Папата: Ако Бог е во нашето срце, радоста е потполна

Папата: Ако Бог е во нашето срце, радоста е потполна

Радувај се мала христијанско заедницо, сиромашна и понизна.

Ова трета недела од Божиќниот пост нè повикува на радост – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, во неделата на 16 декември 2018 година и истакна:  Пророк Софонија се обраќа со овие зборови на еден мал дел од израелскиот народ: „Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сè срце, ќерко ерусалимска;“ (Соф. 3, 24) Воскликнувајте од радост, радувајте се, тоа е повикот на оваа недела. „Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израилев, е посреде тебе: нема повеќе да видиш зло“ (Соф. 3, 15).

Бог не казнува, туку простува – рече Папата и продолжи: Според тоа народот нема причина за жалост и обесхрабрување, туку сè води до радосна благодарност кон Бог Кој секогаш сака да откупи и да ги спаси оние кои ги љуби. Љубовта Господова кон Неговиот народ е непрестана, може да се спореди со нежноста на таткото кон децата, свршеникот кон свршеницата, како шо вели Софонија: „Он е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе биде милостив според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни“ (Соф. 3, 17) – рече Папата и додаде: Ова трета недела од Божиќниот пост се нарекува недела на радоста.

Тој апел на пророкот е соодветен за времето кога се подготвуваме за Божиќ, затоа што се однесува на Исус, Емануел, Бог Кој е со нас – рече Светиот Отец. Неговото присуство е извор на радост. Имено, Софонија навестува: „Господ, твојот Бог, е посреде тебе!“ И веднаш после тоа повторува: „Он е силен да те спаси!“ (Соф 15, 17) Таа порака се покажува во својата целосна смисла во моментот на навестувањето на Марија, за кое зборува евангелистот Лука.

Зборовите кои ангелот Гаврил ѝ ги кажал на Дева Марија се како одек на зборовите на пророкот: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! (Лк 1, 28) – цитираше папата Фрањо и објасни: Тоа „радувај се“ го кажува на Марија. Во малото галилејско гратче, во срцето на млада жена непозната за светот, Бог ја запалува искрата на среќа за целиот свет. Денес истото навестување е упатено до Црквата која е повикана да го прифати Евангелието за тоа да се овоплоти, односно да се претвори во конкретен живот.

Евангелието на Црквата и на сите нас ни кажува: „Радувај се мала христијанско заедницо, сиромашна и понизна, но убава во моите очи, затоа што копнееш за моето Царство, гладна си и жедна за правда, трпеливо гради мир, не посакувај да бидеш со моќниците кои се на власт, туку верно остани со сиромашните. И така нема од ништо да се плашиш, затоа што твоето срце ќе биде радосно – рече Папата и напомена: И свети Павле денес нè поттикнува да не бидеме загрижени за ништо, „туку во сè преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бог своите барања“ (Фил. 4, 6).

Свесноста дека во тешкотиите секогаш можеме да Му се обратиме на Господ и Он никогаш не ги одбива нашите молби, е голема причина за радост – рече Светиот Отец и нагласи: Никаква грижа, ниту страв, никогаш нема да успее да го одземе спокојот кој не доаѓа од човечките работи и утехата; тој спокој доаѓа од Бог, од свеста дека Бог со љубов го води нашиот живот, и дека тоа секогаш го прави. Па и сред проблемите и страданијата, таа сигурност поттикнува надеж и храброст.

Но, за да го прифатиме Господовиот повик на радост, мора да бидеме подготвени да се доведеме во прашање – рече папата Фрањо и толкуваше: Токму како и оние кои откако ја сослушале проповедта на свети Иван Крстител го прашале: Ти така проповедаш. А ние што треба да правиме? (Лк. 3, 10) Тоа прашање е првиот чекор на преобраќање на кое сме повикани во ова време на Божиќниот пост. Секој од нас мора да се запраша: Што треба да правам? Нека Блажена Дева Марија која е наша Мјака ни помогне да го отвориме своето срце за Бог Кој доаѓа за целиот наш живот да го исполни со радост – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот