Отец Јосиф: Апостол меѓу македонското население

Отец Јосиф: Апостол меѓу македонското население

Tема на оваа статија е „Отец Јосиф: Апостол меѓу македонското население“. Многу е важно да се знае дека отец Јосиф Алоати делувал и живеел помеѓу нашите претци.

Отец Јосиф Алоати е роден во 1857 година во Виластелоне во близина на градот Торино во Италија. И уште како млад тој грижливо го слушал внатрешниот глас кој му говорел, дека тој еден ден треба целосно да Му се посвети на Бога.

Ако човекот сака да види како е можно да се слуша Божјиот глас, тогаш отец Јосиф е еден добар пример за тоа. Иако тој бил поставен од неговиот дедо да управува со фабриката за свила на семејство, сепак тој со тоа не престанал да го слуша гласот во неговата внатрешност кој му зборува дека треба да Му се посвети на Бога и да го шири Неговото Слово, да го шири Евангелието. Кога тој конечно успева да одговори позитивно на неговиот повик, тој целосно се препушта на Бога и е послушен на луѓето кои биле одговорни за него. Тој влегол во заедницата на отците Лазаристите, а пак во 1882 година бил посветен за свештеник.

Многу интересно, длабоко, и во текот на целиот негов живот ќе го води и ќе се види дека тоа било од длабочината на неговата душа, е неговото гесло кое гласи: „Да љубам, да страдам, да вршам сѐ за Бога и да сакам само тоа што Бог сака.“ И со сигурност можеме да кажеме дека тоа гесло отец Јосиф Алоати се обидувал да го живее секојдневно без разлика на пречките, предизвиците, страданијата со кои се среќавал – тој останал верен на своето гесло и никогаш не помислил да се откаже од него, туку секогаш се трудел и понизувал за да го исполни.

Она што тој го имал како млад, значи повикот да љуби, да страда и да работи сѐ за Бога го следел се до крајот на својот живот.

Понатаму отец Јосиф имал голема желба да стане мисионер и тоа да оди и да работи во Кина, но и тука Божјата промисла била друга. А отец Јосиф бил подготвен да ја исполнува Божјата волја, бил подготвен да го слушне Божјиот глас преку своите настојатели. И така во Париз главниот настојник не му го соопштува името Кина, кое тој сакал да го слушне, туку Солун, бидејќи отците Лазаристи имале и во Солун своја мисија и таму бил потребен млад и ревносен мисионер. Отец Јосиф не се противел туку рекол: „Штом е Божја волја ќе ја прифатам и со радост ќе ја исполнам.“  Отец Јосиф пристигнува во Солун во октомври 1882 година и оттогаш започнува неговата мисија, неговото дело за ширење и навестување на Радосната вест, на Евангелието помеѓу македонскиот народ, тој започнува да го просветува македонскиот народ.

Запишани се и неговите зборови, како тој вели: „Македонскиот народ е жеден за просвета“.

Што правел отец Јосиф Алоати за да можеме ние денес да го наречеме апостол меѓу македонското население, меѓу македонскиот народ?

Бидејќи тој толку многу го засакал македонскиот народ уште на самиот почеток на неговото пристигнување во Македонија веднаш започнал да го изучува македонскиот јазик и затоа живеел кај еден селски свештеник. Затоа се зборува дека македонскиот јазик му станал како втор мајчин јазик и тој го користел и владеел исто како месното население.

Тој ги обиколувал македонските села, го поучувал народот кој бил жеден за Бога, помагал, и воопшто не се штедел самиот себеси. Луѓето во него препознавале еден вистински пастир, вистински татко кој се грижи за доброто на нивната душа и тело. И откако со сигурност се уверил дека Бог го повикал да го помине својот живот помеѓу тие луѓе, тој решил да го жртвува и она за кое бил приврзан во детството, а тоа бил латинскиот или римскиот обред, знаејќи дека месното население припаѓа на црковно-словенскиот или византиско-словенскиот обред,  кој се прима при самото крштение. А отец Јосиф бидејќи бил по потекло од Италија со своето крштение го примил и добил латинскиот или римскиот обред.

Во едно писмо напишано до неговите домашни во 1883 година отец Јосиф пишува: „Да бидеш свештеник, тоа значи да бидеш Венјамин на Исуса. Нема благодат што тој не би ја исполнил, нема молитва која нема да биде слушната. Јас ова го испробав многу пати за време од неколку месеци во мојата духовна служба. Затоа од една страна многу сум радосен за оваа голема љубов на добриот Бог, но од друга страна се срамам, кога размислувам, колку малку одговарам на Божјата поткрепа. Потребно е целосно да станам Македонец. Како може тоа да се случи? Кога ќе го примам расото, но и обредот на Македонците. Е, добро ако е таква Божјата волја, јас ќе ја направам и ова жртва, колку и да биде тешка за мене….“

И понатаму во писмото тој ги моли неговите домашни да се молат за него, да го поддржуваат со молитвите.

Од тука можеме да видиме дека отец Јосиф Алоати бил подготвен да ги направи сите жртви за спасението на своите мили Македонци, тој бил дури подготвен да го промени обредот. А во тоа време да се промени обредот не било едноставно, дури било и со посебни канони на Црквата забрането и само поради големи потреби и причини дозволено. Но, отец Јосиф Алоати направил сѐ за што повеќе да се приближи до македонското население, за тој да стане еден од нив, за да може да им служи света Литургија, за да може да им ги дели светите Тајни и да придонесе за спасение на многу души. И така тој ги направил сите потребни постапки пред своите началници во Рим за промена на обредот и околу Божиќ 1883 година ја добил потребната дозвола за да го прими источниот обред кога ќе биде најдобро време за тоа. Отец Јосиф сакал убаво и добро да се подготви за да ја служи првата света Литургија на црковно-словенски обред.

И така за прв пат тој сослужувал на светата Литургија која била служена од владиката Лазар Младенов во парохиската црква во Богданци на Велигден 1884 година.

За да ни  биде уште појасно и да бидеме посигурни дека со право можеме да го наречеме отец Јосиф апостол меѓу македонскиот народ можеме да прочитаме од неговото писмо напишано во селото Стојаково, каде што во тоа време престојувал, и кое го пишувал до својот собрат во Солун отец Деноа, тој вели: „Нека е благословен Бог! Јас никогаш веќе не би сакал да се разделам од своите мили Македонци, бидејќи гледам дека може да се направи многу добро, ако со нив се постапува како добар градинар. Добриот градинар не се задоволува само да сее, туку треба да ги напојува своите сеидби, за да растат и да дават изобилни плодови. Јас би сакал да бидам тој градинар…“

Замислете си тој отец Јосиф кој во родното место имал фабрика со која можел да управува, имал моќ, имал пари, сега се откажува од сѐ и живее сиромашно, скромно, јадно, и не сака да се раздели од своите како што тој вели мили Македонци. Таму каде што бил поставен за парох во селото Гаваљанци немало ниту колиба за живеење на свештеникот, спиел на една рогоска и имал покривач од груба ткаенина. Спиел заедно со животните. За јадење му носеле јачменов леб, чиста вода, лубеници и дињи, она што имале луѓето кои биле исто така сиромашни.

Во неговите писма јасно се отсликува големата љубов со која ги љубел Македонците, и тој со таква голема љубов и работел и се трудел за спасението на нему поверените души. Апостолската дејност која ја работел се прочула низ околните места и сакале таков свештеник као отец Јосиф, бидејќи тој работел и дење и ноќе, тој исповедувал, ги учел децата веронаука, како и возрасните и старите.

Невозможно е да се зборува за отец Јосиф Алоати, а при тоа да не се спомне и каже, дека тој, можеме да кажеме заедно со неговата родена сестра Еврозија Алоати ја основаат монашката заедница на сестрите Евхаристинки на 21 април 1889 година.Тој молејќи го крсниот пат добива јасно сознание дека треба да основа една нова заедница на сестри, да бидат под заштита на света Богородица и да се нарекуваат Евхаристинки, а пак за прва настојателка да ја имаат неговата родена сестра Еврозија. И овој чин и ова дело јасно зборуваат колку отец Јосиф бил поврзан со Бога, колку тој грижливо ја исполнувал Божјата волја. А Бог такви големи работи им дава само на оние кои се во постојано заеедништво со Него, кој ја познаваат својата маленкост и ја величат Божјата големина, Божјето милосрдие и љубов.

Еве за тоа има многу да се зборува и би било како посебна тема, но бидејќи животното дело на отец Јосиф е толку обемно и богато не е можно сѐ да се каже за кратко време. И Му благодариме на Бога дека е тоа така. И благодарејќи му на Бога и посебно на отец Јосиф, кој толку многу го сакал тоа македонско месно население ние до ден денес ги имаме сестри Евхаристинки.

Отец Јосиф едноставно целиот се предал во служба на Бога и станал алатка во Божјите раце. А да се биде апостол значи токму тоа, да се стане алатка во Божјите раце, да се слуша гласот Негов и да се исполнува Божјата волја. Еве таков бил отец Јосиф, тој бил алатка во Божјите раце и верно до крајот на својот живот го живеел и своето гесло: „Да љубам, да страдам, да вршам сѐ за Бога и да сакам само тоа што Бог сака.“

И ние сме повикани сите да бидеме алатки во Божјите раце и секој да делува и дејствува таму каде што се наоѓа, секој да ја сведочи својата вера со својот живот, како што тоа го правел отец Јосиф и не се штедел себеси, туку се дарувал за другите.

На крајот би сакал сите вас да ве повикам да го следиме примерот на овој голем човек за нас. Да го следиме неговиот пример, посебно во две работи:

Прво: Ако Господ Бог нѐ повикува да му кажеме „да“, еве сум Господи. Твој, твоја сум и потполно Ти се дарувам.

Второ: Она што го правиме да го правиме од љубов кон Господа и ближните, без разлика на предизвиците со кои ќе се сретнеме и среќаваме. Амин.

(Текстот е напишан од о. Ѓорѓи Динов по повод средбата на млади која се одржа во црквата „Св. Никола“ во Секирник на 28 април 2018 година на тема „Отец Јосиф: Апостол меѓу македонското население“, во организација на Општеството на сестрите Евхаристинки)

Молитва за беатификација на отец Јосиф Алоати мисионер-лазарист

Предвечно и животворно Тројство, кое во својата доброта и милост си вдахнал во срцето на својот скромен служител, отец Јосиф Алоати огнена љубов кон пресветата Тајна Евхаристија, херојска пожртвуваност и нескришлив мисионерски дух за Неговото распространување меѓу источните народи, Ти се молиме, дај ни ја благодатта, која од Тебе ја молиме како знак на Твојата доброта кон него. Амин!

Оче наш… Радувај се Маријо… Слава на Отецот…

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот