Папата: Бог прво спасува, а потоа бара верност

Папата: Бог прво спасува, а потоа бара верност

Папата Фрањо продолжи со серијата катехези за Божјите заповеди напоменувајќи дека Бог најпрво го спасува својот народ на Црвеното море, а потоа на Синај им зборува што треба да прават.

Верата треба да произлезе од ослободувањето, а не од должноста – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција која ја одржа на плоштадот Свети Петар на 27 јуни 2018 година. Како и минатата среда на аудиенцијата освен верниците присутни на плоштадот, учествуваа и болни кои го следеа Папата по пат на директен видео-пренос од салата Павле VI. Светиот Отец продолжи со серијата катехези за Десетте Божји заповеди, а темата на денешната беше „Божјата љубов му претходи на законот и му дава смисла.“

Бог најпрво спасува, а потоа бара верност

Папата потсети дека Десетте Божји заповеди односно „зборови“ започнуваат на следниот начин: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството“ (2Мој 20, 2). Овој почеток би можело да изгледа необичен со оглед на законите кои ги следи, но тоа не е случај. Зошто тоа Божјо прогласување само по себе е и ослободување? – праша папата Фрањо и одговори дека затоа што избраниот народ доаѓа на Синај откако поминал преку Црвеното море. Бог Израелов најпрво спасува, а потоа бара верност. Со други зборови Декалогот започнува со Божјата великодушност. Бог никогаш не бара, а пред тоа да не даде – истакна Светиот Отец и додаде: Најпрво спасува, најпрво дава, а потоа бара. Таков е нашиот Отец, добриот Бог.

Кој започнува од себе се враќа на себе

Папата Фрањо напомена дека првиот проглас „Јас сум Господ, Бог твој“ објаснува дека Бог не е странец, туку е твој Бог. Рече дека тоа го расветлува целиот Декалог откривајќи ни ја исто така тајната на христијанското делување затоа што тоа е воедно Исусовиот став кој вели: „Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас“ (Ив 15, 9). Христос е љубениот Син на Отецот и Тој нѐ љуби со истата љубов. Тој не почнува од себе, туку од Отецот. Папата рече дека нашите дела често не успеваат затоа што започнуваме од себе, а не од благодарност. А оној кој започнува од себе се враќа на самиот себе! – предупреди Светиот Отец.

Христијанскиот живот како благодарен одговор на великодушниот Отец

Христијанскиот живот пред сѐ е благодарен одговор на великодушниот Отец – рече папата Фрањо и додаде: Христијаните кои ја следат само „должноста“ признаваат дека немаат лично искуство со тој Бог Кој е „наш.“ Напомена дека темел на должноста е љубовта на Бог Отецот кој напрво дава, а потоа заповеда, додавајќи дека да се даде предност на законот пред односот не помага на патот на верата.

Заповедите ослободуваат од егоизмот

Како млад човек може да сака да стане христијанин ако појдуваме од обврските, должностите, доследностите, а не од ослободувањето? – праша Папата и истакна: Да се биде христијанин е пат на ослободување! Заповедите те ослободуваат од сопствениот егоизам и те ослободуваат затоа што љубовта Божја те носи напред. Христијанската формација не се темели на силата на волјата, туку на прифаќањето на спасението, да дозоволиме да бидеме љубени – рече Светиот Отец повторувајќи дека Бог најпрво го спасува својот народ на Црвеното море, а потоа на Синај му зборува што треба да прави.

Колку прекрасни работи направил Бог за мене?

Благодарноста е карактеристична особина на срцата кој ги посетил Светиот Дух – напомена папата Фрањо дека за послушност на Бог потребно е пред сѐ да се присетуваме на неговите доброчинства. Во тој контекст потсети на зборовите на свети Василиј Велики кој во своето „Кратко правило“ пишува дека оној кој не дозволува тие доброчинства да паднат во заборав е насочен кон добри добородетели и кон секое праведно дело. Светиот Отец потоа на присутните им предложи кратка вежба за присетување. Тој ги повика во тишина, во своето срце да се запрашаат: Колку прекрасни работи Бог направил за мене? И тоа е Божјо ослободување. Бог направил толку прекрасни работи и нѐ ослободува – повтори Папата.

Не се спасуваме сами, но можеме да упатиме крик за помош

Сепак некој може да чувствува дека сѐ уште нема вистинско искуство на Божјо ослободување – рече папата Фрањо и продолжи: Тоа може да се случи. Кога човекот би можел да погледне во својата внатрешност и да пронајде само чувство на должност, на духовност на слуга, а не на дете. Што да се направи во тој случај? Она што го правел избраниот народ. Во Книгата Исход стои: „А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова.нИ погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив.“ (2Мој 2, 23-25) Бог мисли на мене – рече Светиот Отец.

Ослободувачкото Божјо дело кое се наоѓа на почетокот на декалогот односно на заповедите е одговорот на тој крик – рече Папата додавајќи дека не се спасуваме сами, туку можеме да упатиме крик за помош: „Господи спаси ме, научиме на патот, помилуј ме, дади ми малку среќа.“ Тоа е крик кој бара помош. Наше е да побараме да нѐ ослободи од егоизмот, гревот, синџирот на ропството. Рече дека тој крик е важен, станува збор за молитва, за свест дека во нас постои нешто што не е ослободено.

Бог нѐ повикува на живот за да бидеме слободни

Бог го исчекува тој повик затоа што може и сака да ги скрши нашите окови – рече Светиот Отец и продолжи: Бог нѐ повикува на живот за и понатаму да не сме угнетувани, туку да бидеме слободни и да живееме во благодарност, станувајќи послушни со радост на Оној Кој многу ни дал, бескрајно многу од она што ние некогаш би можеле да Му дадеме Нему. Нека е благословен Бог во векови за тоа што го направил и го прави со нас – заврши папата Фрањо.

Папата има посебно место во срцата на луѓето со инвалидитет

Пред денешната Генерална ауденција папата Фрањо се сретна со болните во салата Павле VI поздравувајќи го притоа на посебен начин здружението „Иницијатива на млади глуви луѓе католици од американскиот континент.“ Напомена дека во Господовото срце постои посебно место за оние кои имаат било каков облик на инвалидност, а така и во срцето на Петровиот наследник. Изрази надеж дека нивниот престој во Рим ќе биде духовно збогатување и дека ќе се зацврсти нивното сведочење на Божјата љубов кон неговите деца.

Споротот овозможува раст во меѓусебното тазбирање и пријателството

Светиот Отец во салата Павле VI исто така се сретна со делегацијата од Специјалната олимпијада која оваа години слави педесет години постоење. Светот на споротот нуди посебна прилика на луѓето да растат во меѓусебното разбирање и пријателството, и се молам овој олимписки пламен да биде знак на радост и надеж во Господ кој на своите деца им поделува дарови на единство и мир – рече папата Фрањо повикувајќи на сите оние кои ги поддржуваат целите на Специјалната олимпијада Божји благослов радост и мир.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот