Папата: Богопосветените лица се мажи и жени во служба на Бог

„Повикани сте на сведочење на реалноста на Бог пред сѐ со вашиот живот, а потоа и со зборови“. Ова го рече папата Фрањо во импровизираното свое слово упатено до илјадниците Богопосветени лица собрани во ватиканската аула „Павле VI“ по повод затворањето на Годината на богопосветениот живот.

Претходно подготвеното слово Папата го предаде на префектот на Конгрегацијата за богопосветен живот, кардиналот Жоао Брас де Авиз и во импровизираното свое слово Светиот Отец се задржа на трите упоришта, колони на богопосветениот живот: пророштво, блискост и надеж. Богопосветените лица – рече Папата – се „мажи и жени посветени во служба на Господ, кои на тој начин сведочат едно силно пророштво, една целовита љубов, која води до духовно мајчинство и татковство за целата Црква и која се изразува преку послушноста“. Но во таа послушност – истакна папата Фрањо – „секогаш недостасува нешто, бидејќи совршената послушност е таа на Синот Божји, кој се понизи, стана човек од послушност до смртта и тоа смрт на крстот“.

Послушноста на богопосветените лица е пророштво, истакна Папата. „Пророштвото значи да им се каже на луѓето дека постои еден пат на среќа, на величие кое исполнува со радост. Тоа е патот на Исус, близината до Исус“. Пророштвото – продолжи Папата – „е да кажеш дека постои нешто вистинско, поубаво, поголемо и подобро, нешто кон кое сите сме повикани“. Според папата Фрањо „пророштвото е дар, харизма, која треба да биде испросен од Светиот Дух: да можам да ги кажам вистинските зборови во вистинскиот момент, да направам нешто во вистинскиот момент за да може целиот мој живот да биде пророштво“.

Богопосветените лица – рече папата Фрањо – „се мажи и жени пророци“. „Има мажи и жени меѓу нас кои живеат со една голема послушност“, истакна Папата. „Но, таа послушност не е послушност на дисциплина, туку е послушност на дарување на срцето: тоа е пророштво, бидејќи е спротивно на семето на анархијата што ја сее ѓаволот“. „Синот Божји не беше анархист – потсети Папата – не ги повика своите ученици за отпор против непријателите. Синот Божји беше послушен и единствено го помоли Отецот ако може да ја „отстрани оваа чаша од Него“, но според волјата на Бог“.

Оттука Папата се осврна и на втората колона: блискоста. „Која е првата блискост за богопосветеното лице?, запраша папата Фрањо. „Да отиде кај својот брат или сестра од заедницата. Тоа е вашиот прв ближен“. За богопосветените мажи и жени „блискоста не значи да се биде оддалечен од луѓето и да се имаат сите удобности. Блискоста значи да се приближиме и да го разбереме животот на верниците и неверниците, нивните страдања и проблеми кои можат да се разберат само ако богосветениот или богопосветената се доближат до нив“. Како пример Папата ја посочи Света Тереза од детето Исус, која иако беше монахиња во клаузура „преку своето запалено срце и со писмата кои ги пишуваше беше уште поблиску до луѓето“. Да си богопосветен – предупреди Папата – „не значи да се искачиш на неколку скалила повисоко во општеството. Богопосветениот живот не е животен статус кој ми дозволува да ги гледам другите од погоре. Богопосветениот живот треба да доведе до физичка и духовна блискост и до запознавање на луѓето“.

Што се однесува до надежта, папата Фрањо изјави дека е загрижен поради падот на звањата. „Се прашувам: Зошто Господи утробата на богопосветениот живот е бесплодна?“. „Затоа што против таа неплодност треба да се моли повеќе и неуморно. Господ, кој беше толку дарежлив, нема да се одврати од ветувањето, но треба да се молиме, да тропаме на вратата на неговото срце. Надежта е само во Господ“, истакна Светиот Отец.

Затоа, рече Папата, богопосветените лица „се повикани да ја сведочат реалноста на Бог, пред сè со својот живот, а потоа со зборовите. Ако понекогаш Бог е отфрлен, маргинализиран или игнориран, треба да се запрашаме дали сме биле доволно транспарентни, покажувајќи го нашиот лик, а не ликот на Бог“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот