Папата: Верата се пренесува околу домашната трпеза

Папата: Верата се пренесува околу домашната трпеза

Бракот е ризик што вреди! Тоа го истакна папата Фрањо во катедралата во Даблин, посветена на Пресвета Богородица, каде што се сретна со свршеници, младенци, но исто така и со сопружници со повеќе од педесет години брачен живот во рамките на IX. Светска средба на семејствата во главниот град на Ирска.

Папата Фрањо ја сподели среќата од средбата со ирските семејства во „таа историска катедрала посветена на Пресвета Богородица, која низ годините била сведок на голем број венчавки. Колку љубов била покажана, колку благодати се добиени на ова свето место! Благодарам на архиепископот Мартин за неговото срдечно добредојде. Особено сум среќен што сум со вас, свршеници и сопружници, кои се наоѓате во различни етапи од вашиот пат кон светотаинската љубов .“

За време на средбата Папата одговораше на прашања на присутните и рече дека „нашиот свет има потреба од револуција на љубовта“. „Нека таа револуција започне со вас и вашите семејства“, рече тој.

Сведоштвото на возрасните за убавината на семејниот живот

Светиот Отец се заблагодари за сведоштвото на Винсент и Тереза, кои прославуваа педесет години брачен и семеен живот. „Благодарам, како за охрабрувачките зборови, така и за предизвиците кои ги претставивте на новите генерации младенци и свршеници, не само тука во Ирска, туку и во целиот свет. Многу е важно да се слушаат возрасните, бабите и дедовците! Имаме многу да научиме од вашето искуство за брачниот живот. Растејќи во таа заедница на живот и љубов, сте искусиле многу радости несомнено и страдања. Заедно со сите брачни другари кои поминале долг пат, вие сте чувари на нашето колективно сеќавање. Имаме потреба од вашето сведоштво исполнето со вера. Тоа е непроценлив извор за младите двојки кои со нетрпение и надеж се надеваат на иднината, а можеби и со мала вознемиреност.

Бракот не е институција, туку повик

Следуваше сведоштвото на младите Дени и Шинед кои се пред прагот на брачниот живот. Тие го прашаа папата Фрањо како можат да им помогнат на другите за да разберат дека бракот не е институција, туку повик, една свесна одлука за цел живот да се грижиш, да си помагаш и взаемно да се заштитуваш.

Секако, мораме да признаеме дека денес не сме навикнати на работи што навистина траат цел живот. Ако сум гладен или жеден, можам да се нахранам себеси, но чувството дека сум сит не трае дури ниту еден ден. Ако имам работа, знам дека можам да ја изгубам против мојата волја или можеби треба да изберам друга кариера. Тешко е дури и да се остане во чекор со светот, бидејќи сè се менува околу нас, луѓето доаѓаат и си одат од нашите животи, се даваат ветувања што честопати не се исполнуваат. Можеби она што ме прашувате е уште поважно: „Дали навистина нема ништо непроценливо, што може да биде долготрајно? Дури и љубов?“ Ние знаеме колку е лесно денес да станеме затвореници на култура на привременото. Оваа култура ги напаѓа самите корени на нашите процеси на созревање, на нашиот раст во надежта и љубовта. Како можеме во оваа култура на привременост да доживееме што е навистина трајно? “

Еве што сакам да ви кажам. Меѓу сите форми на човечка плодност, бракот е единствениот од ваков вид. Тоа е љубов која раѓа нов живот. Се претпоставува взаемна одговорност во преносот на божествениот дар на живот  и нуди одржлива средина во која новиот живот може да расте и да расцветува. Брак во Црквата, односно Тајната на бракот учествува на посебен начин во таинството на Божјата вечна љубов. Кога еден маж и една жена, христијани, се обединуваат во брачен сојуз, благодатта на Господ ги прави способни слободно да си ветат еден на друг една ексклузивна и долготрајна љубов. Така, нивниот сојуз се претвора во светотаински знак на новиот и вечен сојуз помеѓу Господ и неговата свршеница, Црквата. Исус секогаш е присутен меѓу нив. Тој ги поддржува преку нивните животи на взаемно себедарување, во посветеноста и нераскинливиот сојуз (Gaudium et spes, 48). Неговата љубов е камен и засолниште во моментите на испитување, но пред сѐ е извор на постојан раст на чиста и вечна љубов.

Љубовта е сонот на Бог за нас

Ние знаеме дека љубовта е сонот Божји за нас и за целото човечко семејство. Никогаш не го заборавајте! Бог има сон за нас и сака да го оствариме. Не плашете се од тој сон! Направете ја богатство и сонувајте ја таа љубов секој ден заедно и одново. На овој начин, ќе бидете во можност да се поддржувате еден со друг со надеж, сила и простување во моменти кога патот станува тежок и станува сè потешко да се види. Во Библијата, Бог се обврзува да му биде верен на својот сојуз, дури и кога го натажуваме, и нашата љубов е ослабена. Тој ни кажува: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреи 13, 5). Како маж и жена, помазувајте се со овие ветувања, секој ден до крајот на животот. И никогаш не престанувајте да сонувате!

Пренесувањето на верата на децата

Младенците Стивен и Џордан му поставија на папата Фрањо многу важно прашање: како родителите можат да ја пренесат верата на децата. „Знам, рече папата Фрањо, дека Црквата, овде во Ирска, внимателно ги подготвила програмите за верското образование за да воспитува во верата во училиштата и во парохиите. Ова несомнено е многу важно. Но, првото и најважно место за пренесувањето на верата е домот, преку секојдневениот пример на родителите кои го сакаат Господ и веруваат во неговото Слово. Таму, во „Домашната црква“, децата учат што значи посветеност, искреност и самопожртвуваност. Тие гледаат како мама и тато се однесуваат еден кон друг, како се грижат еден за друг и другите, како го сакаат Бог и Црквата. Така децата можат да вдишат од свежиот воздух на Евангелието и да научат да разбираат, да расудуваат и да дејствуваат на начин достоен на верата што ја наследиле. Верата се пренесува околу домашната трпеза, во обичните разговори, со јазикот што може да го зборува само постојаната љубов.

Затоа, молете се заедно во семејството; зборувајте си за добрите и свети работи; дозволите на Марија, нашата Мајка да влезе во вашиот семеен живот. Празнувајте ги христијанските празници. Живеејте во солидарност со оние кои страдаат и отфрлените од општеството. Кога ќе го сторите тоа заедно со своите деца, нивните срца малку по малку ќе бидат исполнети со посветена љубов за другите. Можеби изгледа очигледно, но понекогаш тоа го забораваме. Вашите деца ќе научат како да ги делат благата на земјата со сите ако видат како нивните родители внимаваат на оние кои се посиромашни или помалку среќни од нив. Впрочем, вашите деца ќе научат како да живеат како христијани; ќе бидете нивните први учители за верата.

Револуција на љубовта и нежноста

Добродетелите и вистините на кои нè учи Господ, не се секогаш популарни кај денешниот свет кој дава многу малку внимание на слабите, ранливите и сите оние кои се сметаат за „непродуктивни“. Светот ни кажува да бидеме силни и независни, не обраќајќи толку внимание на оние кои се сами или тажни, отфрлени или болни, уште неродени или умираат. За кратко време ќе се сретнам со неколку семејства, кои се справуваат со сериозни предизвици и реални тешкотии, но кон кои оците капуцини покажуваат љубов и поддршка. Нашиот свет има потреба од револуција на љубовта. Нека таа револуција започне од вас и вашите семејства!

Пред неколку месеци еден човек ми кажа дека ја губиме способноста да сакаме. Не може да има револуција на љубовта без револуција на нежност! Нека преку вашиот пример, вашите деца бидат водени за да станат погрижливи, полни со љубов, генерации богати со вера, за обнова на Црквата и на целото ирско општество.

На тој начин вашата љубов, која е дар од Бог, ќе пушти уште подлабоки корени. Ниту едно семејство не може да расте ако ги заборави своите корени. Децата не растат во љубовта, ако не научат да комуницираат со своите баби и дедовци. Затоа, дозволите нашата љубов да пушти длабоки корени! Да не заборавиме дека „сето она кое расцветува на дрвото, живее од тоа кое е под земјата.“

Семејства во целата Црква заедно со Папата, претставени ова попладне од страна на постарите и помладите двојки, му благодарт на Бог за дарот на верата и благодатта на христијанскиот брак. Од наша страна, ние се обврзуваме на Господ да му служиме за доаѓањето на неговото царство на светоста, правдата и мирот со верност на ветувањата кои ги дадовме и на истрајност во љубов! За сите вас, за вашите семејства и за вашите најблиски, ви го давам мојот благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот