Папата: Бог секогаш одговара на нашите молитви

Папата: Бог секогаш одговара на нашите молитви

Молитвата ја менува реалноста, да не го заборавиме тоа.

За да бидеме сигурни дека Бог ќе одговори на нашите молитви и дека ниту една нема да биде неуслишана, Исус нè повикува упорно да се молиме – рече папата Фрањо во катехезата која ја одржа во текот на Генералната аудиенцијана 9 јануари 2019 година во салата Павле VI во Ватикан размислувајќи за делот од Евангелието според Лука (Лк 11,9-13) кој започнува со Исусовите зборови: „Сакајте и ќе ви се даде.“ Клучната точка која го исполни размислувањето на Папата беше молитвата која ја преобразува реалноста и нашето срце со дарот на Светиот Дух. Затоа молитвата е победа над осаменоста и разочарувањето. Имено, на крајот од животот нè чека Отецот со раширени раце.

Утешително е да знаеш дека Исус се моли за нас, за секој од нас, за верата да не ни ослабне и тоа го прави токму пред Отецот – рече Папата и протолкува: Имено Исус пред сè е човек на молитва, како што се гледа во различни настани од Евангелието, од Преображението до Крштението во Јордан, па до смртта. Потребно е да се моли сѐ до крајот. Целиот Исусов живот е потопен во молитвена атмосфера. Се работи за молитва која ги пригушува насилните чувства и желбата за освета и го помирува човекот со смртта, со неговата непријателка.

Како што направил еден од Исусовите ученици и ние можеме да Го молиме Господ да нè научи да се молиме – рече папата Фрањо и истакна: Првиот дел од тоа Исусово учење е токму „Оче наш“ со кое христијанинот му се обраќа на Бог, го нарекува пред сè Отец. Времето за молитва можеме да го поминеме само со тој збор: Оче. Можеме да почувствуваме дека имаме татко; не господар ниту очув, туку Татко.

Осврнувајќи се на некои однесувања на верниците кои се молат, Папата потсети на параболата за упорниот пријател, истакнувајќи дека со него Исус сака да нè научи да се молиме и да бидеме упорни во молитвата. Вториот пример е оној за таткото кој има гладен син. Сите вие татковци и дедовци кои сте овде – рече Папата, кога синот или внукот нешто бара, кога е гладен бара и бара, потоа плаче, вика, гладен е: „И кој татко од вас, ако побара риба, па да му даде змија место риба?“ (Лк 11, 11) Сите имате искуство кога детето бара да јаде, за негово добро му го давате она што го бара. Со тие зборови Исус ни помага да сфатиме дека Бог секогаш одговара и дека ниту една молитва не е неуслишана, затоа што Он е Отец и не ги заборава своите деца кои трпат.

Се работи за тврдења кои можат да доведат до криза затоа што често изгледа дека молитвата не донесува никаков плод – рече Светиот Отец. Колку пати сме барале и не сме примиле? Сите го имаме тоа искуство. Колку пати сме чукале и сме нашле затворена врата? Исус ни препорачува во тие моменти да бидеме упорни и да не се предадеме. Молитвата секогаш ја преобразува реалноста. Ако не се менуваат работите околу нас, барем се менуваме ние и нашето срце. Исус го вети дарот на Светиот Дух на секој човек кој се моли.

Поттикнувајќи да бидеме сигурни дека Бог ќе одговори, папата Фрањо нагласи дека единствено е несигурно кога ќе одговори; но не смееме да се сомневаме дека ќе нè услиши. Можеби ќе мора да бидеме упорни цел живот, но Он ќе одговори. Ништо не е посигурно од тоа. Желбата за среќа која сите ја носиме во срцето еден ден ќе се оствари. Бог ќе донесе правда за своите избраници кои го повикуваат ден и ноќ и тоа ќе биде ден на славата и воскресението.

Молитвата ја менува реалноста да не го заборавиме тоа. Или ги менува работите или го менува нашето срце, но секогаш менува. Молитвата е победа над осаменоста и разочарувањето. Тоа е како секое парче од созданието го преплавува некоја приказна која понекогаш не ја сфаќаме. Но, таа е во движење, и на крајот од секој пат и молитва, на крајот о времето и животот се наоѓа Отецот кој сè и секого го чека со рашиени раце. Да го гледаме тој Отец – поттикна на крајот Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот