Папата: Во ДР Конго и Јужен Судан „не“ за резигнација, „да“ за надежта

Папата: Во ДР Конго и Јужен Судан „не“ за резигнација, „да“ за надежта

По враќањето од своето Апостолско патување во Африка, каде што беше од 31 јануари до 5 февруари, папата Фрањо ја посвети катехезата на Генералната аудиенција на 8 февруари на најзначајните моменти од тоа патување, потсетувајќи на поттикот што го испрати во Киншаса, дека треба да престане Африка да се експлоатира, како и за екуменскиот дел од патувањето во Џуба, заедно со надбискупот од Кантербери и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска.

Неодамна завршеното Апостолско патување во два дела, првиот во Демократска Република Конго и вториот во Јужен Судан, беше во фокусот на катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 8 февруари 2023 година, која се одржа во салата Павле VI. Папата двата дела од патувањето ги нарече долог негувани соништа, за чие остварување е благодарен на Бога и ги спомена главните моменти од двата дела, во кои силно одекна повикот за мир, дијалог и дека како христијани треба да бидемe светлината на светот и сол на земјата.

Тоа беа два сона: да го посетам народот на Конго, чуварите на огромната земја, зелените бели дробови на Африка и другите во светот. Земјa богатa со ресурси и крвавa од војна која никогаш не завршува, бидејќи секогаш има некој што го пали огнот. И да го посетам суданскиот народот, на ходочастие на мирот заедно со надбискупот од Кентербери Џастин Велби и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска Јан Гриншилдс; отидовме заедно да посведочиме дека е можно, и неопходно, да се соработува во различностите, посебено ако верата во Христа е заедничка.

ДР Конго е ограбен дијамант

За Демократска Република Конго, папата Фрањо рече дека е како дијамант поради многуте ресурси и нејзините луѓе, но и дека богатството на земјата станало причина за конфликти, насилство и осиромашување.

Оваа динамика се среќава и во други африкански области и генерално важи за тој континент; колонизиран, експлоатиран, ограбен континент. Соочен со сето тоа, реков два збора; првиот е негативен: „Доста е!“ Доста е експлоатација на Африка! (…) Вториот збор е позитивен; „заедно“, заедно со достоинство и взаемна почит, заедно да одиме напред во името на Христос, нашата надеж. Без искористување, да се оди напред.

Заедно со жртвите на истокот од земјата „не“ на насилството

Светиот Отец спомена еден од најсилните моменти што ги доживеал во Киншаса, кога се сретнал со неколку жртви на насилство на истокот на земјата разурната од војна.

Луѓето живеат во страв и несигурност, жртвувани на олтарот на недозволените работи. Слушнав потресни сведоштва на некои жртви, особено жени, кои под крстот го оставија оружјете и други орудија за смрт. Заедно со нив реков „не“ на насилството, „не“ на резигнацијата, „да“ за помирување и надеж. Многу претрпеа и продолжуваат да страдаат.

Ја спомена средбата со оние кои преку бројни добротворни иницијативи се грижат за најсиромашните и кои ги охрабри не само да помагаат, туку и да го поддржуваат развојот на луѓето; како и онаа со младите Конгоанеци, потоа во катедралата поминатите моменти со свештениците, лицата посветени на Бога и семинаристите и на крајот со бискупите кои ги охрабри да бидат знаци на Божјото сочувство, близина и нежност.

Во Јужен Судан обединети со цел за помирување

Патувањето во Џуба, главниот град на Јужен Судан, беше екуменско ходочастие на мирот – рече Папата говорејќи за вториот дел од Апостолското патување. Во тоа време, имено, со него беа поглаварите на двете Цркви историски присутни во таа земја: Англиканската заедница и Црквата на Шкотска. Затоа папата Фрањо ја објасни причината и целта на оваа заедничка посета.

Тоа беше целта на патувањето што започна пред неколку години, а која нè собра во Рим во 2019 година заедно со властите на Јужен Судан, со цел да ја преземеме заложбата за надминување на конфликтот и градење мир. (…) За жал, процесот на помирување не напредува многу, а Јужен Судан е жртва на старата логика на моќ, ривалство, што предизвикува војна, насилство, бегалци и внатрешно раселени лица. Голема благодарност до претседателот за добредојденоста што ни ја искажа и за тоа што настојува да оди по тој пат, кој воопшто не е лесен, за да се каже ‘не’ на корупцијата и трговијата со оружје и ‘да’ за средбата и дијалогот. Срамно е; голем број на таканаречени цивилизирани земји му нудат помош на Јужен Судан, а таа помош е во форма на оружје, оружје за разгорување на војната.

Важно е да се сведочи братството

Потоа, нагласувајќи го значењето и екуменската важност на посетата на таа земја каде што молеше заедно со своите браќа Англиканци и оние од Шкотската црква, Папата истакна:

Во многу конфликтна реалност како што е онаа во Јужен Судан, овој знак е важен, но не е очигледен бидејќи, за жал, има и такви кои го злоупотребуваат Божјото име за да го оправдаат насилството и злоставувањето.

Понизните жени се надежта на Јужен Судан

Тој ја спомена и средбата со голема група внатрешно раселени лица кои живеат во кампови за раселени и каде има големо присуство на жени. Тие се сила која може да ја трансформира земјата – истакна Папата и додаде – освен тоа, ги охрабрив сите да бидат семе на нов Јужен Судан, без насилство и помирени. Светиот Отец потсети и на поттикот до верниците, кој го даде на светата Литургија со која заврши посетата, да бидат светлина и сол во својата земја. Бог не ја полага својата надеж во големите и моќните – рече тој – туку во малите и скромните. Потоа се заблагодари на браќата кои го придружуваа на тоа патување, како и на сите кои се залагаа успешно да помине ова патување.

На крајот Папата поттикна: Да молиме во Демократска Република Конго и во Јужен Судан и низ цела Африка да никне семето на неговото Царство на љубов, правда и мир..

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот