Папата: Вечниот живот не е илузија, туку голема реалност

Папата на завршната Литургија во Средноафриканската Република истакна дека секој крстен треба постојано да раскинува со она што во него сè уште останало од стариот човек, грешник кој „секогаш е подготвен да се пробуди на повикот на демонот“ и кој е исполнет со конфликти, омраза и војни.

Нека христијаните во Централноафриканската Република бидат творци на човечката и духовната обнова, надминувајќи ги сомневањата, насилството и инстинктот за уништување што ги означи последните години во оваа африканска држава – е желба на папата Фрањо која ја изрази во проповедта на завршната света Литургија на стадионот Бертелеми Боганда во Банги.

И покрај тешките времиња, потребно е да се одлучува со храброст, да се има обновен мисионерски жар и да се помине на другиот брег, односно до Господ Кој ни дарува спасение и вечен живот – рече Папата, велејќи дека искушенијата и стрдањата можат да се сметат за можности кои го отвораат патот во новата иднина.

На празникот свети Андреј апостол кој „ниту момент“ не се двоумел дали да остави сè и со Петар да Го следи Исус, Папата истакна дека гласот на тие проповедници на Евангелието денес одекнува „повеќе од било кога“ во Средноафриканската Република“ повикувајќи на упорност во мисијата која – како што рече – и треба нови проповедници уште побројни, уште повеликодушни, уште порадосни и уште посвети. Сите ние сме повикани да бидеме гласници кои нашите браќа и сестри од секоја раса, религија и култура ги чекаат, често пати не знаејќи го тоа.

Словото треба да се навестува и да се слуша за да се сфати дека „другиот брег“ односно животот вечен „не е илузија“ или „бегство од светот“, туку голема реалност која нè „обврзува да истраеме во верата и љубовта“. Но, тоа го преобразува и нашиот сегашен живот и свет. Заради тоа Му благодарам на Господ на Неговото присуство и силата која секојдневно ни ја дава – поттикна Светиот Отец продолжувајќи:

Му благодарам на љубовта која блеска во нашите семејства и заедници која понекогаш ја нагрдува бедата, насилствата кои нè опкружуваат или стравот за утрешнината; Му благодарам за храброста која ни ја дава за да создаваме врски на пријателство и да водиме дијалог со оние кои се поинакви од нас, да простуваме на должниците, да се залагаме во градењето на поправедно општество во кое никој не е напуштен.

Потоа Папата истакна дека секој крстен треба постојано да раскинува со она што во него сè уште останало од стариот човек, грешник кој „секогаш е подготвен да се пробуди на повикот на демонот“ и кој на дело во нашиот свет и време е исполнет со конфликти, омраза и војни. Затоа посака Јубилејот на милосрдието да започне токму во Средноафриканската Република, да биде можност од Господ да молиме прошка заради бројните отпори и бавноста во сведочењето на Евангелието.

Вие – рече папата Фрањо собрани – треба пред сè да гледате кон иднината и зацврстени веќе со поминатиот пат, непоколебливо да одлучите да остварите нов период во христијанската историја на вашата земја; односно – како што им рече – упатете се кон новите хоризонти, излезете на море, во длабоките води.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот