Папата: Во семејството се учи да се дава срцето за другиот

На последниот ден од својата пасторална посета на Куба папата Фрањо се сретна со семејствата во катедралата во градот Сантијаго де Куба.

Откако ги сослуша мајката и таткото со трите деца кои зборуваат за своите надежи, Папата зборувајќи без подготвениот текст семејството го опиша како училиште за човечност и топлина. Светиот Отец потсети дека многу бремени жени на Генералните аудиенции бараат да го благослови нивното неродено дете. Затоа рече дека сите бремени жени кои се наоѓаат во катедралата или го слушаат преку радио или телевизија ја става раката на бремениот стомак и го примаат благословот на Папата.

Зборувајќи за важноста на семејството, Папата нагласи дека „семејството е училиште за човештвото,“ иако не постои совршено семејство, овде се учи да се дава срцето за другиот. Во тој контекст потсети како Исус го започнал својот живот во семејството, а своето јавно делување го започнал на свадбата во Кана. Христијанските семејства се заедници каде што верата го исполнува секој дел, каде што се гради заедница, потсети Светиот Отец. Присутните ги повика на молитва за Светската средба на семејства во Филаделфија и Епископската синода која во центарот ќе го има размислувањето за семејството. Ви благодарам кубански семејства, ви благодарам Кубанци што овие денови ми дадовте можност да се чувствувам како во семејство, да се чувставувам како дома се зборовите со кои Папата се прости од Кубанците.

Пред заминувањето од катедралата излезе на балконот и го благослови мноштвото пред катедралата и им порача да не заборават на дедовците и бабите, бидејќи народот кој внимава на своите стари и на своите млади со сигурност оди напред.

По средбата со семејствата Папата се упати кон аеродромот каде што е одржано испраќање на кое беа присутни кубанските епископи како и преседателот Раул Кастро. На влегувањето во авионот, Папата уште еднаш се сврте и подели благослов.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот