Пакистан: Се киднапираат христијанки и хиндуистки

Случаите на киднапирање девојки од сопствениот дом, кои припаѓаат на верско малцинство за потоа да се присилени на преминување на ислам и мажење, се типични за Пакистан, а овие злодела редовно поминуваат неказнети. Во оваа земја, во моментов не постои никаков закон за присилно преобраќање, истакна адвокатот Садар Муштак Гил, пренесува Радио Ватикан. Според податоците на невладините организации, околу 1000 девојки секоја година во Пакистан се жртви на такви киднапирања. А многу случаи не се пријавуваат затоа што полицајците и судските службеници често се вмешани во тие злодела и се обесхрабруваат да преземат правни чекори.

Верските малцинства се особено ранливи во Пакистан, каде што хиндуистите се околу 2%, а христијаните околу 1,5% од целото население. Неправдите кон нив се чести и институционализирани во државата каде што, според податоците од истражувачкиот центар Pew, 84% од муслиманите го поддржуваат шеријатот како државен закон. Еден таков случај ја вклучува тринаесетгодишната христијанка Сана Џон, која била киднапирана и присилена да премине на ислам во областа близу Саилкот. Бидејќи полицијата ништо не презема ниту откако киднапирањето е пријавено, со нејзиниот случај се занимава пакистанската невладина организација „Живот за сите“. Случаите на киднапирање малолетници на сите им се познати, но судовите и власта ги игнорираат. Во Пакистан жените – особено во руралните средини – се и онака потчинети на мажите, но жените кои припаѓаат на верските малцинства се уште поранливи. Во такви случаи, рече христијанскиот адвокат Гил, семејството на жртвата го пријавува случајот. Киднаперот го оспорува и тврди дека девојката слободно одлучила да премине и да се омажи. Кога девојката евентуално е повикана да сведочи пред судијата, таа под закана и огромен притисок изјавува дека одлуката ја донела слободно. Така случајот се затвора. Жртвите сексуално се злоупотребуваат, присилени се на проституција и дури завршуваат во ропство. Таквите случаи ретко завршуваат со враќање на девојката во своето вистинско семејство, рече адвокатот. Потребно е да се започне со сериозна истрага за да се докаже овој феномен и механизмите кои го поддржуваат. Главниот проблем е што од почетокот на процесот, па до судското сослушување, девојката живее со своите киднапери и поднесува трауми и насилство. На овие девојки им се говори дека тие сега се муслиманки и дека казната за отфрлање на верата е смрт. Поради тоа, организацијата предложила закон со кој би завршило прислиното преминување, но пакистанската Влада не сакала да го усвои. На крајот на минатата година, Министерството за верски прашања и Советот за исламска идеологија јавно и гордо се спротиставија на предлогот на таквиот закон.

к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот