Папата: Во време на насилство, вистински предизвик е да се сака непријателот

Папата: Во време на насилство, вистински предизвик е да се сака непријателот

На светата Литургија одржана на Националниот стадион на Бахреин во Авали, Папата зборуваше за моќта на Исус; љубовта кон сите, па и кон противниците, го прекинува синџирот на злото и гради свет на браќа.

Третиот ден од посетата на Папата на Бахреин започна со света Литургија на националниот стадион во Авали, каде папата Фрањо служеше за мир и правда. На евхаристиското славење учествуваа околу 30.000 луѓе од четирите земји на Апостолскиот викаријат на Северна Арабија, меѓу кои се Бахреин, Кувајт, Катар и Саудиска Арабија, но и од други земји од Персискиот Залив и други области. Светиот Отец обраќајќи им се изрази наклонетост и близина на општата Црква. Црквата ве гледа и ве прегрнува – рече Папата – ве љуби и ве охрабрува.

Христовата моќ е љубовта

Колку повеќе се бара моќ, толку повеќе се загрозува мирот – рече Папата во својата проповед и истакна дека Христовата моќ, напротив, е љубовта. Големината на неговата моќ не се служи со силата на насилството, туку со слабоста на љубовта. Исус му дава на човекот моќ на љубов, да љуби во негово име, да љуби како што Тој љуби. Но, како да се примени оваа моќ?

На безусловен начин; не само кога работите одат добро и кога чувствуваме дека љубиме, туку секогаш; не само кон пријателите и блиските луѓе, туку кон сите, дури и кон непријателите. Да сакаш секогаш и да сакаш сè; да размислиме малку – поттикна Папата.

Секогаш да сакаш

Пред сѐ – објасни Папата – Исус нè повикува секогаш да сакаме, односно секогаш да останеме во неговата љубов, да ја негуваме и практикуваме без разлика во каква ситуација живееме. Но, погледот на Исус е конкретен – додаде Папата – не навестува сентиментална и романтична љубов, како да нема моменти на конфликт во нашите човечки односи и како да нема причина за непријателство меѓу народите. Исус е реален; конкретно зборува за зли луѓе и непријатели.

Тој знае дека во нашите односи се води секојдневна борба меѓу љубовта и омразата; и дека во нас секој ден има судир меѓу светлината и темнината, меѓу бројните намери и желби за добро и таа грешна кревкост што често нè зафаќа и нè вовлекува во лоши дела.

Конкретно да се живее братството

Во проповедта, понатаму, римскиот бискуп истакна дека Исус страда гледајќи во нашите денови, во многу делови од светот, моќта која се храни со угнетување и насилство, која сака да го зголеми сопствениот простор намалувајќи го на другите, наметнувајќи ја својата надмоќ и ограничувајќи ги основните слободи преку угнетување на слабите. Затоа, предлогот на Исус е изненадувачки и смел. Исус бара од нас да останеме секогаш, верни, да љубиме и покрај сè, дури и пред злото и непријателот. Едноставна човечка реакција би била „око за око, заб за заб“, но тоа значи барање правда со оружјето на применото зло – објасни Светиот Отец.

Исус предлага нешто ново, различно, незамисливо, нешто свое: „ ас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“ (Матеј 5,39). Господ бара од нас да тргнеме од себе, да започнеме конкретно и храбро да живееме општо братство, истрајувајќи во доброто и кога примаме зло, прекинувајќи го кругот на одмаздата, разоружувајќи го насилството, демилитаризирајќи го срцето – истакна Папата.

Да научиме да ги сакаме сите луѓе

Исусовиот повик не се однесува првенствено на важни прашања за човештвото, туку на конкретни ситуации во нашите животи: на нашите односи во семејството, во христијанската заедница, на односите што ги имаме на работното место и во општеството. Кој го наследува Кнезот на мирот мора секогаш да се стреми кон мир. А мирот не може да се врати ако на грд збор се одговори со уште погрд – истакна Папата – ако на еден удар следи друг. Не, напротив, потребно е да се „исчистат мините“, да се скрши синџирот на злото, да се прекине спиралата на насилство, да престане да се негува гнев, да се престане со самосоажлување и жалење. Неопходно е секогаш да се остане во љубовта. Но, љубовта – потсети папата Фрањо – не е доволна ако ја ограничиме на тесно подрачје на оние од кои добиваме љубов.

За да бидеме деца на Отецот и да изградиме свет на браќа, вистинскиот предизвик е да научиме да ги сакаме сите, дури и непријателите. „Сте слушале дека е кажано –‘Љуби го својот ближен и мрази го непријателот’. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5,43-44). Тоа всушност значи да одлучиш да немаш непријател, да не гледаш на друг како пречка што треба да се надмине, туку како брат и сестра што треба да ги сакаш. Да се сака непријателот значи да се донесе на земјата сјајот на небото; значи да се направат на светот да се спушти погледот и срцето на Отецот, кој не прави разлики, не дискриминира, туку „неговото сонце да грее врз злото и доброто и дожд да паѓа врз праведните и неправедните (сп. р. 45).

Да се љуби како Христос

Моќта на Исус е љубовта, а Исус ни дава моќ да сакаме на начин кој ни изгледа натчовечки. Но, истакна Папата, таквата способност не може да биде само резултат на нашите напори; таа е пред сѐ благодат. Благодат што треба упорно да се бара: Исусе, ти кој ме сакаш, научи ме да сакам како Тебе. Исусе, ти што ми простуваш, научи ме да простувам како Тебе. Испрати го твојот Дух врз мене, Духот на љубовта.

Да молиме за тоа. Затоа што – додаде Светиот Отец –често поставуваме многубројни барања пред Господа, но од суштинско значење е христијанинот да знае да љуби како Христос. Љубовта е најголемиот дар, а ние го добиваме кога му даваме место на Господа во молитва, кога ќе го прифатиме неговото присуство во неговото Слово што нè преобразува и во револуционерната понизност на неговиот прекршен леб. Така, полека паѓаат ѕидовите кои ни го закоравуваат срцето и пронаоѓаме радост во правењето дела на милосрдие кон сите. Тогаш сфаќаме дека блажениот живот минува низ блаженствата, а тој се состои во тоа да станеме миротворци – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот