Папата во видео порака се обрати на Корејците

Во среда во 16 часот од аеродромот Фјумичино ќе полета авионот кон Кореја носејќи го Светиот Отец на третото Апостолско патување, кое ќе трае до 18 август. Освен средбата со младите, на која ќе учествуваат на Денот на азиските млади, цел на Апостолското патување е да покрене мир помеѓу Северна и Јужна Кореја како и да ја зацврсти во верата локалната Црква околу нејзините маченици. Пред заминување на пат, на корејските верници Светиот Отец им се обрати со видео порака.

Драги браќа и сестри! За неколку дена, со Божја помош, ќе бидам меѓу вас, во Кореја. Однапред ви се заблагодарувам на вашето прифаќање и ве повикувам заедно со мене да молите ова патување да донесе на Црквата и на корејското општество добри плодови.

Стани, засјај! Со овие зборови кои пророкот Исаија му ги упати на Ерусалим, јас ви се обраќам на вас. Бог ве повикува да го прифатите Неговото светло, да Го прифатите во срцето како би можело да се одржува во животот со полна вера, надеж во љубовта, со полна евангелска радост – истакна Папата.

Како што ви е познато, доаѓам по повод Шестиот азиски ден на млади. Особено, на младите во прв ред ќе им го донесам Господовиот повик: Млади на Азија, станете! Славата на мачениците сјае на вас. Светлоста на воскреснатиот Христос сјае како во огледало во сведоштвото на Паул Јун Ји-Чунг и 123 другари, маченици на верата, кои во Сеул на 16 август ќе ги прогласам за блажени – рече Светиот Отец.

Младите се носители на надежта и енергијата за иднината; меѓутоа исто така се жртви на моралната и духовната криза на нашето време. Затоа би сакал на нив да им го навестам единственото име во кое можеме да бидеме спасени: Господ Исус.

Драги корејски браќа и сестри, верата во Христос во вашата земја пушти длабоки корени и донесе обилни плодови. Постарите се чувари на тоа наследство: младите без нив би биле без сеќавање. Средбата помеѓу младите и постарите е гаранција на одењето на народот. А Црквата е големо семејство во кое сме сите браќа и сестри во Христос. Во Негово име доаѓам при вас, радосен што со вас ќе го делам Евангелието на љубовта и надежта – заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот