Октомвриска побожност

Октомвриска побожност

Месец октомври посебно е посветен на Мајка Божја и побожноста Света Бројаница – молитва која многу често не е сфатена или погрешно сфатена, па многумина ја сметаат и за досадна, бесмислена и застарена… А сето тоа е само затоа што не ја познаваме.

Бројаницата е всушност медитација и многу свети луѓе – познати и непознати низ историјата на Црквата дошле до врвот на мистиката и контемплацијата токму преку молитвата Бројаница. Светата Бројаницата го ангажира во молитвата целиот човек – преку размислувањата за таинствата го активира духот, имагинацијата, интелигенцијата, преку трајниот контакт со Марија, нè ангажира емотивно, преку повторувањето на зборовите и тркалањето на зрнцата нè ангажира на некој начин и физички…

Во молитвата Света Бројаница лесно се обединуваат и се препознаваат католиците во целиот свет – таа во секој дел на светот се моли на ист начин и прекрасно искуство е во големите светилишта да се моли со мноштво верници кои истите зборови ги изговараат секој на својот јазик.

Изразот „побожност“ прво значи лично внимание, собраност и предавање на Бог во личната молитва.

Меѓутоа, побожност се нарекува и заедничкиот облик на молитва, кој не е строго литургиски, туку повеќе народен. Со едноставни молитви и вежби (на пример клечење, наклон, и повторувањето на некои молитви некое време и сл.) собраните верници искажуваат почит на поединечни Божји својства или на Исус Христос, Светиот Дух, Мајка Божја или некој светец. Така на пример, постои побожноста Срце Исусово, симбол на Христовата љубов кон човештвото, свети Јосиф и другите светци. Целта на сите побожности е верникот да ја унапреди својата вера и посветеноста на Бог.

Меѓу маријанските народни побожности се „мајската побожност“ и „октомвриската побожност“. Верниците собрани во црквата секоја вечер во тој месец, заеднички молат света Бројаница. Во многу цркви по Светата Бројаница следува вечерна света Литургија. Треба да се додаде и ова дека ова и слични побожносто не се обврзувачки како неделната света Литургија, туку се слободни, доброволни и знак на вечно почитување на Блажена Дева Марија .

Овие богородични побожности имаат вековна традиција и се препорачуваат и денес во многу црковни документи. Октомври е месец на Светата Бројаница. Според календарот на 7 октомври се слави и празникот на Пресвета Богородица од Бројаницата.

Жупа Брестовско/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот