Генeрална аудиенција: Во името на Бога не се убива, но за Него може да се даде животот

Генeрална аудиенција: Во името на Бога не се убива, но за Него може да се даде животот

На Генералната аудиенција во среда, папата Фрањо зборуваше за сведоштвото на мачениците кои не се херои, туку зрели христијани во верата и кои, како што повторно нагласи, денес се побројни отколку во првите векови. Меѓу нив Светиот Отец ги спомна убиените Мисионерки на љубовта  во Јемен

Единаесеттата катехеза за апостолската ревност, одржана на Генералната аудиенција во среда 19 април 2023 година, папата Фрањо им ја посвети на мачениците. Сведоци на евангелието до пролевање на крв; не херои – забележа Папата – туку мажи и жени кои ги дадоа своите животи за Христа; тие се зрели и одлични плодови на Господовото лозје, која е Црквата.

Првиот беше ѓаконот Стефан, кој беше каменуван надвор од ѕидините на Ерусалим – потсети папата Фрањо, а го спомна и свети Августин, кој често ја нагласува динамиката на благодарноста и бесплатното возвраќање на дарот. Зборувајќи за Свети Лаврентиј, епископ од Хипо објаснува како овој млад ѓакон го разбрал и го применувал она што Христос го направил за луѓето, го сакал во својот живот и го следел во неговата смрт. Во него, значи, се покажува динамиката на благодарност и слободното возвраќање на дарот.

Христијаните се повикани да сведочат со животот

Мачениците денес се побројни отколку во првите векови – нагласи повторно Папата. Тоа се бројни христијани кои се исфрлени од општеството или се затворени поради исповедање на христијанската вера. Како што истакнува Вториот ватикански собор, тие стануваат слични на Христа во пролевањето крв, а нивната смрт Црквата ја вреднува како посебен дар и најголем доказ за љубов.

Мачениците, наследувајќи го Исуса и со неговата милост, прават насилството на оние што го отфрлаат навестувањето да биде голема, најголема можност за љубов, која оди дотаму што им простуваат на мачители.

Осврнувајќи се на простувањето на мачениците на нивните мачители, Светиот Отец повтори, како што е наведено во догматската контитуција Lumen gentium, дека иако само од малкумина се бара, сепак „секој треба да биде подготвен да го исповеда Христос пред луѓето и да го следи на крстниот пат за време на прогонството, без кое Црквата никогаш не е“ (Const. Lumen gentium, 42). Тој потоа истакна дека денес има многу прогонства и ја истакна пораката што мачениците им ја даваат на верниците.

Мачениците ни покажуваат дека секој христијанин е повикан да сведочи со животот, дури и кога тоа не води до пролевање крв, правејќи се, по примерот на Исус, себеси дар на Бога и на неговите браќа.

Маченици на XXI век

Меѓу бројните христијански сведоци, присутни – како што рече – во секој агол на светот, папата Фрањо ги спомена загинатите во Јемен, земја која со години е ранета од страшна, заборавена војна која однесе толку многу човечки животи и поради што многу луѓе, особено децата, страдаат и денес.

Токму во таа земја имаше светли сведоштва за верата, како што е она на Мисионерките на љубовта кои таму ги дадоа своите животи. Тие и денес се присутни во Јемен, каде им даваат помош на болните стари лица и лица со попреченост. Некои од нив маченички пострадаа, но другите продолжуваат, ризикувајќи ги своите животи, но продолжуваат понатаму. Овие монахињи ги прифаќаат сите, без разлика на верата, бидејќи милосрдието и братството немаат граници.

Мисионерки на љубовта убиени во Јемен заедно со муслимански верници

Папата ги спомна сестрата Алета, сестра Зелија и сестра Михаела, кои беа убиени од фанатик во јули 1998 година, на враќање дома после светата Литургија, бидејќи биле христијанки; како и сестрите Анселма, сестрата Маргерита, сестрата Режинет и сестрата Јудит, кои беа убиени во март 2016 година заедно со неколку лаици кои им помагаа во нивните дела на љубов кон отфрлените. Тоа се мачениците на нашето време – истакна Папата и додаде дека меѓу убиените лаици имало и муслимански верници кои работеле со сестрите.

Трогателно е да се види како сведоштвото со крв може да ги поврзе луѓето од различни религии. Никогаш не треба да се убива во името на Бога, бидејќи за него сите сме браќа и сестри. Но, заедно можеме да ги дадеме нашите животи за другите.

Затоа да молиме да не се измориме да го сведочиме Евангелието дури и во неволји – повика папата Фрањо и посака сите свети маченици да бидат семе на мирот и помирувањето меѓу народите за свет во кој ќе има повеќе хуманост и братство.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот