Папата: Вработувањето е човечка и општествена одговорност

Работата е света и на семејството му дава достоинство. Треба да се моли за семејствата да не бидат без работа. Да се предизвикува губење на работните места значи да се предизвикува тешка општествена штета – истајна Папата на Генералната аудиенција на 19 август 2015 година одржана во салата Павле VI.

Откако минатиот пат зборуваше за вредноста на славењето во семејниот живот, Светиот Отец денешната катехеза ја посвети на работата. А двете, како што истакна – и славењето и работата – се дел од Божјиот план за семејството.

Работата е неопходна за поддршка на семејството, растот на децата и гарантирање на достоинствен живот. Најубаво што може да се каже за сериозен и искрен човек е: „Тој е работник“ – односно оној кој не живее врз грбот на другите во заедницата. Работа има бројни облици, започнувајќи од домашните работи, грижата и општото добро. А работниот живот пред сè се учи во семејството и тоа преку примерот на родителите: татко и мајка кои работат за доброто на семејството и општеството – рече папата Фрањо.

Исус во Евангелијата е претставен како работник – столар, а свети Павле опоменува: Кој не работи, нека и не јаде! Убав е тој рецепт за слабеење, нели? Ако не работиш, тогаш и не јадеш – се пошегува Папата и продолжи: Павле зборува за лажната духовност на некои кои живееле врз грбот на браќата и сестрите, а ништо не работеле. Но, во христијанската совест, работата и духовниот живот не се контрадикторни. Молитвата и работата можат и треба да бидат усогласени како што поучува свети Бенедикт бидејќи – како што кажа Папата – недостигот на работа му штети на духот, како што недостигот на молитва и штети на практичните активности.

Работата е сопственост на човечката личност и го изразува нејзиното достоинство како создание на сликата Божја. Всушност, заради тоа се вели дека работата е света – истакна понатаму Папата. Затоа грижата за вработување е голема човечка и општествена одговорност, која не може да се препушти во рацете на малкумина. Се растажувам кога гледам дека нема работа, кога луѓето не успеваат да најдат вработување и неможат дома да донесат леб. А многу се радувам кога гледам дека властите се залагаат да има работа за сите – рече папата Фрањо.

Енцикликата „Laudato si“, која предлага целосна екологија, исто така содржи порака од првите глави на книгата Битие: убавината на земјата и достоинството на работата се создадени за да бидат здружени. Земјата станува убава кога човекот ја обработува, тие две одат заедно – рече Папата. Меѓутоа, кога работата ќе се оддели од Божјиот сојуз со човекот, кога ќе се оддели од нековите духовни квалитети и го држи за роб на „логиката на самиот профит“, тогаш загадува сè; граѓанскиот живот се расипува, а околината се упропастува. А последиците ги погодуваат пред сè најсиромашните семејства.

Како што рече Светиот Отец модерната организација на работата понекогаш покажува опасна наклонетост семејството да се смета како товар за продуктивноста. Семејството е според мислењето на папата Фрањо големо мерило: кога организацијата на работата семејството го држи во заробеништво или дури го спречува во развојот, тогаш сме сигурни дека човечкото општество започнало да работи против себе.

Христијанските семејства во тој контекст се соочуваат со голем предизвик и имаат важно послание; тие се носители на темелната вистина за Божјото создание: идентитетот и поврзаноста на мажот и жената, раѓањето деца, работа која ја пази земјата и овозможува воспоставување на светот. Губењето на тие темелни карактеристики е многу сериозна работа, а во „заедничкиот дом“ – според зборовите на Папата – веќе има премногу пукнатина. Задачата не е лесна, но Бог ни дава милост со радост и со надеж да го прифатиме Неговиот повик во овој тежок момент: повик на работа за самите себе и на сопствените семејства да им дадеме достоинство.

По поздравот на повеќе јазици, Папата потсети дека заедницата Тезе утре слави 75 годишнина од основањето. Исто така го спомна денешниот литургиски празник на свети Жан Еудес. Нека неговата побожност кон Пресветото Срце Исусово и Безгрешното Срце Мариино ве поучи вас драги млади за потребата на нивниот заговор на духовниот пат; нека ве поттикне вас драги болни со вера да се соочувате со моментите на страдање, а вас драги младенци ве поттикне со љубов да ги воспитувате децата кои Господ сака да ви ги дарува – рече Светиот Отец на крајот на катехезата.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот