Папата: Братство е да се „извалкаат рацете“ на периферијата на светот, како Исус

Папата: Братство е да се „извалкаат рацете“ на периферијата на светот, како Исус

За да ги разбереме мигрантите, треба да погледнеме на себе. Мора да се интегрираат, не смеат да се сметаат за „камчиња во чевел“. Неопходна е и нова економија вкоренета во луѓето чиј клучен збор е солидарноста, нагласи папата Фрањо на средбата со претставниците на Светскиот фонд за солидарност.

Непосредно пред Генералната аудиенција во среда 25 мај 2022 година, Светиот Отец прими претставници на Светскиот фонд за солидарност. Тој им се обрати со неколку лични зборови и им го предаде говорот што го подготви за таа пригода. Заблагодарувајќи им се за средбата, Папата истакна дека го цени тоа кога луѓето одат на периферијата. Едноставно затоа што Исус одел на периферијата за да сведочи за Евангелието, забележа тој, нагласувајќи ја важноста да се оди кај оние на кои им треба близина, кои се на периферијата – без разлика дали се физички или душевни.

Во продолжение објасни дека близината е Божјиот стил. Оние кои се одвојуваат за да ја задржат верата е „повторно предавство“ на најстарото фарисејство. Сакаат да имаат чиста душа, но со таков став можеби ќе имаат чиста душа, но и срце извалкано од себичност, рече Папата. Наместо тоа, нагласи Светиот Отец, потребно е да се оди во предградијата, да се најдат луѓето кои не се земаат во предвид, отфрлени од општеството. Одењето на таквите места е токму она што го направи Исус.

Кога станува збор за мигрантите, Светиот Отец повтори дека тие мора да бидат прифатени, придружувани, промовирани и интегрирани. Тоа е патот на нивната интеграција во општеството. Не е милостина кога се оставаат сами. Неопходно е да се примат и интегрираат, преку образование, вработување, рече Светиот Отец.

Римскиот бискуп потсети на трагедијата на белгискиот аеродром Завентеем, извршена од група млади Белгијци, деца на имигранти, неинтегрирани, заглавени во гета. Неинтегрираниот мигрант е на половина пат, рече Папата. За него е опасно, бедник, бидејќи секогаш ќе биде просјак. Исто така е опасно за сите. Мигрантите не треба да се сметаат за „камчиња во чевли“ што пречат, нагласи Папата, повторувајќи ја важноста на интеграцијата.

За да ги разбереме мигрантите, Папата рече дека треба да се погледнеме себеси. Затоа, неопходно е секогаш да се гледаат корените. Европа ја изградија мигрантите, рече тој. Денес, за сериозен развој се потребни мигранти. Папата ја спомна и „демографската зима“ поради која нема деца, а иднината се стеснува. Затоа, потребно е „овие добри луѓе да дојдат“, но потребно е да се интегрираат. Тој се заблагодари на фондот за нивната работа со мигрантите и истакна: тоа не е милостина, тоа е братство.

Светиот Отец ја истакна и важноста од потрагата по нов вид економија. Економијата мора да се промени. Треба да преминеме од либерална економија во економија која ја споделуваат луѓе, економија на заедницата. Потребна е христијанска економија, рече Папата и повика на потрага по „нови економии на ова време“.

На крајот Папата ги охрабри со зборовите: „Само напред, извалкајте ги рацете. Ризикувајте. И погледнете ги бројните периферии: Југоисточна Азија, дел од Африка, дел од Латинска Америка. Многу периферии, навистина многу, срцето чувствува болки за тоа. Ви благодариме за вашата работа“.

Текстот кој Папата им го даде на присутните го нагласува зборот „солидарност“. Ова е една од централните вредности на социјалната наука на Црквата. Но, за да се реализира, мора да биде придружена со близина и сочувство кон другата, маргинализираната личност, кон сиромашните и мигрантите, пишува Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот