Папата: Војната е дело на ѓаволот, само Исус носи мир

При посетата на парохијата Свети Архангел Михаил Папата истакна дека ѓаволот е татко на војната и дека секоја војна започнува во срцата на луѓето. Уште еднаш Светиот Отец повика секојдневно да се чита извадок од Евангелието.

Многу се војните во светот, сите тие се дело на ѓаволот. Но единствениот кој носи мир и сее единство е Исус и „треба да се навикнеме“ да Го слушаме секој ден, преку Евангелието. Тоа е суштината на пораката што папата Фрањо ја упати кон заедницата на римската парохија „Свети Архангел Михаил“ во населбата Пјетралата, која ја посети во недела попладне.

Пред Литургијата во црквата, Светиот Отец неочекувано посети еден центар за бегалци, кои се состои од бараки и е наречен „Кампо Аркобалено“ (Камп Виножито), на кого му помага заедницата „Свети Егидио“. Во него се сместени бегалци од Африка и Латинска Америка, а во последно време и од Украина и Русија. „Секој ден се молам за мир во Украина“, рече Папата при средбата со едно украинско семејство на емигранти.

Во малата црква „Свети Архангел Михаил“, изграденана почетокот на 20 век, Папата ја реализираше десетатаепархиска посета. Осум илјади семејства го очекуваа пред црквата, за да се заблагодарат на Папата затоа што дошол да ги посети. Светиот Отец најнапред влезе во парохискиот двор, каде што се задржа со болните на кои рече: дури и„кога е темно“, секогаш има еден Отец, кој сака и „никогаш не разочарува“. Потоа Папата во разговарот со родителите на децата кои се крстија годинава, им порачада ги воспитуваат добро во верата.

Папата разговараше и со поголемите деца. На нив им упати едно основно мото: војните не се само тие каде се убиваат деца во Ирак, Украина, Африка. Војните настануваат многу порано меѓу луѓе кои се неверници“. Папата Фрањо рече дека „таткото на војната е ѓаволот“, бидејќи тој е и „таткото на омразата, на лагите, зашто не сака единство“. Додека Бог го сака единството … Ако вие негувате во срцето завист и љубомора кон другите, тоа е почетокот на војните. Зависта не е вродена од Бог“.

Таа поука Светиот Отец ја повтори и во проповедта:„Тажно е кога во едно семејство браќата не зборуваат поради некоја глупост, бидејќи ѓаволот ја претвора глупоста во нешто големо. Така непријателствата продолжуваат со години и семејството се распаѓа: родителите страдаат, бидејќи децата не зборуваат … Ѓаволот сее зло и завист. Единствениот кој го прогонува ѓаволот е Исус. Само Исус може да ги излечи душевните рани“.

Папата повторно поттикна „да носиме со себе секогаш џебно Евангелие: „Треба да навикнеме да го слушаме словото на Исус. Да го слушаме Божјото Слово во Евангелието. „Читајте по еден извадок“, повика папата, и размислувајте: „Што ми зборува на мене. Имајте секојдневен контакт со Евангелието. Молете се со Евангелието. Бидејќи на тој начин Исус мене ми проповеда, со Евангелието ми го кажува она што сака да ми го каже“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот