Папата: Бидете со својот народ и бришете ги солзите

Папата: Бидете со својот народ и бришете ги солзите

Вториот ден од посетата на Папата на Јужен Судан започна со средба со бискупите, свештеници, ѓаконите, посветени лица и семинаристи во катедралата Света Тереза во Џуба: Бидете милосрдни пастири, не племенски водачи, пророци на близината, а не во потрага по верски и општествен углед.

Одамна посакував да ве сретнам; за тоа денес сакам да се заблагодарам на Господа – ова беа првите зборови што ги кажа папата Фрањо откако ги слушна сведочењата на еден свештеник и една монахиња, на средбата со бискупите, свештениците, ѓаконите, лица посветени на Бога и семинаристи, со кои на 4 февруари 2023 година, се сретна во катедралата Света Тереза во Џуба. На средбата присуствуваа околу 5.000 верници: околу илјада во катедралата, а останатите мораа да останат надвор.

Истакнувајќи дека сака да погледне на водите на реката Нил од библиска перспектива, која често ја поврзува водата со Божјото дејство во корист на својот народ, Папата истакна дека во тие води денес се солзите на народот потопен во страдање и болка, измачуван од насилство.

Водите на големите реки, именого собира крикот на страдање на вашите заедници, го собираат крикот на болката на многубројните прекинати животи, собирајќи ја драмата на луѓето кои се во бегство, тагата во срцата на жените и стравот втиснат во очите на децата. Се гледа стравот во очите на децата. Меѓутоа, во исто време, водите на големата река нè враќаат кај Мојсеј и затоа се знак на ослободување и спасение; од тие води, имено, Мојсеј се спаси и, водејќи го својот народ среде Црвеното Море, станаа средство за ослободување, икона на помошта Божја кој ја гледа маката на своите деца, го слуша нивниот плач и слегува да ги ослободи.

Повикани сме да бидеме послушни орудија во Божјите раце

Папата Фрањо ги охрабри присутните да се запрашаат што значи да се биде Божји слуга во историја проткаена со војни и сиромаштија, каде што лицата на луѓето кои ни се доверени се преплавени со солзи од болка, и предложи две карактеристики на Мојсеј: послушност и посредување .

Мојсеј беше послушен на Божјата иницијатива – истакна Папата – но не веднаш. Откако ќе го открие својот идентитет и ќе биде погоден од страдањата на неговиот народ, Мојсеј решава самиот да ја земе во свои раце правдата, убивајќи Египќанец. Но, тогаш тој доживува неуспех и еден вид внатрешна пустина. Сметаше само на сопствените сили и на насилството одговараше со насилство.

Некогаш нешто слично може да се случи во нашите животи како свештеници, ѓакони, монаси и семинаристи, посветени лица; длабоко во себе мислиме дека сме центарот, дека можеме, ако не теоретски, барем во пракса, да се потпреме речиси исклучиво на сопствената способност; или, како Црква, можеме да најдеме одговор на страдањата и потребите на луѓето преку човечки орудија, како што се парите, лукавството, моќта. Напротив, нашите дела доаѓаат од Бога; Тој е Господ, а ние сме повикани да бидеме послушни орудија во неговите раце.

Не племенски водачи, туку милосрдни пастири

Подоцна, кога ќе се сретне Бог кој се покажа во капината која гори, Мојсеј ја сфаќа својата грешка и дозволува да биде привлечен и воден од Него. Послушноста – истакна папата Фрањо – е она што ни овозможува да ја живееме нашата служба на обновен начин, каде што центарот не е нашата сопствена волја, туку словото Господово.

Пред Добриот Пастир сфаќаме дека не сме племенски водачи, туку сочувствителни и милосрдни пастири; не господари на народот, туку слуги кои се наведнуваат да ги мијат нозете на своите браќа и сестри; ние не сме светска организација која управува со земните добра, туку сме заедница на Божји деца.

Посредувањето значи да се влезе во центарот на ситуацијата

Зборувајќи за Мојсеј, Папата, заедно со послушноста, го истакна и неговото посредување и објасни дека посредувањето не значи само да се моли за некого, туку влегување во центарот на ситуацијата. Имено, Мојсеј влегува во историјата на својот народ и станува мост меѓу Бога и народот.

Од пастирите се бара да ја развијат токму оваа уметност на „одење во средина“; посебноста на пастирот е да оди во средина; среде страдањата и солзите, среде гладот за Бога и жедта на браќата и сестрите за љубов. Наша прва должност не е да бидеме совршено организирана Црква; секоја компанија може да биде таква. Тоа не е тоа. Но, Црквата во името Христово стои среде напатениот живот на народот и ги валка рацете за луѓето. Никогаш не смееме да ја извршуваме нашата служба стремејќи се кон верски и општествен престиж – многу често грдо напредување во кариерата – туку нашата служба треба да ја извршуваме одејќи среде и заедно, учејќи да слушаме и зборуваме, да соработуваме меѓу нас служителите и лаиците.

Пред болката и неправдата не може да се биде неутрален

Зборувајќи за Мојсеј кој посредува за народот, Папата истакна дека Библијата го покажува во три ставови: со стап во раката, со раширени раце и со кренати раце кон небото. Во првата сцена Мојсеј посредува со пророштвото, правејќи чуда. Ова е лекција за Црквата денес, која мора да се чува од искушението да ги остави работите какви што се поради страв да не ги изгуби привилегиите и погодностите.

Браќа и сестри, за да се посредуваме за нашиот народ, и ние сме повикани да го кренеме гласот против неправдата и злоупотребата на власта, која ги угнетува луѓето и користи насилство за да управува со работите во сенка на конфликтот. Ако сакаме да бидеме пастири кои посредуваат, не можеме да останеме неутрални пред болката предизвикана од неправдата и насилството, бидејќи таму каде што една жена или маж се повредени во нивните основни права, Христос е повреден.

Да ги подадеме рацете за да ги подигнеме нашите браќа

Мојсеј со подадени раце е знак на Божјата близина кој дејствува, кој поттикнува и следи, а тоа го правел Мојсеј четириесет години, исто така среде надворешните тешкотии, како и оние што ги чувствувал внатре.

И ние ја имаме таа задача: да ги пружиме рацете, да ги подигнеме нашите браќа, да ги потсетиме дека Бог е верен на своите ветувања, да ги поттикнеме да одат напред. Нашите раце се помазани од Духот не само за свети обреди, туку за да ги охрабриме, помагаме, придружуваме луѓето да излезат од она што ги кочи, што ги затвора и ги плаши.

Дарот на животот на многу мисионери и мисионерки

На крајот, рацете на Мојсеј кренати кон небото покажуваат колку Мојсеј се грижи за судбината на својот народ, кој го поддржува со молитва, понекогаш и во вистинска борба со Бога, за Господ да му прости на Израел и да остане со него.

Затоа папата Фрањо се врати на почетното прашање, односно како да се служи на оваа земја и истакна за да се биде пророк, следбеник, посредник може да бара самиот живот.

Бројни свештеници, монахињи, монаси (…) беа жртви на насилство и напади во кои ги загубија животите. Всушност, тие ги дадоа своите животи за Евангелието, а нивната близина со нивните браќа и сестри е прекрасно сведоштво кое ни го оставаат и нè повикува да го продолжиме нивниот пат.

Спомнувајќи го свети Даниел Комбони, кој беше мисионер во Судан, и кој рече дека се потребни храбри и великодушни души кои знаат да страдаат и да умрат за Африка, папата Фрањо го заврши својот говор, посакувајќи им на сите присутни на средбата да бидат великодушни пастири и сведоци, пророци на близина и посредници, со кренати раце, за народот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот