Папата во Ербил: На сите ни треба Божјата моќ и мудрост

Папата во Ербил: На сите ни треба Божјата моќ и мудрост

Да се ослободиме од искушението за одмазда, преку силата која доаѓа од Исус. Ова го рече папата Фрањо на светата Литургија на стадионот Франко Харири во Ербил во недела 7 март 2020 година, пофалувајќи ја посветеноста на милосрдието и простувањето на Ирачката Црква, во услови на „видливи и невидливи рани“. Затоа и ние сме повикани да ги „прочистиме нашите срца“ од човечките искушенија и логика, да ги „извалкаме рацете“ за нашите браќа, да станеме „творци на нов општествен поредок“ во кој нема простор за демонстрација на сила или лицемерие.

Силата и мудроста на Бога се откриваат „со милост и прошка“, рече папата Фрањо за време на светата Литургија, која ја служеше во присуство на локалните власти на стадионот „Харири“ во Ербил, каде Светиот Отец пристигна со папамобил (го користеше само во оваа прилика за време на неговата посета во Ирак), односно со можност да се поздрави со луѓето кои дојдоа да го пречекаат, притоа почитувајќи ги заштитните мерки заради пандемијата Ковид-19. На самиот стадион, со капацитет од 28.000 луѓе, беа дозволени само околу 10.000 лица. Дисциплиниран, но срдечен и радосен прием, со песните во кои доминира средноисточната мелодија.

Сведочењето на Ирачката црква

Папата Фрањо потсети дека многу луѓе во Ирак носат „рани од војната и насилството, рани видливи и невидливи“ и го истакна живото сведоштво на христијаните:

„Црквата во Ирак, по Божја благодат, направи и продолжува да прави многу за да ја навести оваа прекрасна мудрост на крстот, ширејќи ја Христовата милост и прошка, особено на оние на кои им е најпотребна. Дури и среде големата сиромаштија и тешкотии, многумина од вас дарежливо понудија конкретна помош и солидарност со сиромашните и страдалниците. Ова е една од причините што ме натера да дојдам како поклоник меѓу вас за да ви се заблагодарам и да ве зајакнам во верата и сведоштвото. Денес можам да видам и да допрам со рака дека Црквата во Ирак е жива, дека Христос живее и дејствува меѓу овој свет и верен народ“.

Бог спасува од искушението на одмазда и од лицемерие

Папата потсети дека „Бог нè ослободува од тој начин на разбирање на верата, семејството, заедницата, која дели, се спротивставува, исклучува“, истакнувајќи:

„Тоа ни дава сила да се спротивставиме на искушението да се одмаздиме, што доведува до бесконечна спирала на обвинувања.

Осврнувајќи се на евангелскиот пасус за денот кога Исус ги изгони трговците од храмот (Иван 2,13-25), папата Фрањо истакна дека „како што Исус не дозволи домот на Отецот да стане дом за трговија, наша желба е да не бидеме место на беезредие, неразборитост и конфузија“. Папата рече дека срцето мора да биде прочистено, уредено, прочистено „од лагата што го осквернува, од лицемерие“.

Да не се менува верата заради власт или пари

Папата потсети дека во секого постои претворање, во секого, објаснувајќи дека лицемерието е „болест која му штети на срцето, која го валка животот, правејќи го двосмислен“ и појасни:

„Треба да се исчистиме од својата лажна самодоверба, која ја заменува верата во Бога за минливи работи, за моментални добра. Мора од срцето и од Црквата да ги исфрлиме штетните понуди за моќ и пари“.

Папата поттикна на размислување, велејќи дека „за да ги очистиме нашите срца, мора да ги извалкаме рацете: да се чувствуваме одговорни и да не стоиме настрана и да гледаме како страда нашиот брат или сестра “.

И да бидеме свесни: „Не можеме да го направиме тоа сами, потребен ни е Исус. Тој има сила да ги надмине нашите страдања, да ги излечи нашите болести, да го врати храмот на нашето срце. Да се гледа и да се следи Исус, додаде Папата, значи да се чуваме од некои „стапици“ на човечката логика. „Многу лесно можеме да бидеме измамени за да им докажеме на другите дека сме силни, дека сме мудри … да паднеме во стапицата на создавање лажни поими за Бога кои ни даваат сигурност… Но, всушност, спротивното е точно, сите имаме потреба од моќта и мудроста Божја објавена од Исус на крстот“, рече Светиот Отец.

Божјата мудрост и лажната доверба

Папата објасни колку се разликува Божјата мудрост од лажната потреба за доверба:

„Таа сила и моќ Исус ја покажа пред сè со милост и простување. Тој не сакаше тоа да го направи со покажување на сила или да го наметнува својот глас одозгора, ниту со долги зборови или неспоредливи научни изјави“.

Христос ја овоплоти „верноста на Божјата љубов; верноста на Бог на Заветот, кој го изведе својот народ од ропство и го поведе по патот на слободата.

Вредноста на вистинското сведоштво

Задачата на христијаните е јасна во зборовите на Папата:

„Со силата на Светиот Дух, нè повикува да не прозелитизираме, туку како Негови мисионерски ученици, мажи и жени, да сведочиме за евангелието дека има моќ да ги менува животите“.

Христијанинот е повикан, додаде Папата, да биде „трпелив и храбар творец на новиот општествен поредок“

По завршувањето на светата Литургија Папата замина со авион за Багдад, каде ќе преноќи во Апостолската нунцијатура, а во понеделник наутро ќе замине за Рим.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот