Папата во Бангладеш се сретна со свештениците и монашките заедници

Папата во Бангладеш се сретна со свештениците и монашките заедници

Звањето е семе кое треба да се негува со нежна грижа за да расте, станувајќи внимателни на ѓаволот кој сее неслога и молејќи се за да знае да се разликува доброто од лошото семе – ги поттикна папата Фрањо 1.500 свештеници, монаси, монахињи и семинаристи со кои на 2 декември се сретна во Дака.

Во своите заедници, епископи, свештеници, монаси и монахињи, и семинаристи бидете внимателни на поделбите кои предизвикуваат озборување, тој непријател на хармонијата – продолжи Папата – а ако имате нешто, кажете му на братот, кажете му го тоа во лице. На крајот, не бидете со тажни лица, и во страдањата и во неволјите барајте мир и радост. Додаваме дека Светиот Отец го даде подготвениот говор на шпански јазик, нудејќи совети за добар свештенички и монашки живот.

Светиот Отец рече дека за растот и негувањето на семето на звањето е потребна нежност. Недостасува ли во нашите заедници таа димензија на нежност, семето нема да расте. Секој епископ, свештеник, монах, монахиња или семинарист е Божјо семе. Но, треба да бидеме внимателни на непријателите кои доаѓаат во ноќта и во градината на Царството Божјо за да сеат плевел. Затоа е важно, да се разликува доброто од лошото семе, а тоа може да се оствари со расудување. Тоа е можно единствено кога човекот има срце кое моли и од Господ бара да бдее над нас – рече папата Фрањо.

Нудејќи друг совет, Папата потсети дека во „градината на Царството“ не постои само една билка и дека не е лесно да се пронајде единство. Човечките недостатоци го загрозуваат заедничкиот живот – предупреди Светиот Отец. Нашите заедници на епископи, свештеници, монаси и монахињи и семинаристи треба да знаат да се одбранат од секој облик на поделба. А ако Бангалдеш е пример за хармонија меѓу вероисповедите, за жал постојат многу непријатели на хармонијата внатре во заедниците.

Непријател на хармонијата кој најчесто го спомнуваме – нагласи Папата – е примерот на духот на озборување. Не смее да се зборува лошо зад нејзиниот грб, а директно да не сме разговарале со нејзе. Озборувањето е вид на тероризам – повтори папата Фрањо – се фрла бомба и заминува, уништувајќи. Кога сакате да озборувате некој, гризнете се за јазикот. Ако е возможно, кажете го она што мислете на личноста во лице, Исус ни го дава тој совет.

Последниот совет кој Светиот Отец им го понуди на свештениците и монасите и монахињите на Бангладеш, гласи: одржете го духот на радоста и веселбата, и немојте да имате тажно, огорчено лице. Предупреди дека е жално да се сретнат епископи, свештеници, монаси, монахињи или семинаристи со огорчени и тажни лица. Цитирајќи ги светиците кармилитанки, Тереза Авилска и Тереза на Детето Исус, Папата ја нагласи важност на барањето на радоста и во тешките моменти затоа што е важно да се пронајде мир во страдањето и трпењето. Ме радуваат средбите на свештениците, епископите или монасите и монахињите кои живееле живот во полнина. Нивните очи се неопишливи, полни со радост и мир, полни со Светиот Дух – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот