Папата: Ангелот чувар е нашата врска со небесниот Отец

Папата: Ангелот чувар е нашата врска со небесниот Отец

Постои опасност да не се оди; опасност да го згрешиме патот и опасност да го напуштиме патот.

„Еве, Јас го праќам пред тебе Ангелот Мој, за да те пази по патот, и да те воведе во земјата што сум ти ја приготвил.“ (2 Мој 23, 20) се зборовите од првото читање од Втората Книга Мојсеева за денешната Литургија, кои го вдахнаа папата Фрањо за проповедта на светата Литургија која денес на празникот на светите ангели чувари, ја служеше во домот Света Марта во Ватикан. Животот е пат на кој ни е потребна помош од пријателите, заштитниците и од оние кои се како патокази и нѐ чуваат од опасностите и замките на кои наидуваме – рече Папата и посебно истакна три замки.

Постои опасноста да не се оди – рече Светиот Отец и продолжи: Колку луѓе ќе запрат и повеќе не се движат, и цел живот стојат и не прават ништо… Тоа е опасно. Како човекот од Евангелието кој се плаши да го вложи својот талант. Го закопал во земјата и рекол: Мирен сум, нема да згрешам, така не ризикувам. Многу луѓе не знаат да одат, се плашат да ризикуваат и стојат неподвижни. Но, го знаеме правилото дека оние кои во животот се неподвижни завршуваат во корупција. Како водата кога е застоена доаѓаат комарците ги положуваат своите јајца и сѐ се расипува. Ангелот ни помага и нѐ поттикнува да одиме.

Другите две опасности на нашиот животен пат се: опасноста да го згрешиме патот, што можеме само на почетокот лесно да го исправиме; и опасноста да го напуштиме патот и да се загубиме на некој плоштад одејќи од една страна на друга како во лавиринт кој нѐ фаќа во замка и никогаш нема да не донесе до целта – рече папата Фрањо и нагласи: Ангелот е тука за да ни помогне за да не го згрешиме патот, туку да одиме по него, а во тоа ни помага нашата молитва и молбата за помош.

Господ вели дека треба да го почитуваме присуството на ангелот затоа што е меродавен и овластен да нѐ води – рече Папата и напомена: Слушајте го неговиот глас и не бунете се против него. Потребно е да го слушате вдахновението од Светиот Дух, но ангелот е тој кој ни го носи. Разговарате ли со својот ангел? Го знаете ли името на својот ангел. Го слушате ли својот ангел? Дозволувате ли на патот да ве води за рака и да ве поттикнува на движење?

Присуството и улогата на ангелите во нашиот живот се уште поважни затоа што не само што ни помагаат да одиме во добро, туку исто така ни покажуваат каде треба да стигнеме – истакна Светиот Отец и потсети: Во денешното Евангелие според Матеј пишува: „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен“ (Матеј 18, 10). Во „таинството на ангелот чувар“ се наоѓа и „контемплацијата на Бог Отецот“ за што Господ мора да ни даде благодат за да ја разбереме.

Нашиот ангел не е само со нас, туку го гледа Бог Отецот. Он е во однос со Него. Он е секојдневниот посредник, од моментот кога ќе станеме до моментот кога одиме во кревет, нѐ придружува и е врската помеѓу нас и Бог Отецот. Ангелите се како врата на која секојдневно влегуваме во трансценденција и средба со Отецот; ни помагаат да одиме напред затоа што гледаат во Отецот и го познаваат патот. Да не ги заборавиме тие сопатници на патот! – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот