Папата во Бахреин: Драги млади, ни требате!

Папата во Бахреин: Драги млади, ни требате!

На средбата со младите во Бахреин, Папата посебно ги покани да ја шират „културата на грижа“ и им посака да бидат добар квасец за пријателско и солидарно општество во време кога беснеат конфликти и каде што постои ризик дека етничките, културните и верските разлики стануваат проблеми, а не можности за заеднички раст.

На третиот ден од апостолскиот престој во Бахреин, Светиот Отец се сретна со младите во училиштето Пресвето Срце во Авали и истакна дека ни треба нивната креативност, нивните соништа и храброст, нивниот шарм и насмевки, нивната радост што помага да се ослободиме од старите навики и начини на гледање на работите“.

Ги поттикна младите „никогаш да не губат храброст и да го живеат животот во потполност“. По сведочењата на тројцата млади луѓе кои зборуваа на почетокот од средбата, папата Фрањо понуди „три мали повици“, инсистирајќи дека не зборува како учител, „туку како некој што е заинтересиран да ги поддржи и охрабри“.

Култура на грижа и семе на братство

Светиот Отец ги поттикна младите да ја „прифатат културата на грижа“, велејќи дека „грижата значи развивање внатрешен став на емпатија“ што води кон грижа за другите луѓе и нивните интереси. Културата на грижа, рече Папата, може да биде „пресвртница“ – „противотров“ за современиот свет, кој често е затворен во себе. За да можат да се грижат за другите, истакна Папата, прво мора да се грижат за себе, слушајќи го ритамот на своето срце; и разговорајќи со Бога, споделувајќи ги радостите и тагите од секојдневието на другите.

Осврнувајќи се на актуелната светска ситуација, тој посочи дека ветровите на војната нема да престанат да дуваат со технолошкиот напредок. Со тага гледаме дека во многу региони тензиите и заканите растат, а понекогаш и прераснуваат во конфликти. Светиот Отец истакна дека тоа се случува затоа што не работиме во склад со срцето, туку дозволуваме да се зголеми оддалеченоста меѓу нас. Како последица на ова, етничките, културните, верските и другите разлики меѓу нас стануваат проблеми и стравови кои потоа нѐ изолираат и не ни даваат можност да растеме заедно.

Папата Фрањо им порача на младите дека ако ја прифатат културата на грижа, „ќе направат семето на братството да расте. И тоа е мојот втор повик, да се шири братството’, додаде Светиот Отец и ги поттикна младите да бидат градители на иднината, бидејќи само со братство нашиот свет ќе има иднина.

Одлучни во донесувањето одлуки

На крајот ги повика да го прифатат предизвикот за донесување одлуки во животот. Донесувањето добри одлуки вклучува учење како да се премерат опциите и да се избере вистинскиот пат, рече Папата и ги поттикна младите секогаш да бараат „добри советници“ во животот, пред да се обратат за совет на Интернет.

Црквата е со вас и има потреба од секој од вас за да можеме да се обновиме, да истражуваме нови патишта, да експериментираме со нови јазици и да станеме порадосни и гостопримливи – истакна римскиот бискуп, а на крајот ги охрабри младите никогаш да не ја изгубат храброста да сонуваат големи соништа и да го живеат животот со полни гради! Усвојте ја културата на грижа и ширете ја. Станете прваци на братството. Соочете се со животните предизвици дозволувајќи си да бидете водени од Божјата верна креативност и добрите советници – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот