Папата: Бог победува во понизноста

Божјиот стил не е човечки стил. Бог победува во понизноста – рече папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта, коментирајќи го евангелискиот извештај за смртта на свети Иван Крстител – последниот пророк и „најголемиот меѓу родените од жена.“

Најголем меѓу луѓето, праведник и светец кој го подготвувал народот за доаѓањето на Месијата, а неговиот живот завршил со отсекување на главата во мрачниот затвор – сам, осуден заради омразата на една царица и кукавичлукот на еден цар. Но сеедно Бог победува – рече папата Фрањо коментирајќи го на светата Литургија во домот Света Марта на 5 февруари евангелискиот дел кој зборува за мачеништвотот на свети Иван Крстител.

Последен пророк

Исус во Евангелието го нарекува свети Иван „најголем меѓу родените од жена“. И покрај тоа Иван завршил во затвор, со отсечена глава, а последните зборови кои за него се запишани изгледаат – рече Папата – речиси резигнирани: „Неговите ученици пак кога разбраа, дојдоа и го зедоа телото негово и го погребаа.“ Така завршил најголемиот меѓу родените од жена, големиот пророк; последниот пророк. Единствениот на кој му било дадено да ја виде утехата на Израилот.

Мака најголема

Папата Фрањо запраша како му било на Иван Крстител во неговата ќелија, каква била состојбата на душата на „гласот кој вика во пустината“, а кој сега е сам и затворен не само во синџири – смета Папата – туку веројатно и во некои несигурности кои му доаѓале и покрај сè.

Поднесувал во затворот и – да го наречеме тоа така – внатрешна мака на сомнежот: „Дали можеби згрешив? Овој Месија не е таков каков што го замислував, месијата би требало да биде…“ Заради тоа – рече Папата – ги испраќа своите ученици да го прашаат Исус: Дали си Ти Оној Кој треба да дојде? Тој сомнеж му бил изворот на маката. Се прашувал: Дали згрешив во навестувањето? Дали го измамив народот?“

Да се намалуваш се до крајот

Намалувај се, секогаш се намалувај – тоа бил животот на Иван Крстител – истакна Светиот Отец. Бил „великан кој не ја барал сопствената, туку Божјата слава“, а чиј живот завршил така „прозаично во анонимност.“ Но, со својот став – рече Папата – го подготвил патот на Исус, Кој на сличен начин ќе умре во мака, сам без учениците.

Би било добро денес да го читаме тој дел од Евангелието, да видиме како Бог победува: Божјиот стил не е човечки стил – рече Папата и поттикна: Да го молиме Господ за милоста на понизноста како свети Иван, да не се китиме со туѓите заслуги и слава. Пред сè – додаде- да молиме за милоста во нашиот живот да има секогаш место за Исус да расте, а ние да се намалуваме – сѐ до крајот.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот