Папата: Војните и неволјите доведуваат до слабеење на човечкото братство

Папата: Војните и неволјите доведуваат до слабеење на човечкото братство

Папата Фрањо пред Генералната аудиенција во среда ги прими учесниците на конференцијата за прехранбената и хуманитарната криза што се одржува во Ватикан и ја истакна итната потреба од ублажување на страдањата на оние кои страдаат од глад. Своите мисли ги насочи и кон Украина: „Премногу често ситуациите предизвикани од природни катастрофи, но и вооружени конфликти, политичка или економска корупција и експлоатација на Земјата, опасно го загрозуваат снабдувањето со храна на цели народи“.

Да се гарантира пристап до доволно количество храна за оние кои немаат здрава исхрана и со тоа да се ублажат нивните маки е итен предизвик кој бара далековидни политички практики – ги предупреди папата Фрањо учесниците на конференцијата на Папската академија на науките, којa заврши на 10 мај 2023 година во Ватикан на тема „Храна и хуманитарни кризи: наука и политики со цел нивно спречување и ублажување“. Ако не се произведува оружје една година, нема да има глад во светот – рече Папата, цитирајќи научник со кого се сретнал и забележал:

Многу често, ситуации кои се карактеризираат со природни катастрофи, но и вооружени конфликти – особено мислам на војната во Украина – политичка или економска корупција и експлоатација на Земјата, која е нашиот заеднички дом, го отежнуваат производството на храна, ја поткопуваат стабилноста на земјоделските системи и опасно го загрозуваат снабдувањето со храна на цели народи.

Себичност на економските модели

Како резултат на сите овие кризи, влошени од пандемијата Ковид-19, братската солидарност слабее – предупреди Светиот Отец и додаде:

Ова е факт: војните и бедата доведуваат до слабеење на братската солидарност, што е предизвикано, меѓу другото, и од себичните барања својствени за некои актуелни економски модели.

Не можеме сами да излеземе од кризата

Дотолку повеќе, треба да бидеме сè повеќе свесни дека сè е тесно поврзано – истакна Римскиот бискуп – и затоа треба да сфатиме дека во криза исто така е можно да се препознаат и да се учи од грешките од минатото, развивајќи однесување на општа солидарност заснована на братство, љубов и меѓусебно разбирање. Папата затоа ги охрабри и им се заблагодари на сите кои работат за да одговорат на кризите со храна, и да можат да се соочат со проблемите што произлегуваат од кризите со храна и хуманитарните состојби.

Кризите се разликуваат од конфликтите. Конфликтите се затворени во себе, тешко е конструктивно да се излезе од конфликти. Напротив, можеме и треба да излеземе од кризата, но под два услова: не можеме сами да излеземе од кризата; или излегуваме заедно или не можеме да излеземе. Тоа е важно; не можеме да излеземе сами, ни треба заедница, група за да излеземе. Од друга страна, излегуваме од кризата за да се подобриме, секогаш да одиме напред, да напредуваме. Затоа ви благодарам за вашето однесување во оваа криза, за да излеземе заедно подобри.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот