир и човекови права. Папата веднаш истакна дека треба да се помага на најранливите во општеството: постарите лица кои често се сметаат за товар и младите, на кои треба да им се помогне да најдат работа, за да не се гаси нивниот ентузијазам. Папата ги охрабри и политиките за поддршка на семејството: „За жал се зголемува бројот на семејства кои се разделени, не само поради слабата свест и чувство за припадност, кои го карактеризираат современиот свет, туку и поради тешките услови во кои многу семејства се принудени да живеат, дури и при недостиг на средства за опстанок”.

Папата потенцираше една од неговите омилени теми – „културата на дијалог”. „Затворањето во себе и изолирањето секогаш создаваат тешка, задушувачка атмосфера која порано или подоцна нѐ прави тажни и нѐ потиснува. Затоа е потребно со заеднички напор да се промовира културата на дијалог, зашто само оној кој подава рака на другите, може да биде плоден, да обединува, да носи радост, да гради мир”. Папата истакна дека тоа го потврдуваат и „сликите, исполнети со разурнувања и смрт, кои ги видовме во изминатата година”.

Папата конкретно се задржа на најтешките и драматични средини во светот, на прво место Сирија, при што уште еднаш инсистираше на итен прекин на конфликтот. Заедно со тоа се заблагодари за сите земји кои учествуваа во молитвениот ден за мир во Сирија и Блискиот Исток, кој беше на негова иницијатива минатата година: „Потребно е да се обнови заедничката политичка волја за прекин на конфликтот – истакна папата Фрањо. Од оваа перспектива, посакувам Конференцијата „Женева 2″, свикана за 22 јануари, да биде почеток на патот кон помирување. Не може да се прифати понижувањето на незаштитеното цивилно население, посебно на децата”.

Светиот Отец упати зборови на охрабрување кон бројните сириски бегалци, и ги пофали напорите на земјите како Либан и Јордан, кои им укажаа гостопримство на бегалците. Кога веќе зборува за Блискиот Исток, Папата ја изрази својата загриженост од зачестените конфликти во земјата на кедарот, од нестабилноста на Египет и Ирак. Но тој исто така изрази и задоволство од напредокот во дијалогот меѓу Иран и Групата 5 +1 за нуклеарните прашања. Потоа ги охрабри напорите за мир помеѓу Израел и Палестина: „Во оваа смисла продолжувањето на мировните преговори меѓу Израел и Палестина е позитивен факт и посакувам земјите, со поддршка на Меѓународната заедница, да преземат храбри решенија за изнаоѓање на праведно и трајно решение на конфликтот, чиј прекин станува неопходен и итен”.

Папата упати мисла кон христијаните на Блискиот Исток и Северна Африка, кои се принудени да ги напуштат родните места, но истовремено „сакаат да бидат дел од општествената, политичката и социјалната ткива во земјите во кои придонесоа за нивна изградба”: „… христијаните се повикани да сведочат за љубовта Божја и милосрдие”, рече Папата.

Со голема загриженост Папата зборуваше за Централноафриканската Република, каде населението страда поради конфликтите, „кои постојано донесуваат уништување и смрт”. Светиот Отец инсистираше Меѓународната заедница да пројави интерес и „да придонесе за запирање на насилството и за обновување на правната држава, за обезбедување пристап на хуманитарната помош” во земјата. Папата истакна дека Католичката црква, од своја страна ќе продолжи да присуствува и да ја дава својата поддршка”, во служба на населението и за „помирување и враќање на мирот”, што е клучен приоритет и во други делови на африканскиот континент. Светиот Отец зборуваше и за маките во Нигерија, Мали, Јужен Судан, каде што има нова вонредна хуманитарна ситуација.

Папата зборуваше и за Азија, и посака „дар на помирувањето на Корејскиот полуостров” и го охрабри мирниот соживот на целиот континент меѓу различните граѓански, верски и етнички компоненти: „Потребно е промовирање на меѓусебното почитување, особено со оглед на некои проблематични сигнали за затвореноста кои потпирајќи се на религиозни мотиви, ги бришат христијаните од нивните права и го доведуваат во опасност граѓанскиот соживот”.

Папата истакна дека мирот е повреден секаде каде што се негира човековото достоинство, пред сè поради „неможноста за обезбедување на нормална исхрана”. Светиот Отец истакна дека „не можеме да бидеме рамнодушни пред лицата на оние кои страдаат од глад, посебно децата”. Тој со горчина констатира дека „денес се фрлаат не само храна и предмети, туку и „човечки суштества”, како да се непотребни предмети”: „Ужасна е на пример помислата дека има деца кои никогаш нема да видат бел свет, бидејќи се жртва на абортусот, или децата – војници кои трпат насилства или убиваат во вооружените конфликти, или оние што се жртви на трговија, под ужасната модерна форма на ропство, наречена трговија со човечки суштества, што е злосторство против човештвото”.

На крајот Папата потсети на својата неодамнешна посета на остров Лампедуза во Италија и повторно ја нагласи потребата за прифаќање на мигрантите, посебно оние кои се принудени да бегаат од насилството и сушата во Африканскиот Рог и регионот на Големите езера. „За жал – констатира Папата – ние сме сведоци на општа рамнодушност пред слични трагедии што е вознемирувачки сигнал за загубата на „чувството за братска одговорност”.

Папата Фрањо го заврши говорот наведувајќи „уште една рана за светскиот мир”, која е предизвикана од „алчно користење на природните ресурси”. Тој повика на „лична одговорност на секој, придружен со братски дух и политики кои ја почитуваат нашата земја”. Папата се послужи со една поговорка: „Бог секогаш простува, ние понекогаш, природата никогаш кога се злоупотребува!

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот